Поетите кои украдоа кајче во Струга

/, Литература, Блесок бр. 117/Поетите кои украдоа кајче во Струга

Поетите кои украдоа кајче во Струга

Поетите кои украдоа кајче во Струга


Само што завршив со лесна вечера во Хотел Дрим – каде се сместуваа поетите од фестивалот, и одев кон Паркот на поезијата – кога еден бразилски поет Марсио Андре се појави зад мене трчајќи со две лименки пиво. Мислев дека ќе лумпуваме и пиеме пиво цела вечер. Напротив, седевме на клупа зад едно дрво посветено на Пабло Неруда и размислувавме за еден стих – тагите немаат клупи за да се успокојат од една поема на Ендре Русет која ја беше прочитал пред публика претходниот ден. Бразилецот кој секогаш беше на мисија одеднаш излета со идеја да украдеме кајче од брегот и да го весламе еден километар во водите на ова старо езеро. Што? Навистина? Да украдеме кајче? Да не си полудел? На мојот интелект му снема енергија и оваа ненадејна идеја на Марсио беше како стимуланс во моите вени. Сето ова беше дополнето со спонтано Да, да, да! од Марсио. Веќе украдов нож од хотелската кујна токму за оваа намена, додаде тој. Неговата тактика беше да се исече едно од јажињата со кои ги укотвуваа кајчињата на брегот. Отидовме до еден паб во близина за да се напиеме по неколку чашки текила пред да собереме храброст да изведеме такво дело без страв да бидеме зад решетки во странска земја. Додека стануваше го прашав, Сè уште си сигурен? Ми се насмевна пакосно и ме одведе повторно во хотелот. Може веднаш да го сториме тоа, реков. Уште некој ќе ни се придружи, очите му светеа со убиствени идеи. Во тој момент Хари Мен, англиски поет кому таа вечер му беше доделена наградата Мостови на Струга, застана до нас со бел пешкир во рака. Може…, извика тој. Аскетското лице на Хари се насмевна како Г-дин Бин, а Марсио – чудно облечен во црно палто и бели шорцеви танцуваше наоколу со украдениот нож. Немаше бегање од оваа авантура. Немаше враќање назад. Излеговме надвор. Беше 2 часот по полноќ.

Марсио тргна лево од хотелот, а ние по него газејќи по неочекуваното. Одевме бргу кон брегот на езерото каде кајчињата беа врзани со јажиња. Спремни да пливаме па да се возиме со кајче, Марсио го откопча своето палто, а Хари неговата кошула додека јас стоев зад нив и лебдев како змеј – дали да се ослободам и полетам или да останам врзан за земјата. Марсио ми ги сосече грижите така што ми ја скина кошулата и можеби – ја чекав оваа поволна прилика – за да се нурнам во авантура доцна во ноќта. Како што полека навлегувавме во езерото пријатна топлина ги пречека нашите возбудени срца. Единствениот звук – водите кои се движеа околу нашите тела, а ние се почувствувавме како три духа кои се живи и дишат во тишината. Далеку од нашите домови, учествувавме во операција за која не бевме ни помислиле да ја направиме во нашите земји. Восхитуваше живоста на несигурното. Одеднаш Марсио се проби низ водата кон едно кајче и јас тргнав по него. Го зема украдениот нож и го пресече јажето кое го прицврстуваше кајчето за брегот. Го направивме тоа! На почетокот се двоумев велејќи, Нашиот углед е во прашање Марсио. Каков ебан углед, извика тој и почна да го турка кајчето кон длабокото. Помислив дека ова е грешка, но тогаш нешто светна во мојот пијан ум, Се плашиме од претпоставени грешки и продолженија – бидејќи потрагата по обидите и грешките во животот е полна со дилеми. И како што стануваме преморени во нашата потрага по вистинска среќа која ќе ја постигнеме со ʹдостапните ресурсиʹ и ʹразбирање основано на информацииʹ, стануваме трагачи – трагачи по самата природа на енергијата која што нè создава, нè одржува и нè ослободува. Парите, славата и моќта се во нашиот видокруг. Треба да се обидеме да погледнеме нагоре, над сето тоа и да ја сфатиме вредноста на нашите движења – пред дисциплината на ротирачки планети и бездомни астероиди. Самата хипотеза на провлекување во светот на грешките нема да направи никакви преметнувања. Никогаш не треба да се плашиме од предвидливите тешкотии додека експериментираме со нашата енергија. Родени сме од енергија и таа енергија очекува од нас да го декодираме нејзиното постоење во секој наш здив.

