Првата Леди Четерли

/, Литература, Блесок бр. 86/Првата Леди Четерли

Првата Леди Четерли

(извадок од романот)

Извадок од романот Првата Леди Четерли од Д. Х. Лоренс (1885-1930), во превод од англиски јазик на Катица Гароска Ацевска. Последен роман на англискиот автор Д.Х. Лоренс публикуван во 1928 г. Првото издание било приватно печатено во Фиренца. Поради ласцивната содржина, физичка врска меѓу маж од работничката класа и жена од високата класа, како и експлицитниот опис на љубовните сцени, првото англиско издание е објавено дури во 1960 година. *Преводот ќе биде објавен во рамките на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“

Тој ce смешкаше со чудна болка на лицето, a таа гледаше во него очекувајќи го неговиот одговор. „Колку што можев да забележам, како да ce измачуваше поради него во последно време“ – рече тој.
„Да – рече таа. – Чувствувам дека ce ослободувам од него, a потоа ме обзема некој оган, a тоа е…“
„Што?“
„Паркин“.
„Оп?“
„Да“.
„Хм!“
Извесно време размислуваше. „А колку долго трае тој оган?“ – праша тој.
„Не знам. Никогаш не знам“.
„А дали е пријатен или не, мислам огнот?“ – праша тој нестрпливо.
„И тоа не го знам. Тоа е толку силно! Тоа е тој, како cè во мене да ce пали, a огнот, тоа е тој“.
„Хм! И ти сакаш да си со него?“
„Бескрајно“.
„Сакаш ли сега да си со него?“
Таа воздивна.
„Да!“ – рече.
„Хм! Тогаш ce надевам дека наскоро огнот ќе ce изгаси, зашто стануваш здодевна“.
„Како да го изгасам, со вода?“
„Мислам дека вљубените луѓе ce здодевни, но очигледно е дека ce забавни, како хор од убавици. Ха, ха, ха!“ – ce насмеа тој малку извештачено и нерасположено ce повлече во аголот на софата.
Таа седеше молкум, со рацете во скутот, заборавајќи на везилото.
„Мислам дека трудна жена, која болно размислува за човекот од кој затруднела, е тажна слика – рече тој. – Зошто не одиш кај твојот Оп кога го чувствуваш тоа за него? Зошто не опкаш и не цупкаш со него?“
„Тој работи во железарницата“ – рече таа.
„Значи, тој е голем шутрак! Секој шутрак што денес ропски си ja заработува платата е будала. He губи си го времето со него! Опа-цупа. Колку заработува неделно?“
„Педесет и пет шилинзи“.
„Ха, ха, ха, ха! Замисли го бесмртниот оган што ce дава под наем за педесет и пет шилинзи неделно. Прометеј за два пени на час! Оп за два долари на ден! Колкава сума имаш ти годишно?“
„Петстотини годишно, приближно“.
„Па зошто не го откупиш?“
„Тој не може да ce откупи“.
„Ќе биде продаден, но нема да биде откупен… Оган или не, ce плашам дека Оп е будала. Да сум јас на твое место, ќе ce напијам варен јачмен и ќе го изгаснам огнот“.
„Тој вели дека е луд на свој начин“.
„Навистина вели така? Тогаш мора да е многу луд. Замисли, самиот ce фали дека е луд! Ха, ха, ха! Ми ce мачи од такви луѓе! Опови, опацупковци. Знаеш ли што ги мачи луѓето денес, мене, тебе, сите нас, вклучувајќи го и Оп?“
„Што?“
„Стерилен и бајат егоизам што нè одделува од cè. He е тоа себичност. Сепак, себичноста е еден вид нагон. Тоа е егоизам, целосен и самоволен. Co бледиот, модерен егоизам ние сме си како песок меѓу забите еден на друг и раска во очите еден на друг. Секој со своето ситно, сопствено его, како зрнце песок. He е само семето на Абрахам како песок на морскиот брег, туку тоа е секој од нас. Како зрнцата песок од цела Сахара, јалови, егоистични, мали индивидуи јачат, како што јачи песокот кога го триеш: ‘Алелуја! Еве ме! Убав сум, извонреден, прекрасен ЈАС!’ И, правејќи ce дека луѓето ги цениме според нивните вистински вредности, ние го поддржуваме разговорот. ‘И скакулецот ќе стане товар и желбите ќе исчезнат!’ Некаде сум го прочитал овој цитат. Мислам дека е точен. He само што скакулецот е товар, туку и божјата овчичка е товар, што не е човекот лично. Cè што не сум јас лично, cè ми е товар. A желбата исчезнува, фала му на Бога, така што зрнцето песок е само, со сите други зрнца песок. Јас лично! Само ЈАС! Па сите тие луѓе што наоколу држат говори и нè прелеваат со сируп за да нè замесат во торта од песок, колач од песок, тоа ce најсмрдливите егоисти, го истураат своето его врз човекот како лепило за птици“.
