НЕКА ЅВОНИ ТВОЈОТ ЖИВОТ И КОГА ГО НЕМА

/, Блесок бр. 100/НЕКА ЅВОНИ ТВОЈОТ ЖИВОТ И КОГА ГО НЕМА

НЕКА ЅВОНИ ТВОЈОТ ЖИВОТ И КОГА ГО НЕМА

НЕКА ЅВОНИ ТВОЈОТ ЖИВОТ И КОГА ГО НЕМА

Посветено на Игор Исаковски

Најтешко е времето чие време не е дојдено
Блузот е најтажен во тишината
меѓу два удари по жиците
Најтежок е денот кога мајката
треба уште еднаш да биде пример за издржливост
Кога сестрата ги теши другарите
а другарите немаат зборови

Најтешко е времето што не поминува, а поминало
И часот на погребот е како студен воз на перонот
Тешки се прстите што не слушаат
а мислите испуштаат звуци како рој штурци в лето
Тешка е загубата кога не плачеш
Тешка е кога плачеш
Кога знаеш дека утеха нема и тогаш кога ја има

Смртта
како поштенска марка
се лепи на писмата без адреса
ги обвиткува глуждовите
како пареа од шахтите рано наутро
морбидна лотарија
кога добитниците се фатални губитници
како тишина залепена со тишина

По ѓаволите со тишината
нека ѕвони твојот живот и кога го нема

И…
секогаш ќе има бели страници
секогаш ќе има неразбрани пораки
денови непроживеани
патишта неизодени
нови шанкови без упорни лакти
погледи невозвратени
колена недопрени
смеа неисмеана
секогаш ќе има прашања неодговорени
коси без прсти да ги погалат
усни што чезнеат по уште еден бакнеж
очи студени под трепки што не мрдаат
здравици без раце да ги држат чашите

АвторЏабир Дерала
2018-08-21T17:20:41+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Поезија, Блесок бр. 100|