Толку малку

Толку малку

Надеж
Песна за крајот на векот
Ars poetica?
Не повеќе
Толку малку
Значење
Царот Константин

Јас можев да живеам во времето на Константин.
Триста години по смртта на Спасителот,
За кого не се знаело многу освен дека воскреснал
Како некој сончев Митра меѓу римските легионари.
Ќе можев да посведочам за кавгата меѓу homoousios и homoiousios
За тоа дали Христовата природа е божествена
Или само наликува на божественото.
Можеби ќе го дадов својот глас за Тројнитарците,*
Оти кој би можел и да нагаѓа за природата на Создателот?
Константин, императорот на светот, конте и убиец,
Го пресврте исходот на Соборот во Никеја,**
За ние, по многу поколенија, да медитираме за Св. Тројство,
За Тајната над тајните, без којашто
Крвта човечка ќе беше туѓа на крвта вселенска
А пролевањето на Неговата крв од еден страдален Бог, кој се принел Себе
Како жртва кога Тој го создавал светот, би била залудна.
Така Константин беше само едно незаслужено орудие,
Несвесен ли за тоа што сторил за луѓето во далечни времиња?

А ние, зар знаеме за што сме предодредени?

__________
* Или Тринитаријанци: верници во Светото Тројство на Бога, Синот и Светиот Дух.
** Одржан во 325, а свикан од Константин, против Аријанците, на кој се потврдило рамноправното место на Христос во Св. Тројство и присуството на неговото тело и крв во лебот и виното од тајната на светата Причесна.

(Ова е единаесеттата и завршна песна од циклусот „Отец Северинус“. Од англискиот превод на авторот и Роберт Хас: Богомил Ѓузел)

АвторЧеслав Милош
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 38|