Поетски пат кон хармонијата

/, Литература, Блесок бр. 74/Поетски пат кон хармонијата

Поетски пат кон хармонијата

(Viera Prokešová: Ihla. Dunajská Lužná: Milanium, 2005)

#1 Вера Прокешова е присутна во словачката книжевна средина веќе триесет години, но нејзиниот поетски биланс е прилично скромен. Четири тенки поетски збирки, многу повеќе преводи, а притоа уште и голем број чесно и професионално одработени редакторски ангажмани. Тие четири тенки стихозбирки, сепак, мошне јасно го потврдуваат следното: Вера Прокешова беше и до денес е поетеса – промислувачка, воздржана и умерена во изразот. Нејзиниот поетски лик би можеле да го доловат поимите „зборовна аскеза“ и „трпеливост“, но исто така и цивилниот израз и тематиката на секојдневието. Таа е поетеса која стои малку на страна од гласовитите поетски иницијативи, но затоа пак е поетеса со сопствен лик и со постепено профилиран, продлабочуван индивидуален ракопис.
Патот на Прокешова кон интимното рамниште на сопствениот поетски стил изгледа на прв поглед спокоен и директен, небаре на него не се наоѓаат никакви драматични кривини. И од чисто формален аспект, нејзината книжевна појава беше целосно во сооднос со тогашното време: најпрво почетнички песни објавувани во списанија во половината на седумдесеттите години, а потоа долго чекање на појавата на дебитантската збирка. Во 1984 година на Вера Прокешова ѝ излезе книгата Туѓа со што стана јасно дека добивме авторка, која поезијата ја сфаќа како изразување на чувствувачка рефлексија на животот. Добивме насмеана млада жена, како што ја претставуваше фотографијата на корицата од дебитантската стихозбирка – млада жена полна со виталност – чија лирика, како што тогаш подвлече книжевниот критичар Валер Микула „не извира од сладоста на светот, ниту пак од себе-насладата (…) Нејзиниот извор се наоѓа попрво во извесната незабележливост на чумите во светот кои демнат да нè зграпчат во своите канџи; поезијата на В. Прокешова се претставува преку радосното претресување на сложеноста, преку пацифирачката доверливост, која сепак никогаш не потпаѓа на ниво на досадна доверлива исповед. Не станува збор за тоа дека авторката сака да ни го покажува својот попривлечен лик – бидејќи тоа навистина не го прави, туку станува збор за тоа што нејзиниот субјект е во преродбенска смисла толку лирски што успева самиот, со своето книжевно битие, да ни го открие попривлечниот лик на светот“.
Тоа што го означи дебитантската збирка – лирското изразување на чувствувачкиот и на доживувачкиот свет на чувствителната жена – изразно се заостри во следните книги: Сончоглед (1988), Синџирче (1992), Тен (1998). И во нив Вера Прокешова ги артикулира различните видови на женската субјективност. Во читателската себе-идентификација на авторскиот и на лирскиот субјект се изразува самата себеси при што од првичната неконфликтност постепено преминува кон погорчливите и помачните расположенија. Младешката виталност и спонтаната радост од животот со текот на времето се надградуваат со животното искуство – искуство на жената во позицијата на асиметричната партнерска врска, каде што мажот е само гостин кој доаѓа и заминува, па иако е очекуван во просторот во кој зачекорува – тој постојано останува туѓ. Тој нема прегледност во просторот, не го владее него, можеби и поради тоа што не учествувал во неговото заедничко создавање. Таквиот облик на партнерска врска се развива низ целото поетско творештво на Вера Прокешова и станува нејзина одново преживувана базична ситуација. Мажот влегува во просторот населен и распореден од жената, во просторот што е силно интровизиран, но влегува таму однадвор, само како посетител. Изразот „туѓ маж“ сокрива во себе многузначни конотации, ама неспорно е притоа тоа што лирската „невеста“ на Прокешова „не сонува ништо со туѓиот маж“. Затоа овде повеќе станува збор за дефицитите и за неприсутноста, отколку за надежта и за очекувањата, станува збор за тоа – што на жената „ѝ недостасува во таа врска“. Кон затвореноста и кон извесниот азил на внатрешниот свет на жената, исто така, се надоврзува и честиот мотив на станот, на ентериерот за живеење, кого константно го ограничуваат два просторни елементи: стаклото од прозорецот и завесата. „Зад завесата што искри – расте светот“, пишува Прокешова во една своја песна, но од таквиот „растечки свет“ за неа станале интересни само фрагментите, одломките, светлечките блесоци. Токму со нивна помош, поетесата го реконструира надворешниот свет – преку неговите делови во сооднос со убедувањето дека целосната слика за него постои единствено во неа самата.
