Сонот на делфинот

/, Блесок бр. 36/Сонот на делфинот

Сонот на делфинот

Светлата точка на твоето чело
Случајни разговори
Не заборавај ти сè уште имаш душа
Последната слабост
Чекајќи го ветрот
Сонот на делфинот
Збор – метаморфоза –
Спокојно ги пишувам овие стихови

спиј сонот го згаснува болот
мигот е кошмар што трае
бавно убивање на мислата
болно заборавање на заборавеното

денот е големо искушение

рече стариот продавач на весници

улиците се бескрајни
рече стариот уличен метач

нашите души се празни сандачиња

рече стариот поштар

немам ништо за откуп на душата
рече стариот уличен питач

спиј не гледај не огледувај се
грдото гризе убавото убива
ниедно огледало не е икона
ништо не е ново и неповторливо

не ова не е театар
туку повторна и неизбежна казна
невидлива стапица
пред оградата на рајот

рече стариот поднапиен артист

време е да го побараме
нашето ново живеалиште

рекоа старите заборавени зборови

спиј и она што допрва ќе дојде
одамна одминато е веќе
кога си буден згаснува и
светлата точка на твоето чело

(1994)

АвторБобан Богатиновски
2018-08-21T17:21:37+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 36|