Во песните тоа секогаш изгледа поинаку

/, Блесок бр. 58/Во песните тоа секогаш изгледа поинаку

Во песните тоа секогаш изгледа поинаку

Подоцна
Побарав ли нешто
Трага од пенкало
Porgy & Bass Band
Инфинитив

Љубовта се роди, но никој не забележа
колку е страшна. Секој ден ѝ принесуваат дарови
не насетувајќи го погромот што го спрема.
Љубовта се става на ѕидовите како слика.
На куќите како знамиња за Денот на Републиката.
Таа најпрвин е студена топка, студена зашто е
од порцелан, кршлива и преместлива.
Меѓу постелата и телефонот таа пронаоѓа
мал простор, благонаклонет,
што ќе ја заштити.
Ја нацртав – беше затворена кружница.
Во неа ги врежував сите лица
што ги познавав, што сум ги помилувал
со насмевка. Верен сум зашто знам што значи
да се видиш во туѓо око.

Шупливите зеници се бесмислени.
Тие се обележани со жртви,
тривијални спогодби.
Љубовта се вовлекува во стомакот, во месото –
потем одекнува, ја препознаваме како збор.
Се испружив на подот и зјапнав
во дамката на таванот.
Нијансите испарија од таквата состојба,
состојба на суровост и безочност.
Од неа не треба да се очекуваат
посебни копнежи, целосни разоткривања.
Побарав ли нешто?
На лицето имам сенка што се храни
од капиларите, што остава брчки околу очите.

Знам дека овде можам да се качам до крајните
височини, да се преобразам во чиста енергија.
Сега чувствувам дека се разденува,
но тоа сè уште не можам да го видам.
Но, ќе дојде, ќе дојде времето кога ќе се
опуштиме, кога ќе се ослободиме од соништата.
Кога ќе бидеме лесни колку мирисот.
Се чувствувам безимен и тоа привидно
ме спасува од задолженија.
Претпочитам да сум порој што
ги потопува неодредените движења,
што ги опишува треперењата и го голта стравот.

Зборувам во прво лице. Значи не сум само
инстинкт, само случаен глас.
И речениците ми се суштински како срце од пламен.
Го знам тоа, го гледам и го слушам.
Некаде прочитав:
леб, молк, паметење, зенит, вечност,
разлеана мачнина. Знаев дека тоа се зборови
што не можат да се премолчат, што ќе ги
посвојам еден ден. Што ќе ги расеам
како семиња со чувство посилно од
сласта, посилно од радоста на оплодувањето.
Тие сега сè уште затреперуваат, зашто јас треперам.
Љубовта трепери. Пред да се изговори,
зборот е само воздух, но воздух што трепери.

АвторЗвонко Маковиќ
2018-08-21T17:21:12+00:00 февруари 25th, 2008|Categories: Поезија, Блесок бр. 58|