Ова е таа, твојата

/, Блесок бр. 45/Ова е таа, твојата

Ова е таа, твојата

Ова е таа, твојата
Сфаќаш
Да се родуваш
Страв од шеќер (сестина за Ангела)
Ќе се среќаваме
Булка крај шините

… само со утеха
несреќите се преживуваат,
и само со утеха
слабоста се раѓа
што на несреќите им претходи.
–Зоран Анчевски, „Утеха“

„Имаш ли шеќер?“ ме прашува Ангела.
„Во шкафчето е,“ велам. „Кафен. Нема бел.“
Анѓа пие кафе со млеко и шеќер,
слатко. А не ко мене – црно, горчливо.
Уште чекам да се сменам, да се случи
чудо. Да верувам дека… сум подобро.

„Дали денес,“ ме прашува, „си подобро?“
Љубопитна е, ко секој ден, Ангела.
Но молчи за тоа што тогаш се случи.
Оттогаш се грози од секој кревет бел,
од болнички чисти чаршафи. Горчливо
се труди да заборави. Глупав шеќер…

Што ќе ми се лаги? Рафиниран шеќер
не купувам. Природното е подобро.
А вистинското секогаш е горчливо.
Сепак, таа ноќ беше брза Ангела,
да ме дофати, пред да втонам в сонот бел.
Уф, колку набрзина тоа се случи!

Всушност не знам како воопшто се случи:
Гладна бев за нешто. Вистина. Не шеќер-
ни лаги. Но немаше никој, само бел
ѕид, ноќ и кутивче апчиња. Подобро
да го направам тоа брзо. Ангела
ќе ме мрази штом дознае…
И горчливо

ги проголтав едноподруго, горчливо
ги проголтав: три, шест, шеесет. Се случи.
Зошто баш тогаш се појави Ангела?
Кој ѓавол ја натера да бара шеќер?
Девет-четири… Сол и вода… „Подобро
поврати! Поврати по ѓаволите!“ Бел,

проклет да ти е изумот.
Непознат бел
кревет, паметам само, нешто горчливо
како ме напушта низ уста. „Подобро
ќе ти биде, ништо страшно не се случи.
Си имала среќа. Ти даваат шеќер
интравенозно, ништо страшно.“ Ангела,

повторно, ореол бел. „Што ти се случи?“
„Вода,“ барам горчливо. „Чиста, без шеќер.“
„Ќе бидеш подобро…“ ме теши Ангела.

АвторМагдалена Хорват
2018-08-21T17:21:29+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Поезија, Блесок бр. 45|