Посвета на Јадранка Владова

/, Литература, Блесок бр. 40/Посвета на Јадранка Владова

Посвета на Јадранка Владова

– наместо вовед –

Јадранка Владова ја запознав пред скоро десетина години. Иако и претходно неколку пати ја имав видено, како студент, на заедничките предавања, тогаш за првпат разговарав со неа. Седнавме на кафе во нејзиниот омилен хронотоп и проширен дом, Старата скопска чаршија. Кога ѝ кажав дека сакам да пишувам за нејзините раскази во мојот магистерски труд, се израдува и се возбуди повеќе од мене. Зборувавме за расказите, за животот, за она што го прочитала, оти јас тогаш мислев дека во нејзините текстови ги барам другите автори, другите текстови, позајмиците, трагите на она од неа прочитаното, чуеното, виденото, примисленото…
Јадранка ми објаснуваше и посочуваше, ми даваше одговори на поставените прашања, а јас се обидував да запишам сè. Разговорливо, таа во своите раскази ми ги откриваше Кафка, Бертран, Достоевски, но и детските приказни, игрите на броење, рецептите на домаќинките… Сето тоа, и уште она другото што тогаш не ми го кажа, туку јас подоцна (мислев дека) самата го открив, го напишав во оној дел од трудот посветен на нејзините раскази.
По одбраната, со Јадранка се гледав ретко. Белешките што ги направив од нашиот разговор одамна ги фрлив, а магистерската никогаш во целост не ја објавив. Кога пред некој ден разбрав дека веќе ја нема, сфатив дека со неа се немав слушнато со години. Не се сеќавав на сето она што сум го напишала за неа, ниту пак на она што тогаш, во чаршијата, ми го кажа за себе како писател. Но, се сетив на реченицата со која тогаш ме испрати, откако со индигнација одби да ми дозволи да платам за кафето. „Никогаш немој да правиш компромиси со себе.“ ми рече, ме гушна, и замина во правец спротивен од мојот. Сама.
Сега веќе сеќавајќи се на неа, ме обзеде некое мачно чувство, скоро вина, дека јас всушност воопшто не сум ја запознала како човек. Тоа чувство ме натера да го препрочитам она што за неа одамна сум го напишала. Читајќи го своето писание за нејзините раскази, сфатив дека сите оние нешта што во нив ми се чинеле како „други“, „туѓи“, „инакви“, се всушност сосема нејзини… Расказите беа топли и едноставни, на места таговни, напишани со зборови на еден посветен читател кој не направил компромис со себеси како писател.

Дали навистина човек може да разбере повеќе за писателот ако го познава него или ако ги чита неговите книги? Еве како јас ја познавав Јадранка:

2018-08-21T17:21:34+00:00 јануари 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 40|