Последната прозорска жирафа

/, Литература, Блесок бр. 18/Последната прозорска жирафа

Последната прозорска жирафа

Сликовен речник за петгодишници и постари (извадоци)

Прозорската жирафа беше сликовница од којашто учевме да читаме кога не знаевме како се чита. Веќе по малку читав, но тоа сепак морав да го учам, затоа што училиштето затоа и постои. Прозорската жирафа ни го откриваше светот по азбучен редослед. Сè си имаше рима и значење, и симболичко и секојдневно. Од таа сликовница научивме дека сонцето изгрева на исток, дека нашите срца се на лево, дека великата Октомвриска револуција била во ноември, и дека светлината влегува низ прозорецот, дури и кога е затворен. Прозорската жирафа беше преполна со седмоглави ламји, самовили, ѓаволи и принцови, и ни кажуваше дека тие не постојат. Запомнив четири вида змејови коишто не постојат, а и три принца. Слог по слог, прозорската жирафа нè учеше да читаме меѓу редови. Ja земавме здраво за готово, како мечето на ТВ пред спиење. Никој не помислуваше да се сомнева во неа. Прозорската жирафа беше прозорска жирафа. Прозорската жирафа е моето детство, собата за преслекување, основно образование; а растеше постојано, секогаш влегувајќи во подобро доба, меко диктаторство, мојата домашна задача, мојата невиност, мојата генерација. Прозорската жирафа е книга, а јас бев еден од ликовите. Дваесет години подоцна, кога ме запрашаа, сфатив дека првите и последните зборови, алфа и омега, се прозорец и жирафа1F… Да. Прозорецот е почеток, светлината влегува низ прозорецот, жирафата е крај на бескрајноста, надреализам, огнени жирафи, вечно ќе живееме! Еден лексикон што го содржи она што било изоставено.

Париз си има своја жирафа. Ја видов на разгледница. Таа се вика I-fell-tower (се чита Ај фил тауер = чувствувам кула, кула што чувствува, заб. прев.). Жофи Брунер ми ја прати откако со родителите избега во Франција, па после учеше да чита од француски буквар. I-fell-tower има долг врат, четири нозе, и ужасно многу прозорци. Тоа е и жирафа и прозорец едновремено, а има и убаво име, возбуда и ветување собрани во едно, ветувањето за ненадеен скок, конечниот раскин со погледот од жабја перспектива, којшто експресниот лифт во внатрешноста го деградира на ниво на технолошко прашање. Жофи и самата по малку личеше на жирафа, освен што немаше ни прозорец ни експресен лифт во себе. Експресниот лифт ми беше в грло кога таа, со нејзините кибритчести нозе, потскокнуваше кон мојата клупа и ми даваше да ја помирисам нејзината миризлива гумичка. Ја минав целата ноќ во екстаза на вежбање слогови. Буквите надоаѓаа кон мене како мачји очи на темен пат. Следниот ден, Жофи избега. Нашиот учител ни кажа, дека неочекувано морале да заминат. Можеше да рече „откинати во цутот на младоста“, како што тоа го правеа водачите на Партијата. Миризливата гумичка остави неизбришлив траг во моето срце. Подоцна откривме дека воопшто не бил празник кога таа ја прати I-fell-tower како замена за неа самата, којашто беше токму како прозорска жирафа, освен што имаше барем малку значење, под услов да можете да читате меѓу редови.

Ова е првото нешто на коешто се сеќавам од моето детство: јас ползам на сите четири, а во градинката е време за одмор. Завесите се изабени, месечината сјае врз белите прекривки. Тоа не може да е месечината, никогаш не сме биле в градинка ноќе. Ползам на сите четири под креветите, исплашен дека ако другите се разбудат, ќе се разбудам и јас. Сам сум, речиси фиктивно дете, балансирам на крцкавиот паркет, трошки од леб ми се забиваат во колената. Толку сум мал, никој не ме гледа, јас си го ријам патот низ огромната соба, се чини дека тоа го правам со часови. Си го пробивам патот низ белите чаршави, обидувајќи се да ги одбегнам рацете и нозете што висат. Мали мртви ангели. Формации крзнени облаци се издигаат кон минатото, педофилски рај, меки прсти, дупчиња во образите, кадрави коси. Токму така! Некој доаѓа од под креветот, нашите глави се судираат, но од чаршавот не можам да го видам ликот. Давење во вратот, жежок здив. Учителките доаѓаат, бели чорапи и бели влечки, ние ползиме под креветот, една мала рака ја позема мојата мала рака, испотена дланка. Хуу!

