Заминувања
го туркаме небото да не ни падне на прсти
па да осакатиме неколку години младост
ти кажувам што мислам за детинестиот бог
сакаш да пораснам, да ја прифатам мистичноста на светот
твоето тело се брановите
најважно е да се остане мирен
во бетонската гужва
ја сеќавам боровината
ме милува и ја разнесува грижата на сончеви места
денот со тебе е илузија
да сум рамнина
не би можела да ја покријам твојата мисла
германските градови ни се утешна награда
тоа што ни се дерат градските службеници
не го допира грашокот во нашата светла кујна
сѐ што имавме е спакувано под милјенцата во тв-кутиите