Празниот модел и тажната кралица

/, Литература, Блесок бр. 13/Празниот модел и тажната кралица

Празниот модел и тажната кралица

Љубовта и мислата за книжевноста во дваесеттиот век

За да се зачне книжевноста, онаква каква што ја познаваме во нашиот цивилизациски круг, но и книжевноста воопшто, мора да се исполнат многу предуслови. Кога за тоа размислуваат, историчарите и теоретичарите на книжевноста, филозофите и естетичарите се склони кон тоа да им придадат големо значење на своите проучувања. Меѓутоа, во светот во кој живееме денес, резултатите од нивното размислување би имале многу помало значење ако со векови не траеше илузијата за неопходноста од таквиот вид мислење. Затоа толкувачите на книжевноста се грижливи чувари на оваа традиција, но крајот на дваесеттиот век ги доведе во мошне тешка позиција. Тие денес личат на некои нови схоластичари: знаењата никогаш не биле толку усовршени, а општествената потреба за нив – никогаш толку мала, ако сè уште постои. На прв поглед, се чини дека сме сè поблиску до вистината на сопствената умешност, уште малку па би можеле да одредиме од кој „пол“ се ангелите на книжевноста – сета среќа што се прекрасни женски души – и колку нежни ангелски тела можат да се довикаат и да се сместат во „врвот“ на еден стих, веќе сме подготвени да утврдиме и детално да опишеме какви се наративните „силогизми“ во кои се гледа мислата на раскажувачот и како се докажува функционирањето на книжевната структура, сè уште одлично расправаме за тоа како се одлучува читателот меѓу два еднакво примамливи „слоја“ на значење, и така натака… Сето тоа се познати, за оваа пригода само малку приспособени мотиви на дамнешната схоластика, па сепак толку убедливо звучат како циничен опис на сознанијата насобрани со толкувањето на книжевноста. Онака како што се гаснеше важноста на схоластиката како стил на мислење така денес изумира еден стил на критичкото мислење за книжевноста. Се гаси едно поколение толкувачи, кое себе и своите задачи ги сметаше за мошне достоинствени, дури и поради тоа што го трасираше патот на сопствениот крај, и се гаси еден вид мислење бидејќи истекува рокот на неговата општествена неопходност.
Па сепак, со разни сознанија е исполнет овој тежок и непријатен век во кој човековата самодоверба се најде пред многу страшни предизвици отколку што тоа некогаш биле дивите орди од Исток, на кои создателот небаре со еден груб потег на сунѓерот им ги бришеше цивилизациите или ги прекројуваше нивните контури исцртани на мапата на светот. Кога станува збор за книжевноста, поминат е огромен пат за да се разбере како од ритуално и митско значење зборот стигна до уметнички израз и како уметничкиот израз од привилегиран чувар на возвишената смисла стана пример за добро пишување. Но со тоа не заврши сè, така што во овој век книжевниот израз повторно се врати на секојдневното. Во секојдневието, спуштените книжевни средства дадоа моќни алатки за реклами и маркетинг или се сведоа на безизразните форми на бестселерите и на книги што се читаат во метро.
Далеку сме од почетокот на книжевноста и од основните прашања што притоа се појавуваат, а без кои ниту одговорот за односот меѓу книжевноста и љубовта, па ниту односот на современата мисла за книжевноста спрема проблемот на љубовта не може да постои. Причината поради која љубовта не е пресудна тема на современото мислење може да се разбере дури тогаш кога ќе се појде во пресрет на античката книжевност. Хомерското прашање, таа стара недоумица, воопшто не ја нарушува изградената слика за корените на западната книжевност, со една низа во која на прв поглед не можеме да се посомневаме: Хомеровите епови, јонската лирика, атинската драма; односно митот, историографијата и филозофијата, па потоа дијалошката проза и раниот љубовно-авантуристички расказ. Кога ќе се утврди редоследот, кажано е нешто повеќе од чиста хронологија, се кажува како нештото нужно проговорило и упатува на тоа дека од еден духовен домен се стигнувало до друг, од еден уметнички израз до друг. Не само што на овие прашања денес ретко се бараат одговорите, бидејќи се чини дека во современоста затекнатиот збир од книжевни жанрови и уметнички изрази е небаре некој нужен збир којшто веќе нема да се менува, туку и на старите дилеми полека се заборава, онака како што се напушта хоризонтот на хуманистичките прашања во проучувањето на литературата. Методолошкиот самрак на поетиката ги замрачи основните прашања, а особено она што е можеби единствено важно: чуму поетика воопшто. На ова прашање, меѓутоа, не може да се одговори од позиција на самата современост, бидејќи современоста никогаш не е целосна и поради тоа тешко може да ги разбере сопствените причини и последици. Оттаму, мислењето за современите појави секогаш мора да посегне во минатото, па ниту мислата за книжевноста на дваесеттиот век и нерешливите тешкотии во кои се наоѓа не можат да се разберат доколку не се согледа како настанале тие тешкотии.
Книжевната мисла, која наспроти сите предизвици инсистираше на една важна цел – да го открие уметничкиот облик на книжевноста и со тоа да си обезбеди свое место меѓу теориските и критичките вербални жанрови, ја напушти идејата за целината во која единствено можат да се разберат смислата и целта на тој облик. Во исто време, мислата за книжевноста, по правило, пропушта да согледа дека самиот начин на нејзиното расудување премногу се однесува на прашањата одредени од традицијата на која ѝ припаѓа, а многу помалку на можностите, кои предметот на нејзиното проучување ги остава отворени. Тоа е прифатливо сè дотогаш додека традицијата се сфаќа широко, но кога мислата за книжевноста ја признава својата традиција само како мислење за книжевноста, тогаш предметот на проучување толку се ограничува така што се губат основната смисла и цел на проучувањето.
Од Платон и Аристотел, да не ги споменуваме оние што се чинат помалку значајни, па до денес, книжевноста, по правило, се сфаќа само на еден начин: или како вербален облик или како општествена функција на естетското дејство. Можеби затоа полесно се заборава сето она што отсекогаш можело да ја предупреди кризатас во проучувањето на литературата и да ја ограничи денешната потреба да се доведе под прашање која и да е извесност на тоа проучување. Постструктурализмот, деконструкцијата, феминизмот, новиот историцизам, црната естетика – сето тоа, всушност, не е порадикално од оној предизвик на проучувањето што доаѓаше од Ниче и Хајдегер, дури и од Адорно и Хорхајмер, но изгледа се смени правецот, векторот на преиспитувањата, па така заедницата толкувачи на книжевноста се најде изненадена бидејќи не мора на книжевноста секогаш да гледа од иста јазична и формативна перспектива. Ситуацијата, меѓутоа, дури сега стана алармантна, бидејќи сомневањата не се јавуваат во недостиг на толкувања, туку поради нивно изобилство во кое сериозното промислување полесно пропаѓа. Меѓутоа, постои ли некаква скриена можност за да се проговори за книжевноста на поинаков начин? Да речеме, поинаква претстава од онаа што ја прави Хегеловата тријада мит-религија-филозофија, која во книжевноста се обликува како мит-религија-книжевност, па тогаш значењето на книжевниот облик и на книжевниот израз остануваат врзани за заборавот (Хајдегер) или за трагата (Дерида), за симулацијата (Бодријар) или за изместувањето (Фуко), за расколот (Лиотар) или за демобилизацијата (Слотердајк)…

АвторАлександар Јерков
2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 13|