Историската зграда на врвот на ридот Шаш, каде што одев на училиште, била манастир пред да биде промовирана во образовна институција. Кога дошле Германците, салата ја пренамениле во свој штаб: тоа е местото каде што е уапсен воениот командант на Будимпешта. Салата потоа беше наша вежбална, трчавме во кругови меѓу нејзините историски ѕидови, час по историја во став стој-на-глава. Маѓарите стапнаа на патот на народите, рече човекот со навосочени мустаќи, мене тоа ми звучеше добро. Се обидоа да се прошетаат по степата со парче ’рбет на коешто во рунско писмо беше издлабено „Унгарија“, но никој не можеше да го прочита. Скок преку коњот и колук при доскок. Според господинот, постои огромна површина на пуста земја којашто се протега од Тихиот Океан до Великата унгарска рамница, од Амур до Дунав, повеќе или помалку, со Маѓарите на едниот и Гулазите на другиот крај, и затоа е подобро да внимаваме како се однесуваме. Ќе нè плеснеше со обете раце, за да не губиме рамнотежа, тоа беше златната средина. Јас повеќе сакав да се искачувам по јаже или да истрчам два круга, нема повеќе помагање, рече тој, и се надвисна над мене со сета своја висина – тој само сакаше од мене да создаде чесен Маѓар. Нешто не беше како што треба, тоа го знам, бидејќи ако се земе предвид дека јазикот ни беше единственото богатство коешто не ни го беа одзеле – зошто ме тераа да молчам, да учам историја помешана со анатомија, патриотизам измешан со граматика, солидарност помешана со обрасци. Накусо, Маѓарите дошле пред илјада години, и сè уште доаѓаат, и засекогаш среќно ќе доаѓаат. Никој не знае од каде доаѓале, или каде оделе, а оној кој што знае не е во право. Или не е вистински Маѓар. Или не е чесен. Маѓарот е обвиткан во мистерија, инаку ќе изумре. Маѓарот не се истакнува, тој изгледа како и секој друг, тој со леснотија се приспособува каде и да е, со единствениот исклучок на Унгарија, каде што не може, поради заедничкиот јазик. Унгарскиот е малку и српско-хрватски. По малку е без своја земја. Тој маршира по патот на нациите, пред себе терајќи огромни стада, и постојано е во војна. Одзади, спротивниот ветар донесува џиновски шлаканци в лице. Мојата слика за Маѓарите, којашто потекнува од проучувањето на Карл Мај и панорамата на Фести, ги спојува прогресивните традиции на дивиот запад и на дивиот исток. Маѓарите живееле како каубои, а се бореле како Индијанци. Тие собирале старини многу пред Големите Откритија. Кортез и Писаро се потомци на Лехел и Булчу… Маѓарските Индијанци го започнале нападот врз Средниот век, задржувајќи го на полпат како некоја поштенска кочија, јавале околу него дерејќи се и исфрлајќи стрели врз секој којшто ќе си ја покажел главата. Тие дури ги нападнале и Викинзите и Мурите, ограбувале манастири, и мајка ѝ ебавале на Европа, иако со тоа не треба да се гордеат. Не е тоа причината што ова го споменувам. Потоа тие погледнале кон Атлантикот и сфатиле дека пасиштата си имаат граници, не можеш туку така само да јаваш по земјината топка кревајќи ја на нозе со дерење, треба и океанот да се мине. Не им останало ништо друго освен да се качат на поштенската кочија, но седнале врз тркалата. Карпатскиот Басен некогаш бил океан; да сме стигнеле на време, можеби ќе бевме биле морепловци. На нашето сопствено море, не на историското, не толку натопено со крв, не како морепловци во изнајмена викендичка.

