Празниот модел и тажната кралица

/, Литература, Блесок бр. 13/Празниот модел и тажната кралица

Празниот модел и тажната кралица

Најпосле, она што Шкловски го остава настрана е – зошто на А не му е возвратена љубовта и зошто А престана да сака? Примерот што го зема Шкловски, а кој зборува за човековата променливост и грешност, зборува и за нешто повеќе од она што со тоа се сакало да се каже. Не е претставена само една схема на односи, кои ја даваат новелата, туку и една скица на карактери, кои го даваат книжевниот лик. Каква личност е тоа којашто час сака, час не сака и каква личност е тоа којашто не сака додека е сакана, а засакува тогаш кога веќе не е сакана? Или, тоа е опис на модерниот човек и на бесмисленоста на неговата апокалиптичка чувственост? Со овој и ваков избор на пример, не кажа ли Шкловски, случајно, и нешто што, всушност, не го мислеше, а тоа е: каков е современиот човек? Бидејќи, едно е романтичната иронија на љубовта, потребата во попреченоста да се постигне нејзиното апсолутно дејство, за вечноста да изгледа трагично: мртвата сакана, засекогаш разделените љубовници, сето тоа е потврда на љубовта. А во оваа схема се вели, како модел на заплет, А и Б не се сакаат еден со друг тогаш кога се сакани. По романтизмот, човекот доживеа важна антрополошка модификација, па еротскиот сензибилитет денес најдобро се препознава како еден вид апсурдно недоразбирање со самиот себеси, а не во трагичната длабина и патос на романтичната иронија на љубовта. Според тоа, во ова отклонување што го гради заплетот, не покажа ли Шкловски едно композиционо, сижејно начело, кое обезбедува цинично дејствување на човековото одрекување од самиот себеси и од вистинската љубов, дејствувањето на негативната проекција на страста којашто ја придвижува љубовниот занес?
Последиците за мислата за кнжевноста, меѓутоа, беа далекусежни и разорни по однос на. Оној момент кога смислата на односот меѓу А и Б се претвори во тоа дека она што ги придвижува едното и другото битие веќе не е во непосредна врска, туку дека сè останува апсурдно избегнување, сижеен цинизам, тогаш заплетот, како книжевнотеориски поим, се ослободува од општествената смисла. Според тоа, заплетот останува надвор од логичкиот ред на причини, бидејќи општествените односи и светот на животот служат само за тоа да се оствари таквиот заплет, а не обратно.
За подобро да се видат овие последици, ќе ни помогне мислењето за заплетот и сижето искажано надвор од методолошките рамки на современата мисла за книжевноста. Кога за истиот проблем, исто така во дваесеттите години од овој век, ќе се проговори од една поинаква школа на мислење, која книжевноста не настојуваше да ја оддели од општеството, се добива сосем поинаков модел. Станува збор за познатата Форстерова дефиниција на заплетот – значи, организацијата, градењето на сижето – од Видови на романот. „Умре кралот, а потоа умре и кралицата“, вели Форстер, „тоа е приказна“. Но, „Умре кралот, а потоа кралицата умре од тага“, тоа е веќе заплет, бидејќи е воспоставена нужната логичка врска меѓу настаните. Кралицата умре од тага бидејќи го сакаше кралот, а тоа речито сведочи за тоа каков е нивниот брак, какво е општеството во кое кралицата не е приморана да живее со кралот од династички причини, итн.
Каква е логичката врска во примерот што го наведува Шкловски? Како да станува збор за две апсурдни суштества, а не за луѓе што нешто ги поврзува; сепак, за да можат да се сакаат, макар и да се заљубат во погрешно време, тие мора да имаат способности коишто ќе ги засакаат во оној другиот. Бидејќи Шкловски изнесува пример што го анализира, зборувајќи за схемата на односи меѓу А и Б, Пушкиновото дело, сосема е јасно кои се причините за ваквите односи меѓу Онегин и Татјана, и Шкловски добро ги познава, но му се чини дека токму смислата на тие односи е она што мора да се изостави. Причините, врзани за карактерот на јунакот, и односите на ликовите на ликовите во општественото опкружување се жртвувани за да се добие неутрален сижеен модел. Во оној момент кога се одрекува од јунакот и општеството, Шкловски мораше да ја отфрли и љубовта, со што книжевноста е осудена на модел, на една состојба во која љубовта не постои. Меѓутоа, меѓу