Источна ноќ дрочи

/, Блесок бр. 07/Источна ноќ дрочи

Источна ноќ дрочи

Чешма покрај патот
Молитвен веј
Мирна ли ќе биде раката на галовникот
Ана-Јудита
Пладневна молитва
Источна ноќ дрочи
Омај
Saeculum

  Сите ние сме време и
  годините не се тие што
  одминуваат, туку ние…

Октавио Пас

1.

Бев пратен да извидам
Прогонет и презрен
И прежален
Да се изгубам по патиштата
Во пепелишта да скончам
Како глув пес
Како проголтан вокал да занемам
Да не можам да вратам рев
Во темни локви
Да ме прибере сланата

2.

И навистина ме снема
Под светлиот вршник
нова колиба земна си најде
Мојот дух –
Ме прибра мене некој друг
Ме внесе во небиднината

3.

Сега сум надеж
Никогаш што не пристига
Во пресушен дулец
Гргор што не стивнува
Сенка на сенката од облакот
Што се расточува
Невидлива опашка на Цогито и Сум
Месечина без мена
Без новина и погибел
И море
И мермерна осама
Празен горб што шета
По небесата

4.

И кој знае веќе дали сум
Мугра
Привид
Мисла сторителка
Молскавично што бега:
Сите ние сме време
И годините и исконите
Не се тие што одминуваат
Туку ние
Е ееееееее…

АвторБранко Цветкоски
2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 07|