Пепелашка во хромиран ковчег

/, Блесок бр. 97/Пепелашка во хромиран ковчег

Пепелашка во хромиран ковчег

Feedback
Нежно кршење на брчките околу усните
Бикини за бебе, блуз за капка роса
Сите најдобри песни зборуваат за копнеж и стакло и брзи автомобили и други кршливи нешта
Во излогот на евтини слатки
Бучава, шаренило, будење
Ескимо сретнува Албино
Меланхолија

Жената држеше дете во рацете
пред картонската барака
на чиј ѕид беше
испишан графит
CHARLIE GONNA BE A NAPALM STAR!
помислив дека светот е
контејнер за валкана долна облека
кого големата огнена топка
засекогаш ќе го спои со тишината
а потоа притиснав на гасот
миг подоцна сè стана заборав

минатата ноќ сонував
дека ми ги украле сите џемпери
и ги запалиле
и ми беше студено
страшно студено под крошната
на стариот чинар кој ја расфрлаше својата кора
пред нозете на случајните минувачи
кога се разбудив
ме дочека порака:
ти си нервозен урбан крш
закопан во ѓубрето на поп културата

уметноста е нешто со што можеш да побегнеш
но тоа е само излет од кој
мораш да се вратиш
со испеглани лица
големите и силни пантомимичари
се смешкаа од предизборните плакати
и потсетуваа дека
животот никогаш не губи од аматери
политиката носи лажна аура на невиност
само маратонот
е победа на духот над материјата

како и секој пат кога ќе падне првиот снег
се врткав низ центарот на градот
и гледав како снегулките
го прекриваат сивилото
на социјалистичката архитектура
го кревав рацете и дланките ги вртев кон небото
да го запомнат танцот
на тие бели незаштитени принцези

АвторЗвонко Карановиќ
2018-08-21T17:20:43+00:00 август 23rd, 2014|Categories: Поезија, Блесок бр. 97|