Мирис на чај

/, Блесок бр. 29/Мирис на чај

Мирис на чај

Мирис на чај
Срца
На Едвард Коцбек

Не знам кога стануваме свесни
за она што ни е пишано, за тоа екстатично биење
во камбанаријата на времето, што не води сметка
за преколнувањата и упорно истекува;
а ако се случи, нема да нè насити повеќе ниту една игра на зборови. Пелтечиме ли пелтечиме.

Се посматрам во одразот на водната површина
и се гледам себе, кој сè уште не кажал ништо.
Ниту е време на војна ниту е мир.
На врвот на брановите се пенат
твоите крилја што ја потврдуваат победата над очајот,
а твојата молитва, посилна од престанокот,
се стрмоглавува во водата. Кој сè уште се сеќава на тебе?

А не престана да постоиш, волшебник
што си го скршил стапчето и го фрлил во долот,
кајшто по него се симнуваат лудаците.
Сега наместо два, ги претекнуваат четири краја!

А јас? Јас, пелтечејќи ја довикувам безбедната,
неизвалкана небесна страна.
Мир во полињата и спокоен здив над шумите,
Заостанати бразди на годините, пријателства, љубов,
и се вртам кон пронајдената земја
во чии цветни бавчи растат диви рози и лалиња,
дрвени кори успокоени од сушата.

И кајшто реките се поздравуваат со морето
во висок стил. Ноќта несвесно го зема денот
и го придружува до своите дворци. Кајшто земјата одново
засветува и ближните зборуваат јасно, со доверлив глас
Можеме, вака вратени во детството да го луламе светот!

Големи бранови ја разнесуваат тишината на брегот.
И глеј, надоаѓаат уште поголеми! Не минува час без молба за милост,
без молба за разоткривање. Раѓањето е навистина посилно од смртта.
Љубовта поголема од омразата. Доброто посилно од злото.
Надежта поистрајна од ветувањето и самотијата.

Ти се врати во неизговорливото.
Јас до крај ќе повторувам:
Земја, ужас, небо.

АвторПримож Чучник
2018-08-21T17:21:46+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Поезија, Блесок бр. 29|