Уште во првата поетска книга, Вера Прокешова ја избра како исходишна – темата на обичноста и на секојдневноста. Во нејзината призма, сепак, зад секојдневноста се скрива животната сигурност, сфатена како постојаност на поредокот на нештата и на врските. Бидејќи е секојдневно и обично, кажано со нејзините зборови, тоа е „сетне она што ќе остане после сè“. Исто така, уште од самиот почеток во нејзините песни е читателно чувството на извесно недефинирање, неприпаѓање, па можеби и на извесна исклучителност на лирскиот субјект – како жена која не знае односно не сака да се идентификува со надворешната нечувствителност. Како жена која во песните ја открива личната сензитивност (избувливост, импулсивност, нетрпеливост) со што впрочем и се конфронтира со заживеаните културни норми на женското однесување, со социјално конструираната дефиниција на женскоста. Сепак, таа не го прави тоа егзалтирачки и силно, туку спокојно и тивко така што придушеноста станува стожерен тон на нејзиниот поетски дискурс. Подеднакво карактеристична е и тенденцијата кон заокруженост, слевање, заобленост и небаре дури и кон извесна мекост – ваквите квалитети веројатно најпрецизно ги истакнува зборот растегливост, кој самата Прокешова во неколку наврати го користи за точно претставување на ситуацијата. Во нејзиниот лирски, чувствувачки регистер имаат свое стабилно место и тагата, поматеноста и колебањата; од втората збирка во која тематски претежнува врската помеѓу жената и мажот, нарастуваат осаменоста и копнежот за среќа, а подоцна уште и празнотијата. Независно од сето тоа, поезијата на Прокешова не прозвучува депресивно – доминантен е тука позитивниот и урамнотежен однос кон животот. Едноставно, Вера Прокешова пишува поезија полна со нега, чувствителност и спокојство, секогаш барајќи го патот кон хармонијата што воедно претставува и посебна црта на нејзината поетика. Иако со тек на времето сè повеќе и повеќе се насочува кон рамништето на носталгичната нега и напуштеноста, дури и она што е без утеха тажно кај неа, на крајот на краиштата, делува како хармонично сталожено, а исто така и тегобниот поглед најпосле станува умерен и плашлив.
Сепак, ако е нешто суштински описен знак на поезијата на Вера Прокешова, тоа е фактот дека поетесата во континуитет и внимателно се стреми подлабоко да го восприеми светот. Интимизираноста до која стигнала, притоа, ја предава цивилно ненасилно, декларативно, понекогаш дури и строго: нејзиното поетско творештво се одликува со тематска зацврстеност и со изразна економичност. Вера Прокешова им излегува во пресрет на чувствата, се набљудува себеси, но го набљудува и светот околу себе. Нејзиниот однос кон стварноста се одликува со примање на нештата во процесот на нивниот тек; таа е отворена за евиденција на промените, доаѓањата и заминувањата, при што постојано потсвесно и небаре во под-текстот ги бара одговорите на прашањата што ги носат животните промени. Нејзината поезија претставува рефлексија на врските и на дробните расположливи моменти. Таа израснува од моментот, од пргавоста на мигот, инспиративен станува за неа и малечкиот детаљ од животната реалност. Основата на оваа поезија е чувството, атмосферата, расположението, емоционалната состојба, споменот, набљудувањето на природните и на неупадливите нешта. Благодарение на тоа, нејзините песни донесуваат и дескрипции на расположливите размислувања за љубовта, за партнерските врски, за личниот живот. Чувствителната нежност тука обично се конфронтира со надворешното невреме (во смисла на дождливото, влажно време; чести мотиви се дождот, снегот, водата), типично е и меланхоличното расположение. Фините импресии од кои се создава ликот на поетесата, во суштина, претставуваат едно: тие го трасираат патот на потрагата на толку многу потребната емотивна сигурност. Понекогаш во нив резонира и декоративната стилизација на средината или на ситуациите од кои може да се претчувствува извесното влијание врз авторката од преведувачкото искуство со кинеската поезија. Тогаш Прокешова инсценира простор што ѝ станува кулиса за фини сензуални манипулации. А, во созвучноста со природата и со психичката состојба односно расположение може да се види, исто така, типолошка блискост со делата од поетскиот симболизам.
Уште во дебитантската збирка од 1984 година, поезијата на Вера Прокешова беше означена за „величествено женска“. Женскоста се докажуваше со отменоста и со кревкоста на песните, со предаденоста кон животот и кон деталите. Таков карактер има нејзината поезија сè до денес. Без позначајни промени во поетиката, но со извесно продлабочување на погледот кое е предизвикано од наталоженото животно искуство, Вера Прокешова останува постојано „вкочането свртена кон себе“. Нејзиниот култивиран поетски говор ја сместува во редот на престижните современи словачки поетеси.

Превод од словачки јазик: Звонко Танески

АвторДана Кршакова
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 74|