Како те љубев

/, Блесок бр. 39/Како те љубев

Како те љубев

Како те љубам
Каде се наоѓаме
Како разговараме
Каде припаѓаме
Кои се нашите заблуди
Од што се плашиме
Зошто ти се лутам

1.
На англиски,
ги малтерисувам твоите зборови
со значење.
Јазикот е нашиот дом –
со луцидни заклучоци го ринеш
ѓубрето на милениумот
од пред портите –
нафтените кризи,
ветувањата на политичарите,
граѓанските војни.
Високо се дига чадот
од топлото огниште
потпалено со кавгите
што се само креативни предигри
на нашето водење љубов.
August is the cruelest month…

2.
На македонски,
се кикотам на простите
безобразилуци
што си ги научил кај некој друг.
Броиш до десет –
една тенка топола,
две модри планини,
три тешки облаци,
чет’ри коња стамени,
пет чешми студени.
И пак јас злојазна
никако да ти се наситам.

3.
На холандски,
по битолски,
продавам пуфки.
Twee voor de toren
да си удриме по една височина
да испливаме од
рамната линија на пејзажот.
Низ жуборот на гласовите,
ги слушам значењата
наместо зборовите.

4.
Дали ме паметиш
твојата рака ме прашува.
Очите ти се суво пустинско небо.
На градите имам дупка,
кога врне
срцето ми е влажно.
Те тешам со мускулни контракции
еднаш слабо,
двапати силно,
еднаш слабо.
Спаси ги нашите души
од овој брод што бескрајно тоне.
Молчиме,
лоши преведувачи сме
на нашата љубов.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 39|