Потрага во себе

Потрага во себе

(Игор Исаковски, „Пливање во прашина“, Блесок, 2010, 236 стр.)

#1 Игор Исаковски е писател кој прозните вредности што решава да ги достигне ги реализира на многу едноставен начин – интензитетот на неговата творечка моќ е така силен што со минималистички вовед во приказната и со неколку реплики во состојба е вешто да ја поведе нарацијата и да направи пресврт во неа. Нешто слично се случува и при креацијата на ликовите во неговите дела – тој со неколку едноставни потези ги доловува во нивната специфичност и индивидуалност. Овие вредности на неговата проза најдобро доаѓаат до израз во неговиот роман „Пливање во прашина“, првпат објавен во 2005 година. Поставувајќи ја за мото мислата на познатиот македонски писател Живко Чинго „Кога сум на пат, јас знам дека живеам“, авторот пишува еден вид романескен пандан на road movie (а да не заборавиме дека впрочем овој филмски жанр потекнува од романескната уметност, можеби од познатиот роман на Керуак), преку кој многу остро и прецизно претставува слика за едно време, за еден вид односи и преплетувања во кои неговите ликови го прифаќаат својот свет во мигот кога тој свет нив ги отфрла – станува збор за почетокот на крајот на дваесеттиот век, и за почетокот на крајот на една држава, на почетокот од деведесеттите, во една од тогашните републики на Југославија – Хрватска. Така, кога станува збор за категоријата „авантура“, прилепена до овој текст, тоа значи дека оваа одредница треба да се сфати условно и во наводници. Станува збор за еден вид суштински испразнета „авантура“ преку која грчот на главниот лик во комуникацијата со другиот, взаемното неразбирање на некој чуден начин се трансформира во солидарност или разбирање од повисок ред. Парадоксалноста на вака поставената ситуација е во тоа што главниот лик во романот, во ваквиот сиров и сив контекст успева преку својата наративна но и животна позиција да постигне нешто што би можело да се нарече жестоко спротивставување на баналноста на секојдневието и од таквите ситуации да извлече дополнителна книжевна, но и животна вредност и мудрост.
Оттаму и романот на Исаковски може да се чита во „клучот“ поставен од Милан Кундера во „Уметноста на романот“: дека романот претставува истражување на можностите на егзистенцијата во едно конкретно време и на еден конкретен простор. Игор Исаковски ги истражува крајните капацитети на можноста текстот да опфати и дефинира еден свет кој ги губи своите контури и ги губи своите вредности.
Станува збор за роман во чиј фокус е идејата на потрагата и ја кажува добро познатата поента – секоја надворешна потрага всушност претставува потрага во себе, патот кон надвор и кон Другиот истовремено е и пат кон сопствената внатрешност и потрага по самиот себе. Таквата потрага во „Пливање во прашина“ се одвива во едно преломно време и во еден простор на кој војната веќе се насетува, и на чиј Танатос авторот ги спротивставува Еросот и комуникацијата. Романот на Исаковски е доказ не само за сублимираните искуства кои човечкото суштество или го кршат или го препородуваат, туку и за моќта на авторот тоа свое животно искуство да го претвори во романескен подвиг.

Купете ја книгата

2018-08-21T17:21:02+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 71-73|