Пионер, тоа сум јас! Храбар и смел. Од што би требало да се плашам? Моите дваесет и пет килограми се утопија од месо. Моето знаење постојано се таложи, среќно и доброволно, токму како пријателството меѓу народите. Пионер, ете што сум. Тип, тип, тип – тап, тап, тап. Помагам сегде кај што можам. На тебе, и на тебе, и на сите вас! Не си западнал во неволја туку-така. Јас сум одлучен како довербата што ми е доделена, како довербата што ни е доделена на сите нас. Едно затегнување на мојата вратоврска и реакционерите се разбегуваат, цимолејќи по целиот пат накај дома.

Дванаесетте точки на Пионерите, споредени со Десетте заповеди, одразуваат описен поглед на свет. Тие ја проектираат исполнетата иднина пред вашите очи. Пионерот е потполно совршено суштество и така се однесува. На пример, секогаш ја кажува вистината – шеста точка. Претпочитам да го примам Новиот Завет во кој било ден. Ако на тебе фрлаат со камен, ти возврати со леб: баш убаво, кога на создателот ќе му пресушат идеите, борбите со храна се секогаш некаква опција, и тогаш настанува бурлеска. Но, што ако Пионерот рече дека сите Пионери се лажговци? Бидејќи, секој знае дека Шохар кажува измислици, дури и ако има црвена шамија и свирче. Свирчето е убаво, но Шохар не го заслужува. На крајот, мораме да признаеме дека Пионерот е само човек. Ова би можело да биде тринаесеттата точка. А сепак, толку е очебијно дека за ова не е потребна засебна точка. Тринаесеттата точка останува неизговорена. Сите ние имаме слаби точки. Јас, на пример, украдов една логичка игра и ја скрив во чорапите. Во тоа време бев само Мал Тапанар и родителите ме натераа да ја вратам, но секој можеше да види дека навистина се горди, бидејќи во тие светло-црвени триаголници и кругови тие ја видоа синовата незгаслива жед за знаење. Што се однесува до крадењето, за него не постоеше одделна точка: тоа беше вградено во системот.

Бев девствен, но тоа не ми пречеше. Немав поим. Светот беше црно-бел, можевте да го гледате на ТВ. Сè уште е пред мене: продолжение во финалето помеѓу Холандија и Аргентина, поврзувањето на Бадер-Мејнхоф и Солјут-Аполо, смртта на Кралот (не знаев кој е Елвис, но тате беше столчен од болка), експлозијата на гас во Жана, вулканските облаци над врвот Света Елена, унгарскиот лет во вселената, и светскиот шампионат во Рубикова коцка во Будимпешта. Спортот беше возбудлив во црно-бело, на бокс-меч требаше да ги броиме линиите на чорапите на боксерите. Дури се сеќавам и колку линии имаше девојката со којашто првпат излегов, не сум сигурен за бојата на нејзините очи, ја гледам во црно-бело. По првиот бакнеж, моите родители купија колор ТВ, и се покажа дека Холанѓаните се жолто-портокалести, Италијанците сини, а тука се и зелените и црвените ѓаволи, само Германците останаа црно-бели, како да се казнети. Нивната земја беше поделена на две, исто така. Речиси ги жалев.