Не размислувајќи повеќе, скокнав во водата туркајќи го кајчето подлабоко во езерото. Марсио почна да весла, а јас и Хари пливавме наоколу.

Како што се подготвувавме да се качиме на кајчето и да го прогласиме езерото за наша сопственост – видовме батериска светилка на брегот – светеше кон нас како сноп светлина од светилник. Пред што било да сфатиме, некој почна да свирка од брегот – крајбрежна патрола. Без да губиме ни момент, се нурнавме во водата трудејќи се да не нè забележат. Стражарот дојде со педалинка за да ја ослободи својата сопственост од канџите на тројца луди поети – крадци. Навистина се трудевме да ги задржиме главите под вода, но како што нѝ снемуваше воздух – така се појавија нашите накиснати и подли лица. Вие крадете кајче, ќе се јавам во полиција! човекот паничеше додека го вадеше својот мобилен од џеб. Не, не ние го видовме кајчето во езерото и дојдовме дотука за да го спасиме. Немојте погрешно да ја сфатите нашата доблесна акција старецу, излажав безобразно. Хари ме погледна право во моето бесрамно лажливо лице додека Марсио извикна со неговиот глас вечно полн со ентузијазам Не полиција…Поезија…дојдени сме за струшка поезија! Хари додаде да и ние ќе ви помогнеме да го извлечете кајчето од тука. Туркај Сонет, туркај Марсио! Почнавме да го туркаме кајчето и некако успеавме да ги отфрлиме сомнежите на човекот за нас. Го убедивме дека сме поети и дека може да се избегне вклучувањето на полицијата. Бевме премногу возбудени однатре, но однадвор личевме на светци. Се измолкнавме за влакно, но не успеавме да ги контролираме нашите насмевки – лудуваа во нашите навидум сериозни образи и усни.

Го дотуркавме кајчето до местото од каде го земавме. Брзајќи назад, си ја зедовме облеката и почнавме да итаме кон хотелот. Накиснат, задоволен и смрзнат ги прашав Марсио и Хари за ножот. Каде го скривте? – Во кајчето е, се насмевна подмолно. Ми требаше добар сон. Беше скоро 3 часот по полноќ, но епилогот допрва требаше да се напише. Застанавме кај едно албанско кафуле кое беше затворено. Неколку луѓе си седеа и се релаксираа пред кафулето – подоцна нѝ кажаа дека тие биле сопствениците. Се претставивме како тројца поети од три различни земји, а тие донесоа лименки пиво и фудбалска топка од внатре, нѝ пуштија гласна музика за да танцуваме и почнавме да играме фудбал. Четворица на тројца – бевме страшно поразени. Одеднаш, ми се доближи еден тип со кофа полна мраз и ме предизвика. Беше ладно, но мојата ревност ме грееше. Го прифатив предизвикот двапати, а за тоа време Хари и Марсио танцуваа околу мене како лудаци. Ова беше како еден вид прославување ПОБЕДА над скорешната триумфална авантура со кајчето.

Се вративме во нашите соби околу 4 часот наутро и се струполив врз креветот. Се надзираше едно необично чувство на успех. Понекогаш успеваме во животот без никакви вистински постигнувања. Понекогаш постигнуваме успех изложувајќи се на нашата непосредна околина. Можеби таа ноќ ја разбравме Поезијата подалеку од настанот Мостови. Оваа приказна која стана трач на многу фестивали можеби ќе избледи со време, но водите на Охридското езеро и планините наоколу засекогаш ќе ја мрморат на секој оној што ќе ги посети во глувото време од ноќта.

Сè уште можам да се присетам на мирисот на таа ноќ и на нашата силна ревност тој ден за време 53-тите Струшки вечери на поезијата. За луѓето како мене кои веруваат дека поезијата е возбудлива како цутењето на цветот, таа ноќ беше како песна која дише.

АвторСонет Мондал
ПреводМагдалена Симионска
2018-12-13T11:07:36+00:00 јануари 3rd, 2018|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 117|