ПО ПОВОД ЕДНА МОШНЕ НЕОБИЧНА АНТОЛОГИЈА

/, Литература, Блесок бр. 103-104/ПО ПОВОД ЕДНА МОШНЕ НЕОБИЧНА АНТОЛОГИЈА

ПО ПОВОД ЕДНА МОШНЕ НЕОБИЧНА АНТОЛОГИЈА

ПО ПОВОД ЕДНА МОШНЕ НЕОБИЧНА АНТОЛОГИЈА


(Дај две, љубовни: антологија на нашите омилени песни од автори од Европа: љубов; концепт Жарко Кујунџиски, реализација Кристина Велевска, Скопје, Антолог, 2015)

„Љубам, значи постојам“ – вака некако би гласела варијацијата на прочуената Декартова девиза видена низ призмата на антологијата Дај две, љубовни. Нешто слично изјавува и Јулија Кристева во својот есеј „Пофалба на љубовта“, каде што читаме: „Ако е жив, нашиот психички живот е вљубен. Ако не е вљубен, тогаш е мртов“ (Kristeva, 2011: 21). И затоа, бидете вљубени! Треба секогаш да се биде вљубен. „За да не го чувствувате страшниот товар на Времето што ви ги крши плеќите и ве свиткува кон земјата“ (Бодлер, 1996: 123), треба да бидете вљубени без престан. Но во што? Во поезијата, во музиката, или во самата љубов, според вашата волја. Но бидете вљубени – да ја парафразирам Бодлеровата култна песна во проза „Опивајте се“ која се чини илустративна и за феноменот љубов.

Љубовта претставува умеење, нѐ учеше и Ерих Фром, исто како и животот: „Доколку сакаме да дознаеме како се сака, (…) мораме да го сториме тоа како кога сакаме да совладаме кое и да е друго умеење: музиката, сликарството, дрводелството, умешноста на медицината или на инженерството.“ Но, „и покрај длабоко вкоренетата желба за љубов, речиси сѐ друго се смета за поважно од љубовта“ – продолжува Фром: „Успехот, угледот, парите, власта – речиси целата своја енергија ја трошиме за да сознаеме како да ги постигнеме овие цели, а не правиме речиси ништо за да овладееме со умеењето на љубовта. Зар вредно за труд се смета само она со што можеш да стекнеш пари и углед, а зар љубовта – која ѝ користи ‘само’ на душата, но која не е корисна во современата смисла на зборот – претставува луксуз на кој не треба да се троши многу енергија?“ – реторички прашува Фром (Фром, 2006: 13-15).
Антологијата Дај две, љубовни во издание на „Антолог“ ни ја нуди тријадата: поезија, љубов, музика, како своевидно „свето тројство“ на нашите малечки, трошни животи, зашто, само на тој начин, преку споментите „умеења“, ќе можеме да го оствариме копнежот за возлет кон бескрајот… Се работи за една, во многу нешта, необична и специфична антологија, составена според концептот „нарачка“ од авторите и соработниците на „Антолог.“ Како што се нарачува пијалок во кафуле или омилено јадење во кафеана. Четириесет и осум домашни и странски поети, раскажувачи, есеисти и преведувачи се автори на оваа антологија. Но, авторството на антологијата не завршува овде; оваа антологија има и други автори: на мета-ниво, тоа се авторите на песните застапени во неа, а на некое трето ниво, автори се и препејувачите на песните (кога се работи за песни на други јазици). Кога на сето ова ќе се додаде и авторот на оригиналната идеја за антологијата и нејзината реализација, добиваме групен портрет, еден комплексен, хибриден и многулик Автор. Затоа, оваа антологија е една мошне необична антологија.

Отсекогаш ме провоцирале авторските избори; но најчесто, станувало збор за избор од сопствениот творечки опус. Овој пат, авторите бираат свои омилени песни од други автори и на тој начин, се промовираат вредностите на Другите, домашни и туѓи, и со тоа оваа антологија добива едновремено и национален, и еден интернационален, универзален белег. Поконкретно, таа е обоена со еден европски „шмек.“ Се вкрстуваат тука блиски сензибилитети, слични вкусови, „избори по сродност…“ На страниците на оваа антологија „водат љубов“ стиховите на Шекспир, Торквато Тасо, Превер, Деснос, Неруда, Лорка, Песоа, Есенин, Цветаева, Рицос, Амихај, Левчев, Керол ен Дафи…, но и на Константин Миладинов, Блаже Конески, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Игор Исаковски, Џеси Блејз и многу др.

