Враќање на поразениот

/, Блесок бр. 23/Враќање на поразениот

Враќање на поразениот

Човекон од огледалото
Розите на прстите на Аксја
Татко ми Одисеј
Враќање на поразениот
Средба со змија
Испраќање на јагулите
Близу до смртта близу до животот

Под ова небо
што не ноќева во празни срца
она што беше еднаш видено или наслушнато само
сè побрзо се оддалечува
во чудесна преобразба од бегалец во прогонувач
кој не верува дека некогаш пак ќе ни се придружи
Глеј само како му слабее чекорот
Како му истечува времето
И како исчезнува во сопственото ехо
Во глувата пештера на сеќавањето

А потоа наеднаш пак му се наслушнува одот:
Од на преморен коњ
Затечен во редок шамак
Со облаци инсекти околу вратот

Татко ми велеше: небото не слегнува
Во празни срца
Сабјата не се буди
во успана рака
А сеќавањето е најбрз коњ
Најдалеку ќе те однесе

(Зошто го кажуваше ова
кога го беше загубил минатото
Минатото му го развеа
Киклопот на Револуцијата)

Изгледа беше изумил дека изворот сончев
покажува само пат кон заодот
А дека ѕвездата
што паѓа во фонтаните на темнината
е само златно париче
што некој го фрла од чардаците на мракот

(Утрото сепак никогаш не заборава
да слезе во одаите на ноќта)

А каде тој можеше да слезе
од чардакот на својата темнина
И која врата потоа да ја отвори
Во куќата на лошото време
Во домот на поразените

Коњот
И острата сабја
Исчезнатото минато
И лудата глава на Козакот
Од пештерата на сеќавањето
Што напати се отвора.

АвторСрбо Ивановски
2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Поезија, Блесок бр. 23|