Левијатан: Бел кит

/, Блесок бр. 10-11/Левијатан: Бел кит

Левијатан: Бел кит

Левијатан: Бел кит – пофалба -
Поетика на смешното – инвокација -

(на Моби Дик од Херман Мелвил)

Одмаздата е бел млаз
отровен Жрец
Човек не ти е рамен
твојот пат, божји прст
вперен и прав
одек на екваторот
заледена душа во топли води
одмаздата е млаз, јазди на југ!

Сликата ти е недофатна
божја, сатанска, бесмртна
бела, охола ало
лакома суето,
Киту
твојата јасна росна јарост
крвавиот рев
вресот на твојата пена
– грбна лавовска локна

зборот може поверно да те опише
од било која икона, лажен идол
– развратен знак на китоловците –

Милосрдна срж, срцевино, божилаку
казни ги поганите: скриј ја вистината
‘рскавицо на покајанието
послушај го умот на бога

Магу
уживач на морски бездна
– утробата на светот

Цицалче големо
лицето исцели си го од длабочини,

Ламјо совршена
прскава, мрсна, врела, отровна…

АвторКатица Ќулавкова
2018-08-21T17:22:07+00:00 октомври 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 10-11|