Спроти куќата на Спиноза

/, Блесок бр. 99/Спроти куќата на Спиноза

Спроти куќата на Спиноза

Спроти куќата на Спиноза
Дете на судбината
Хиџра "92.
Рамонси на ѕидот на спалната за Мајда
Педесеттите По Адам Загајевски

драга Бјонсе,
еден месец
пред трагичниот пад на Светскиот трговски центар
те гледав горе на Источната страна
кај Централниот парк
каде заедно со тогашната банда
Destinty’s Child

на приправена бина
во склоп на некоја рекламна кампања
на платформата на еден откриен шлепер
сензуална до болка
и прилично соголена
редеше прегрсти
на своите тогашни хитови:
Bills, Bills, Bills, Bug a Boo, Bootylicious, Survivor…

со некакво чудо
успеав да се пробијам
до првите редови
за тука сосема ненадејно
да ме заплисне златната нишка на твојот поглед;
нешто како удар на електрична жица
засилена со трепетот на илјадници
гулаби-генератори на Тесла
вгнездени на таванот на хотелот Валдорф-Асторија;
тоа беше доживување
посилно од најсилниот сатору,
па правев сѐ
да му се спротиставам
распнат како Лаоконт
меѓу воденкавите рептили на твоите зеници,
во испраните сини старки,
занемев и вкопан во асфалтот
на раскрсницата
на Педесет и деветтата улица и Петата авенија
блиску до Пулицеровата фонтана,

па во својата неможност
да се оттргнам од таа магија
почнав да мислам на сенешто,
на балканските воени злосторници
и на живите костури зад жиците на нивните конц-логори,
на лигавка и шап и на отруените глави на говедата,
на хрватската партиска политика,
на претскажувањата и опомените на Магда Логомер,
вештерката од Крижевци,
на црнокошулашите и на оставнината на хрватската Преродба,
на слушателите на курсевите за духовна преобразба,
на стигмата на еден пречесен островјанин,
на крпите Виледа
и на подочниците на Гагарин,
на шимпанзите Бонобо
кои сите „политички“ проблеми ги разрешуваат
со взаемна маструбација,
на Алгол, ѓаволската ѕвезда што темнее
секои 2 дена 20 саати и 53 минути,
на божиќните фотографии на вујкото од Канбера од раните 70ти
каде целата фамилија стои на тревникот во карирани кошули
со грижливо избран цветен аранжман
додека лицата им се одразуваат и се развлекуваат
по изгланцаната хауба на најновиот Холден
и сѐ подалеку
– по таа асоцијативна линија –
до увозниот пршут на Лијановиќи
од чисто кенгурско
и бездомните диџиридуи
што брмчат по амстердамските плочници…

но ништо не помагаше
оти во распламтениот блесок на твојот поглед
со кој толку беспрекорно ме шибна
како омамен видов
добар дел од својата иднина
(која и не ми се допадна, онака мокра и дрвена
како исечена туна)
и ми беше јасно дека со жената
крај која стоев во тој миг
нема да можам да останам долго,
иако тие денови бевме исклучително нежни
и блиски еден со друг
и уште тоа исто попладне одушевени ручавме
во Карнеги Дели на Вуди Ален
богати сендвичи Broadway Danny Rose
а потоа во Little Italy
случајно се сликавме под некои за’рѓани
пожарни скалила
над кои некој заборавил да го тргне
блескавиот натпис
Perfect Relationship.

ама ништо не помагаше,
оти тој тој поглед, Бјонсе,
велеше: човеку, уште многу пустини
ќе проодиш ти пред да…

ама не стигна да ми кажеш што?
па така сега седам овде сам
во туѓа земја
во стан над зачаден coffeeshop
со репрезентативни примероци
марокански хашиш
(Tbisla, King Hassan, Caramello, Polm, Zero)
чијшто чад ги дупчи сувите греди на таванот
на стариот холандски herenhuis,
ги пишувам овие прости но вистинољубиви
и скоро мим-етични стихови за тебе
La Belle Dame Sans Merci,

Бјонсе Жизел Ноулс.
чудесна убавице.

so this one’s for you,
dear Beyoncé,
Honey Bunny,

sweet child of mine,

за тебе божествено стројно и темнокожо
Дете на судбината
кое толку ефикасно и неотповикливо
скоро библиски ме зарече
меѓу две тешки и мазни
р’н’б потскокнувања
на твоите сјајни црвени кадрици
толку сурови и правични
како шари на мазното тело
на некој судбински удав,
кој може да биде
и најобично циркуско животно
чии законски старатели
се одѕиваат на имињата
Орфеј и Мојра.

2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Поезија, Блесок бр. 99|