Како те љубев

/, Блесок бр. 39/Како те љубев

Како те љубев

Како те љубам
Каде се наоѓаме
Како разговараме
Каде припаѓаме
Кои се нашите заблуди
Од што се плашиме
Зошто ти се лутам

1.
Секое утро те наоѓам
сè уште заспан,
потонат во перницата,
мирисаш на немирни соништа.
Ги познавам брчките, влакната,
носот,
забите што ѕиркаат под усните.
Те наоѓам во својата редовна
утринска илузија.
Насмеан те посматрам на сликите
од пределите за мене нови,
за тебе секојдневни.
Над облаците, мерејќи ги
височините
со стапки или со метри,
додека оставам некој непознат
да ме лета,
те наоѓам како ми ги покажуваш
урбаните лузни на пејзажот.
Те наоѓам така во предметите
што никогаш ништо не ми значеле,
во понекој патетичен стих,
во себеси те пронаоѓам,
единствена празнина.

2.
Се наоѓаме кај мене – ти го
гледаш
менувањето на денот во ноќ,
ги анализираш движењата
на облаците
и брзината на ветрот.
Јас, сосема прозаично, го местам
креветот
за следните неколку месеци
да собира двајца.
Се наоѓаме на осамената
индустриска плажа –
со десното уво слушам
како се бранува Северното Море,
со левото како забрзано ти чука
срцето.
Ти, сосема прозаично,
ми ја поткреваш блузата
за полесно да дојдеш до некое
парче кожа.
Се наоѓаме во аеродромската чекална –
со грла полни со крв,
сосема прозаично,
гргориме за нашите
идни одделни животи.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 39|