Бришан простор

/, Блесок бр. 76/Бришан простор

Бришан простор

Автобиографија
Секое утро
Шумски јаготки
Изгубена слобода
Желна за дом
Меѓу две зла
Заборав: поетика на помнењето
Разбирање и вера

Заборавот е рибино масло
неизбришлива флека
врз коприната на меморијата
под којашто се препознаваат
акните на траумите
изгубената смисла
да се сонува, да се негува
надеж.

Без помнеж нема изум-ување.
Ги памтиш необичните нешта
твојата лична мнемо-поетика е тренинг
секојдневна вежба
на „јас сум“ и „јас не сум”.

Минатото е ниска од ’рѓосани алки
потресни собитија
единствени по своите
димензии, па и тежест
како на пример –
масовни ослепувања
оргии во знак на одмазда
погроми, пожари, помори
земјотреси, ерупции
покрстувања, исламизација, елинизација
царство на конверзиите
на озаконети незаконитости
родоскверности, чедоморства
на завери и трагикомични
сценарија, сè на сè. Овде
историјата е
грозоморна гротеска, гротло…

Минатото е приказна што ја памтиме
приказната која нè обележала.

Историјата зборува на јазикот
на предизвикот –
сè она кое ја избегнало
судбината
на баналното.

Сакајќи да се вратиш на
прав пат, да го фатиш редот

Ти кој не си изгубен во масата
на безличното

Ти за когошто
историјата е потрага
по личното

Ти, раскажи ми што си сакал да
избришеш
од сеќавањето, а
што – да прикриеш
трагата да му се сотре;

Ти кажи ми што си сакал
да заборавиш
а пак јас
ќе ти кажам какво ти било
минатото.
Заборавот памти
на свој начин
и барем
не може
да му се префрли
дека
нема
стил.

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 76|