Прелепа Церков

/, Блесок бр. 26/Прелепа Церков

Прелепа Церков

Прелепа Церков
Зрак
Виор
Пофална песна за првото почовекување господово

И сега, конечно, по ѓаволите езера и шуми!
Од каде на небото чад и шушкава свила?
Да се чита од пластика, од тракторски гуми,
да се прифати каменот и наместо крила
да се користи искуството змиско,
дека, од што ли бегавме, кон што ли стремевме
мешајќи глупо далечина и близост, височина и нискост
и надеж магловита со едно толку конкретно време.

Научив ли друго од сонот освен да се губи
прометејски гневта што храбро не спаси
и видов ли нешто низ тој измамнички дурбин
на курвата надеж освен трошни иконостаси
пред кои сме клечеле грешно, со порочна мисла,
зборувајќи за кроткоста земна како за воловско око,
за Вардар како за Сена, за Црна како за Висла
за себеси како за души пред блажен покој?

Поинаку е сето тоа, сурово и самоглаво толку
што нејќе просто сал по нас да каска
ко послушно кутре и коруз поетична болка,
а кога да запре, круто, како тврдоглава маска
на полпат, пред уште една поетична вечер,
не користат тука: бледило, трпнеж и смереност,
а ниту утехата: та суштото може ли да се рече?
Како ни нашата непризната љубовница – вера.

А сепак, каде, кон која жестокост првна
не влече тој напор човек да гази по небеса
како по масна и кална земја и сиот крвав
со неа да легне – девствената метреса?
Разорна душо, ти што веќе еднаш се виде
сродна и блиска со правта како со сама себе
во се вовлечи се и како експлозија биди
што гримот го стресла од артистот небо!

Кон првите интраутерални ноќи! Назад!
Нека се смешаат земја и оган, лава да гргне
од првната зора наместо тони анемична плазма
дека се враќам, неопходно, за верно да тргнам
и да се стори првиот човек без мамки и сомнеж
по небото и дното како по сопствена душа:
на прагот се молам, мој презрен доме,
кон животот, кон него, макар низ грев до гуша.

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Поезија, Блесок бр. 26|