на син ми Александар и снаа ми Мирјана
Не е тој тука,
замина.
Врз неговата ленена кошула
отсјај на фригиски вокали
и селаните, дењем-ноќем,
уште собираат
остатоци од неговите зборови.
Копнееше своите соништа
да бидат прочистени од уништувачки оган,
му беше допуштено сè,
но тој не допушти
ништо да завладее со него.
Си избра трогателна постела
и си легна со зборот
и сега никој не знае
дали молчи или – сонува.
Не е тој тука,
замина.