Лице в лице

Лице в лице

Неупотребливи дарови
За корисноста на музиката
Снег во чевлите
Убави мртви мориња
Лајбниц
Лице в лице
Мишима
Пролетни занаети

Од вечер во вечер, мајка ми чита
,,Кодекс на самурајските вештини“:
секое ново утро е белината на телото
која ја открива
раствореното црно кимоно –
врвот на сечивото треба да се забоде
што подлабоко.

Со денови да се справуваш
како со блиска кожа секогаш подготвена
за сепуку.

Покрај зглавјето, наместо Библија
да се чува Мишима чии корици
личат на кутија од липови летвички.

Од нив и најтажната вистина
да се бира внимателно со прсти, како да е
црешов цвет
кому ритуално, два мали демони –
демонот на сеќавањето и демонот на заборавот
му се клањаат во исто време.

Од вечер во вечер, мајка ми ги изучува
самурајските тајни: пред спиење
местата во книгата ги обележува со игла
слизната низ разбудениот вулкан
на расплетениот кок.

Само таа знае: постои
уште еден, непишан закон кој вели
дека годините се завеса од хартиени птици
низ која треба се протне
зачувувајќи ја тишината,
а со погрешните зборови и одвишниот здив
да не се залула ниедна.

Да се поднесе само
благиот шум на малите крила
на грбот.

2018-08-21T17:20:58+00:00 август 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 77-79|