Онегин и Татјана љубовта постои, но не како во овој приказ на апсурдно разминување на некои А и Б. Моделот на мислење бара да се напушти сето она што е важно во животот и со самото тоа се обврзува на поразителна антрополошка слика. Антрополошкиот аспект на мислата за книжевноста разоткрива една книжевна методологија развиена врз отфрлувањето на општествените односи и на карактерните, психичките својства, на самите врски меѓу вљубените со кои, во сижејниот модел и во мислата за книжевноста, страда она што ја претставува љубовта. Мислењето што не гледа дека во љубовното сиже кралицата мора да умре од тага за да опстане трагичната големина на љубовта, пропушта да согледа и во толкувањето да го искористи она што и во книжевноста и во животот е најдобро она што го прави човека битие, кое може симболички да се изрази и чиј симболички израз заслужува внимание.
Љубовта беше среќна во антиката, бидејќи вљубените на крај се пронаоѓаа еден со друг, како што е среќна во бајката, каде што херојот и хероината секогаш на крајот ги чека среќен исход. Љубовта, таква, среќна и остварена, се претвори во плен на нижите жанрови, бидејќи карактерот на современиот човек веќе не обезбедува основа за такво прикажување на среќен крај. Антропологијата на човекот на модерните времиња покажува едно фрустрирано битие со едно исто такво мислење, така што му е потребен моделот на сижето за апсурдно неостварената љубов. Не само поради тоа што сижето со среќен крај е препуштено на тривијалните жанрови, ами многу повеќе поради тоа што современиот свет веќе не ја препознава нужноста за среќен љубовен крај, на мислата за книжевноста & останува големата дилема за тоа како литературата повторно ќе завладе со човековиот симболички простор. Прашањето може да се постави и вака: зарем нема да биде нужно да се пронајде една нова форма во која љубовта ќе биде нужна, а среќниот крај – неминовен?
Затоа мислата за книжевноста е пред предизвикот на крајот на методолошката ера, а тој може да се претстави – во овој случај – и како антрополошки предизвик на среќната љубов. По сè изгледа дека тој предизвик ќе се види во еден стар клуч, значи не во еротската возбуденост, ниту пак во сексуалната слобода, кои можат да се подразберат, туку онаму каде што силата и моќта на љубовниот занес упатуваат на едно подлабоко единство на вистината, добрината и убавината, кое сè уште му е еднакво неодоливо и на женското и на машкото битие. Наместо поразителна методологија, мислата за книжевноста мора да трага по симболичките корени, по една нова визура на книжевната антропологија, која моќно зборува за квалитетот на душата на една кралица, која може да умре од тага по својот починат крал. За тоа својство на душата може малку да се каже и во постструктурализмот, и во феминизмот, новиот историцизам или постколонијалната критика. Тагата на кралицата, од деконструкционен аспект, би морала да се изневери себеси во книжевното дело и да открие некоја пукнатина во која смислата на тагата се преобразува во нешто друго, или во својата спротивност; за феминизмот, тагата на кралицата би била неподнослив пример за патријархална фалусократија, во која на жената останата без маж ѝ е намената само таква судбина, да умре, небаре без него и нејзиниот живот не е вреден; постколонијалната критика би укажала на европоцентризам во кого тие нужно се бел крал и кралица, а кралот можеби умрел од маларија по посета на колониите, и сл., сè додека целата приказна не се претвори во методолошки однапред зададената слика; за новиот историцизам, тагата на кралицата би покажувала како општествената моќ и положба на кралското семејство се впишуваат во текстот што говори за неа и каква е културната поетика на таа тага, што е најблиску до уште еден пресуден чекор, кој бара во книжевната антропологија да се толкува она што културната поетика почнува да го обележува, да го картографира, во еден поширок цивилизациски систем. Затоа, мислата за љубовта и книжевноста ја отвора портата на едно ново толкување на книжевните творби, во кое треба да се изгради книжевната антропологија.

Превод од српски: Сузана В. Спасовска

АвторАлександар Јерков
2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 13|