Познато е дека на љубовта нов облик ѝ подарија германските романтичари, пред нив француските витези и трубадури, кои, пак, само ги преобликувале одгласите на чувствата на арапските освојувачи на Шпанија. Токму Арапите важеле за најрафинирани љубовници на светот уште од приказните за 1001 ноќ. Што се случува денес во арапскиот свет? Војна наместо љубов. Очигледно, на денешниот свет (не само на арапскиот), му треба потсетување на оној подзаборавен, во име на слободата промовиран идеал на хипи-движењето од 60-тите години на минатиот век кој гласи: „Водете љубов, не војна!“ Дали денес ние, модерните варвари, ја изгубивме вербата не само во љубовта, туку и во уметноста на нејзиното изразување?! Дали можеби во срцата на денешните луѓе цинизмот ја замени романтиката?! „Историјата на љубовта не е некое одлучно свртување кон поголема слобода, туку пред сѐ, некаква осека, тек или вител, со периоди на смирување“ – смета Теодор Зелдин (Zeldin, 2006: 90). Можеби денес љубовта е само флуидна (како што вели Зигмунд Бауманво истоимената студија), зашто и самите сме жители на едно флуидно модерно општество?!

Вистина е дека единствено љубовта и уметноста се способни да ѝ се спротивстават на општата ентропија која владее во надворешниот свет. Затоа ги сакаме знаците што ни ги испраќаат уметноста и љубовта, затоа и имаме потреба од љубов и од уметност. А уметноста, и тоа онаа вистинската, конкретно, поетската, ја има во изобилство на страниците на антологијата Дај две, љубовни.

Честа да го направат изборот љубовни песни за оваа антологија им припадна на цела плејда автори од Александар Кујунџиски до Татјана Громача. За жал, споменувањето на сите 48 автори е „невозможна мисија“ во оваа пригода. Она што е интересно, тоа е припадноста на застапените поети на речиси сите европски земји: од Грција на Југ до Ирска и Исланд на Север и од Турција на исток, до Шпанија (Канарските Острови) и Португалија на Запад. Оваа антологија ја исцртува географската карта на Европа, таа е Европа во мало или поетска Европа и тоа онаа најсофистицираната можеби, со љубов обединета. Зашто, исто се љуби и на македонски и на ирски, и на турски и на француски јазик. И сите ние, сеедно дали сме Македонци, Шпанци или Романци, Германци или Руси, сме „питачи на љубовта“, како што вели нашиот доајен Блаже Конески во една своја песна. Тоа е истиот оној, речиси болен копнеж кој толку маестрално го изразил и Георг Хајм во стиховите:
Љубов, љубов, каде си?
Каде си, сакам да те сакам.

Несомнено, љубовта промовира еден вистински хуманизам од највисок вид.
Љубовта и поезијата се две сестри-близначки. Поезијата се остварува во постела, исто како и љубовта – вели Андре Бретон во арс-поетичката песна „На патот за Сан Романо.“
Како што телото
трепери
во љубовта,
зборовите треперат на хартијата

– би додал Томаж Шаламун. Знаците што ни ги испраќа поезијата (и уметноста воопшто), по аналогија на знаците што ни ги испраќа и љубовта, нè ослободуваат од одговорноста да ги толкуваме; во знаците можеме да се изгубиме, како услов да почнеме да уживаме во читањето, впрочем, исто како и во љубовта. Љубовта, како и поезијата и воопшто уметноста (особено музиката) е, веројатно, најуниверзалниот јазик на светот.
Тоа не е збор.
Тоа е светот низ кој одиш без запирање
лет кон животот

– според стиховите на шпанската поетеса Сесилија Алварес Гонзалес.
Антологијата Дај две, љубовни, претставува вистинска поетско-љубовна гозба подготвена не од великиот Платон, туку од културниот центар „Антолог“. Со љубов за љубовта, на стиховите од антологијата возвраќам со стихови, на убавината – со убавина, и тоа со онаа „грчевита“ убавина за која сонуваа некогашните надреалисти, како вистински пандан на животот. Одбрав едно тристишје (во духот на тријадата поезија-музика-љубов со којашто и ја започнав својата беседа за антологијата Дај две, љубовни) од нашиот поет Богомил Ѓузел од неговата збирка-првенец Медовина (објавена во далечната 1962). Еве ги стиховите:
Кој свири? – водата
кој цути? – снегот
кој патува? – ѕверот на љубовта.

Литература:

  • Бодлер, Шарл. 19 „Опивајте се“, во: Златна книга на француската поезија (избор, препев и придружни текстови: Влада Урошевиќ). Скопје, Детска радост, стр. 1
  • Бауман, Зигмунд. 20 Флуидна љубов (превод: Василка Пемова). Скопје, Слово.
  • Дај две, љубовни: антологија на нашите омилени песни од автори од Европа: љубов. 20 (Концепт: Жарко Кујунџиски, реализација: Кристина Велевска). Скопје, Антолог.
  • Ѓузел, Богомил. 20 Котвата на рамо (избрани песни 1), Избрани дела, том Скопје, Независни писатели на Македонија.
  • Zeldin, Teodor. 20 Intimna istorija čovečanstva. Beograd, Geopoetika (prevod: Robert Rakočević, Olga Sabo).
  • Kristeva, Julija. 20 “Pohvala ljubavi”, vo: Ljubavne povesti (prevod: Mira Žiberna). Sremski Karlovci, Novi Sad, Izdavačka knjižarnica Zorana Stojanovića, str. 7-
  • Фром, Ерих. 20 Уметноста на љубовта (превод: Катерина Лазаревска). Скопје, Ѓурѓа.
2018-12-19T12:45:41+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 103-104|