Констанца седеше и го слушаше тој бран од зборови.
„Да верувам во Бог, би сакал да ме уништи. He би ce чувствувал достоен да живеам во овој свет“.
„Но богот на љубовта ќе одбие да те уништи – рече таа. – Ќе мораш да ce уништиш самиот себе или да најдеш друг излез“.
„Точно! Точно, тоа би го сторил. Јас сум зрнце песок на љубовниот океан! Ich, armer Tropf1F – Навистина, не можам да замислам дека ти вистински го сакаш Оп. Тоа е само твоето его. А уште повеќе, неговото его. Ти ќе ѝ ласкаш на неговата суета. Простите луѓе се десетпати повообразени и поегоистични од нас. Ако не можат да бидат тоа, тогаш тие ce подли. Ние барем држиме до нашето достоинство. A тие ги пуштаат од синџир шугавите пци на своето Јас да мочаат на секоја врата. Оп е еден од нив. Го открив тоа од неговото писмо. Судијата ми одреди условна пресуда во бракоразводната парница, небаре судијата му подарил сребрен пехар за натпреварување. Тој е еден мал егоист, како и сите други. Ce обложувам дека е подмолен; тој не би сакал да биде татко на идните Четерлиеви. А божествениот пламен значи дека твоето сопствено его смислува некоја нова мала итрина. Ми ce чини дека ти мислиш оти можеш своето его да му го наметнеш на Оп; дека тој е оној едноставен, страстен човек што ќе ти дозволи да му ce наметнеш. Тоа обично значи љубов; трескав и возбудлив обид на еден човек своето его и својата волја да му ги наметне на друг човек; иако, обично, жената е поуспешна во наметнување на својата волја и на своето ЈАС на мажот. Претпоставувам дека ти сакаш тоа да го сториш со Оп! Тоа со Клифорд повеќе не е забавно. Тој е ковчесто, старо птичиште, a клунот и канџите му ce остри колку и твоите во секоја пригода, така што можете само да скокате околу trouvaille2F на домашната мрша како чифт стари брачни врани.
Ти мислиш дека Партриџ3F, или како му е името, е помрсен залак за чувствителност и за потчинување. И ако не успееш да постигнеш апсолутна победа и соединување, можеш барем да воспоставиш протекторат од чиста добронамерност. Ако воопшто нешто знам за рударите и за леарите, тогаш ти си загризала тврд орев на егоизам каков што ce раѓа во нашиот цврст егоистичен свет. Тврд како неговиот челик и речиси исто толку чувствителен! Тој ќе направи парада од својата маленкост, а од тебе ќе го извлече тоа што го сака – и тогаш баста!4F Збогум, кукле, морам да те оставам“.
Констанца седеше и везеше насмевнувајќи ce и слушајќи го внимателно секој збор што Данкан го изговори. Сето тоа беше совршено добро, многу мудро и вистинито. Но, секако, како и сите други вистинити приказни што не го погаѓаат човека во најслабата точка, беше многу забавно. Таа не беше повредена, зашто беше толку очигледно дека Данкан беше отворен и огорчен.
„Се сеќаваш ли на Волтер? – го праша таа. – Скромноста исчезна од нашите усни и најде засолниште во нашите срца! Тоа е мојата пародија што личи на мојот случај“.
Ce свитка на софата како змија во клопче.
„Ќе најде полна куќа – рече тој. – Во неа ќе нема повеќе место! Твоето его е во твојата куќа, во твоето срце, така што во него нема ниту едно делче каде што би ce вовлекла скромноста“.
„Има крилја – рече таа. – Може да ce спушти на рамката од креветот“.
„И да ce мешколи во твоето око. Ce надевам“.

