Парчиња

Парчиња

Беше тоа ден кога сонцето и дождот водеа љубов
Камен и ветер
Создавање на водата: Првите звуци
Создавање на водата: Нашето време
Создавање на водата: Зол ден
Јас и Tom Waits
Парчиња
Пивото одекнува низ спомените
Сам
Од сино кон црно

им испраќам мозочни сигнали
на сите мои девојки
ноќ е, се разбира
и сам со себе глаголам
ми доаѓа да ги кажам
сите неизговорени зборови
но не се сеќавам
на ништо не се сеќавам

шетам низ станот
сакав да живеам сам
ете ми, живеам баш така
и низ аглите ги збирам искрите
на мојата некогашна магија

место кон аглите
одам кон фрижидерот
отворам пиво
бројам уште колку има
па гледам уште колку има
од ноќта, би било подло
да останам без пиво пред изгрејсонце
но не ми е јасно кој би бил
подлецот; кога живееш сам
немаш кого да обвиниш

ги мијам рацете многу често
се гледам во огледалото додека
ги мијам рацете, мојата брада е неуредна
и гледам во водата гледам во сите предмети
наоколу и моите сигнали како да се одбиваат
од ѕидовите од решетките од сè наоколу
и моите сопстевни повици ми роварат низ
главата; би било потполно апсурдно да се мрднеш
да излудиш
од звукот на сопствениот глас но ете
на пат сум и тоа да го сторам но најпрвин
мора да се измачувам со прашања
да барам одговори да гледам фотографии
да почнам да станувам свесен
никој не ми е потребен
иако тоа е во потполна спротивност
со она што до пред малку
го мислев па мислам на нешто друго; тешко е да си
признаеш дека си контрадикторен и трезен, тоа е
како да си го миеш мозокот со средство за дезинфекција
иако не знаеш од што точно си заразен па стануваш уште
полуд во своите очи како некој да те удрил со токмак
додека си се будел и ги навлекуваш чорапите на дланките
се чешаш со нозете како ситно животинче; од секогаш си сакал
да бидеш безгрижно животно, врабец, сколовранец, див коњ,
но секогаш си останувал со своите проклети монолози
во своите звуци како други звуци да не постојат
ете си сега, сам, време да се присетиш на сите оние
што си ги напуштил, на сите што заминале од тебе
зашто си таков каков што си и ако не чувствуваш
грижа на совест или нешто слично тоа е можеби затоа
што си зборуваш во трето лице еднина

зборувам како самотен човек со студени стапала
зборувам за да можам да дишам рамномерно
но никогаш не дишам како што треба
додека пишувам зашто фотографиите во мене
пролетуваат премногу брзо и јас никако не можам
да ги стигнам да влезам во нив, тоа е како кога не можеш
сонот да си го вратиш и дишењето ти станува растргнато
од сите тие големи напори што се секогаш взалудни

2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 06|