Поезија – Иво Рафаилов

/, Литература, Блесок бр. 130 - 132/Поезија – Иво Рафаилов

Поезија – Иво Рафаилов

Бесмртна елегија
Кратко повлекување од одговорност
Портрет на Кјубрик. Мачката и саканата
Неколку укажувања кон првата љубов
Кораб со робови според В. Тарнер
Уште еднаш Катул. Нов превод
Моби Дик
Елегија за твојот роденден


Елегија за твојот роденден

Задутре полниш 34, мое девојче.
Возраст доволна да го огледа
животот низ очите на класиката –
да ја запали над челото музејната ламба
да ја залепи пеперутката на стаклото…

Најлошото и така и така ти е зад грб –
од пустиот остров си се измолкнала,
името на Тезеј е заборавено
и да се промолкне – како случајна рима ќе е,
како ехо на себеси, кое самото не се распознава –
шарањето со раце во пустата постела,
разбудените птици во гората,
ударите во градите, напразните извици
истекуваат во друго сознание.

Можеби во моето?

Тезеј, музеј, веј, тлеј

Твојата љубов ме преобрази во старец
без да успеам да те напуштам.

Неделно попладне е. Студено неделно попладне.
Линиите по стаклото замрзнуваат, набабруваат –
небаре се жилки по крилата на ципокрилото.
Изживеаното самото нѐ затвора. Знаеш.
И одразот ни откажува.

Заби на кит е, зад кои копнее душата.
Клучалка, решетка, влажен ѕид,
студен провев под прагот,
делче небо со врв од гондола.
Знаци со чие толкување
никогаш нема да склучиме примирје.

Дали и кај тебе е недела?
Пространството се смалува, но времето напротив –
се распостила, запира, забрзува, се враќа.
Во лавиринт е, самото тоа е лавиринт.
Небаре е книга, која презимила во снежен нанос.
Небаре е книга, која излетала од чантата на
некој што се подлизнал на мразот…
или салфетка под лактот во црвен ресторан,
платно на брод што тоне
свиреп ветер, кој облетува.

Не се споделува обидот на смртта и
разделбата.
Затоа верувам ќе ги понесеш зборовите.
Полесни од ранецот, полесни од облак,
не потешки од раката на рамо,
положена за прегратка или пријателска поддршка.
Не потешки од песна, потпеена со заборавени зборови.
И ете така се повторува глетката.
Прегратката која разделува засекогаш.
Безрадосноста на тесните улици,
бескрајните свртувања. Ништо не се открива
така пред очите како недостигот по жал
како истеченото шепотење на неколку гласа –
некои револуции не ги креваме
и сепак нѐ стигнуваат.
Не успеав да се видам себеси како коленичам,
но ти на неколкупати ми ја оддели главата од телото.
И што е сега тоа тело – клопче преѓа, кое кон излезот
се изведува!? Не бев добар владетел.

Малку останува уште – ќе ме напушти секое сеќавање
и замисла за тебе. Таа сцена ќе
остане пред очите, кои погледнале кон историјата,
на која не ѝ припаѓаат.
Мојата или твојата – не е едно исто.
Раката прилепена до стаклото на трамвајот,
пред тоа го изела твојот здив.
Рака без возраст, смалувајќи се.
Рака со закачена етикета на палецот.

Препев од бугарски:
Сузана В. Спасовска

АвторИво Рафаилов
ПреводСузана В. Спасовска
2020-08-14T21:16:11+00:00 август 5th, 2020|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 130 - 132|