Во недела наутро појде на прошетка со Данкан, со неговиот мал двосед. Данкан беше извонреден возач и уживаше да вози брзо. Ce упатија во покраината Пик.
Додека минуваа низ Таверсхол, некој ја поздрави. Потребна ѝ беше цела една минута додека ce снајде. До свеста ѝ допре појавата во морнарскосино палто и црна шапка кога автомобилот веќе заминуваше. Ce заврти. И тој ce заврти. Беше тоа нејзиниот Оп, како што го викаше Данкан.
„Застани! Te молам, застани!“ – рече таа брзо.
Данкан притисна на сопирачките.
„Што е?“ – праша.
„Сакам да поздравам некого“.
Автомобилот запре на работ од тротоарот, a Констанца ce заврти. My мавна на Паркин, a тој полека ce доближи до автомобилот поздравувајќи ja со црната шапка. Покрај топлината што ja чувствуваше кон него, на Констанца ѝ се чинеше малку смешен, прилично низок, прилично здрвен, со своите ужасни мустаќи и внимателни движења. Смешно човече, внимателно и вкочането, со чувство за сопствената храброст. Кога сексуалната магија ќе замре, речиси секоја жена го гледа својот човек во ваква светлина, светлина на својата надмоќ полна презир. Само сексуалната топлина прави мажот и жената да ce поднесуваат еден со друг. Сведени на голата индивидуалност, на посебниот егоизам на модерниот поединец, еден во друг гледаат непријател. Жената, која денес, од некаква причина, ce чувствува победник, откако мажот своето оружје го предал во нејзини раце, му ce потсмева на својот машки партнер; додека мажот, свесен за тоа дека својата предност ѝ ja препуштил на жената, a нема сила да ja врати, жената ja смета за смртен непријател.
Констанца ce наведна од автомобилот гледајќи го Паркин со своите крупни очи. Нејзиното зацрвенето, привлечно лице беше меко и заштитнички нежно и неодоливо го привлекуваше. Во исто време, таа во своето срце го имаше затворено потсмевот што го чувствуваше кон него.
Ce чувствуваше победоносно! Така! Мораше да дојде во Таверсхол и покрај онаа ужасна жена. Констанца не одговори на неговото кусо писмо. Сметаше дека сторила доста трчајќи по него. Ако некој мора да трча, овојпат нека биде тоа тој.
Дотрча. He е чудо што длабоко во срцето му ce потсмеваше. Нејзината моќ беше поголема од неговата. На крајот на краиштата, мораше да дојде, да дотрча беспомошно како пес по кучка. Неговото работничко лице беше бледо и вкочането. Таа ce загледа во него со мајчинска грижа на лицето и со потсмев длабоко скриен во срцето.
„Какво изненадување што те гледам! – рече таа. – Кога дојде?“
„Утрово. Помислив да видам како е Алберт сега, кога господата ловат“.
„О, ce снајде. Годинава има пет ловџии, слушна ли, вклучувајќи го и сер Клифорд…“
„Аха. Ми рече мајка ми“.
„Ова е господин Форбес – можеби веќе си го видел? Но тој не е ловџија“.
Паркин го поздрави Данкан гледајќи го проникливо со ситните, намуртени, црвенокафени очи. Констанца многу добро ги познаваше тие очи. He ѝ веруваа. He ѝ ce покорија. Кога од желба ќе ce раширеа и ќе ce разгореа, тогаш ja сакаа. Но кога повторно ќе ce собереа, тогаш не ѝ веруваа, не ja сакаа. A сега болно ѕиркаа. Чувствуваше мајчинска нежност кон нив.
Но мајчинска нежност ги обзема само градите на жената. He слегува длабоко во изворот на нејзиното битие. Таму, во тие длабочини, може да продре само нежноста на непознатото и топлиот зрак на човекот, мажот кој го сака. Длабочините ce мрачни, a модерните жени обично ce затворени, толку многу затворени и толку совршено заѕидани што никој не насетува дека нешто такво навистина постои. Само, од заѕиданата длабина допираат тешки лелеци и непознати болести.