Време за капење кога има вести. Од време на време мајка ми ќе погледнеше дали сум добар. Тате гледаше ТВ во дневната соба. За да ме заштитат од лагите, тие мораа да ги знаат сите детали. Можев да ги чујам воздишките на мајка ми – каков русвај правам во кадата, го поплавувам станот. Јас нуркав. Под водата слушав глас што ми кажуваше што се случило во светот во текот на денот: отворени се нова градинка и олимписки базен, МТК го победил Фради со 2-1. Немав поим кој е тој што ми испраќа пораки на овој начин, ниту пак зошто, но јасно беше дека имаат некој план со мене, бидејќи исто така ми кажаа какво ќе биде времето. Следниот ден можев да распознаам неколку гласови во кадата, коишто укажуваа на некаква организација. Овој начин на комуникација ми се чинеше логичен. Јас не можев да им праќам пораки, зашто под вода не се зборува, а тие со мене можеа да стапат во контакт само за време капење, без за тоа да знаат моите родители и учители. Не разбирав зошто на организацијата ѝ е толку важно да ги имам деталните информации за најновите воени игри во Полска, или кои Трансдунавски паланки се здобиле со статус на градови, но знаев дека ако обрнам внимание, порано или подоцна ќе ми дадат знак. Мојот живот се стекна со подлабоко значење под водата. Кога една недела мајка ми ми ја миеше косата, и, не сомневајќи се, ми ја турна главата под вода, пријатен женски глас ми шепна на уво дека градот ги уништил посевите. Веднаш знаев што очекуваат од мене, и да бидам искрен, не приговарав. Да се направи голема белја. Откако ќе заминев в кревет, имав обичај во темнината да војувам против подморници и воени авиони, понекогаш завршував на подот, и само поради мојата песја упорност на крајот победував. Од тој ден, го саботирав развојот на нашата народна демократија како вредна пчеличка. Земјотресите, енергетските хаварии и експлозиите на гас ми го одбележуваа патот. Според информацијата којашто ја добивав во кадата, ги открив локациите на воените цели. Кога се отвораше некоја фабрика или термо централа, јас бев таму и знаев што да правам. COMECON нервозно потцупнуваше зад железната завеса, не знаејќи дека јас сум тој којшто ги кастри гравовите стебленца.

Во 1956, на петстоттата годишнина од победничката битка кај Nándorfehérvár2F, Будимпешта е растрелана во парчиња. Со помош на новите сцени, Советската армија ја оживува традицијата од ’44. Градот е ишаран со дупки, дупки на ѕидовите од куќите, дупки помеѓу куќите, нови дупки коишто се мешаат со старите, и без разлика дали куќата изгледа онака како што изгледа поради опсадата или поради револуцијата, поради ’44 или ’56, станува постојана тема за разговор; може да е ’44, зградата е нова, не, не е, тоа е типичен Баухаус, зарем не ја гледаш заоблената тераса? Потоа паѓа снег и ги покрива дупките, потоа паѓа уште снег, и новиот снег се меша со стариот, и никој веќе не знае да каже кој снег ги покрива сите тие дупки, а луѓето чекаат снегот да се растопи, зашто вечен снег ја беше запоседнал земјата. Четириесет илјади големи, и неколку милиони помали дупки. Будимпешта е град на дупки. Јас сум роден во овој град на дупки, на ѕидот во болницата имаше дупки од куршуми, дупки и имаше во надгробните камења. Два метри долга змија се вовлече во гробот на баронот Мано Шванберги Кручина (и на неговата жена Маријана), баш пред мои очи. Баронот почина во ’56, неговата жена во ’44. Дали тоа била класна борба, или каменорезецот бил пијан? Потоа надгробната плоча исчезна, и на нејзиното место остана дупка. Потоа, наместо дупка, нов гроб. Можевте да го следите кругот на дупките. Куќата во којашто живеевме беше изградена врз дупката којашто останала по куќата на баба ми, а како дете, татко ми си играл во кратерите од бомби во градината. Големите дупки беа заменети со куќи, помалите беа користени како ѓубришта. Расипаните ТВ приемници и правосмукалките стоеја во купишта на крајот од градината, информациско ѓубриште на Ридот на Ослободувањето. Во една од дупките најдовме рачна бомба, па дури и таа имаше дупка. Некој ја имаше одвртено детонирачката каписла. Се качувавме по ѕидовите и ги брцавме прстите во дупките, и со затворени очи се обидувавме да ги замислиме куршумите. Современата историја на Будимпешта, напишана со Браевата азбука. Будимпешта не може да се види со очите, само со прстите, може да се види само низ нејзините дупки, да се прочита меѓу редови, хиероглифи големи како ѕидови, епски и лирски варијации, воени графити, прости еротски пораки, испревртена архива.

#b

1. На унгарски, прозорец е ablak а жирафа е zsiráf. Верувајте ми на збор.
2. Денешен Белград, а во тоа време (1456) унгарскo утврдување против Турците.

АвторПитер Зилахи
2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 18|