Темен коњ лежи над планината

/, Блесок бр. 08/Темен коњ лежи над планината

Темен коњ лежи над планината

Ги проверувам последните ракописи
Полноќ. Мртва точка
Мртвачница во неа
Ноќта е црна Liebe Marija
Темен коњ лежи над планините
Тоа што го имаме во нас
Тежина
Неподвижни работи

Темен коњ лежи
над планините.
Темен коњ темел темен
темна подземна вода
што ‘рмори
низ вековите.
Јас,
минувам под коњот,
мрачен и полуд
до глувост, во двиг
ги одбивам
глутниците мора:
Што загубив тука јас?
Што загубив,
та воздухот стана тесен
и кон мене се влече
големата желка
од висините?
Врз планините лежи темен коњ.
Нозете му се во клисурите.
Темна подземна вода
што ‘рмори во зглобовите
и ги придвижува вековите,
штамата – мовта врз нив
низ која се пробивам.
(Колку е страшен
тој Вознес!)
Што загубив тука што загубив
Јас? – го прашувам коњот.
А тој темен лежи
врз планините.

АвторСлаве Ѓорѓо Димоски
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 08|