Вториот источен грев

/, Блесок бр. 09/Вториот источен грев

Вториот источен грев

Вториот источен грев
Парадигмата на Рубљов По филмот на А.Тарковски
Автопортрет
Залудноста на Вергилиј
Мотивот на Шехерезада
Социјалистички реализам

Во време на крвав раскол
надушкан и вклештен од стрвнички наезди,
ни големиот руски фрескосликар
и чистотен калуѓер Андреј Рубљов
не ќе издржи со скрстени раце пред безумјето:
го убива насилникот
на својата малоумна штитеница.
Поради тоа ги остава четката и боите,
ѝ се оддава на немотијата на исихазмот
за да биде само со Господ.
Не се откажува од своето молчење
ни тогаш кога треба да проработи
нагонот за самоодржување –
во мигот кога треба да ја предупреди на грешката
замавнатата секира по него
од која, сетики по божја волја,
го спасуваат други.
Но доаѓа оној настан
со свеченото пуштање на камбаната
кога ја дознава вистината на подвигот
на нејзиниот самоук момчак ливец.
Дури тогаш
како златен лач низ облаци
излегува зрелиот глас
на неговиот внатрешен човек
кој ветува дека ќе продолжи да слика.
Ете еден темелен доказ
дека уметноста е посилна од смртта.

АвторПетар Т. Бошковски
2018-08-21T17:22:08+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 09|