Длабочините на женственоста на Констанца беа затворени, a таинствениот порој на нејзиниот копнеж беше запрен. Живееше од својата надворешна, површинска, мајчинска женственост. Сакаше да го сожалува Паркин и да биде мајчински грижлива кон него задржувајќи ja исконската женственост затворена, a таинствениот порој што без престан струи меѓу мажот и жената, заѕидан. Тоа е поројот на желбата што без престан може да тече тивко и длабоко, несвесно, само повремено разбрануван во бескрајната, страсна желба што урива cè пред себе. Поројот на желбата е порој на самиот живот. Тоа е она што нè соединува. Тоа е дури она што еден народ го чини народ; блага, невидлива желба на луѓето што ce врти во круг, како пчели во кошница. Всушност, тоа е некаква несвесна, жива желба што ги соединува луѓето во поројот на животот. Таквата желба, што грубо ja опишавме како слобода и демократија, е основниот порив што толку долго ги носеше Англичаните во порој, во живо остварување на желбите. Ce чини дека сега таа желба е мртва, како мртва матица на пчели.
Кај Констанца – таа го знаеше тоа – силниот наплив на длабоки желби беше секнат. Нејзините мајчински чувства повеќе беа површни, под силен надзор на нејзиното ЈАС. Подлабока желба беше нејзиното буење што го загрозуваше нејзиното битие. Ако дозволи тоа буење залудно да надоаѓа, тогаш cè е загубено.
Нејзиниот Паркин! Да, нејзината желба потече кон него. A тој? Што е тој? Ограничен мал човек и ништо друго. Вистина, имаше повеќе таинственост, повеќе човечност од Клифорд. Но тој, Клифорд, никогаш од неа не барал порој од нејзини длабоки желби. He ja ни посакуваше. Сестринско другарство, мајчинска грижа – да, инаку ja оставаше да биде слободна.
Клифорд ѝ даде слобода. Додека тој, Оп, ѝ поставуваше барања на нејзината женственост.
„Ќе дојдеш ли со нас? – го праша таа ненадејно, отворајќи ja вратата на малиот автомобил и канејќи го да влезе. – Има место за тројца. Ќе ce стиснеме. He ce лутиш, Данкан, нели?“
„Ни малку – рече Данкан. – Ти одлучуваш“.
„Ja не можам внатре!“ – рече Паркин, отстапувајќи и обѕрнувајќи ce по селото.
„Зошто не? Да беше Алберт, ќе влезеше без да размислува. И кој било друг“.
„Не, не смеам да влезам“ – повтори решително Паркин.
„Па, прошетај до паркот покрај Стекс Гејт, a ние таму ќе те почекаме, сакаш ли?“ – го праша таа.
Тој ja погледна со своите вкочанети, намуртени очи. Беше свесен дека му ja наметнува својата волја. A сакаше да дојде. Некоја чудна болка, што му ce читаше во очите, го натера да одлучи да ce сретне со неа.
„Не би требало! Го знаете тоа!“ – рече тој тивко.
„Ех, глупости! Постојано ce плашиш. Ќе те чекаме таму“.
„Па! Ќе дојдам колку што можам побрзо“ – рече тој и благо ce насмевна.
A таа ликуваше во срцето забележувајќи колку ja посакува, колку копнее да биде покрај неа.
„Немој премногу да брзаш“ – рече таа загрижено.
Тој ce заврти и полека ce упати кон портите од паркот, a Данкан го стартуваше моторот.
„Оп, ce разбира“ – рече Данкан.
„Да!“ – одговори Констанца.
Седеше и размислуваше. Низ рацете и низ нозете, низ целото тело ѝ минуваа морници при самата помисла дека ќе седи до неа.
„Штета што ги има тие црни мустаќи и што има дупка меѓу забите – рече Данкан – инаку би бил привлечен човек. Би рекол, доволно привлечен за да ѝ направи дете на некоја жена“.
Констанца не одговори. Беше љубоморна што ќе биде присутен и Данкан. Го сакаше Оп само за себе.

Превод од англиски: Катица Гароска Ацевска

#b
1. Ich, armer Tropf (герм.) – Јас, кутра будала (заб. на прев.)
2. Trouvaille (франц.) – среќно пронајден предмет (заб. на прев.)
3. Partridge (англ.) – еребица; алузија на името Паркин (заб. на прев.)
4. Basta (итал.) – доста (заб. на прев.)

АвторД. Х. Лоренс
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 86|