Бришан простор

/, Блесок бр. 76/Бришан простор

Бришан простор

Автобиографија
Секое утро
Шумски јаготки
Изгубена слобода
Желна за дом
Меѓу две зла
Заборав: поетика на помнењето
Разбирање и вера

Што ако животот ти е даден
да бираш меѓу две зла
и да го одбираш секогаш
– поголемото?

Што ако успее алхемијата
на претворањето
на Нештото во Ништо –
жигосувањето на живо?

Се гледа јасно како Едното
се распарува на многу, чуден распар
и полутката е далечен сон пред него
па табу
па таен копнеж
па опседнатост
па нова причина за преселби
пуста желба, утопија
се топи во свеста
како грутка шеќер
слатка смрт!

О, малку морфиум
анестезија
додека ти ја режат
татковината
на живо

по којзнае кој пат
овој пат дома
– помрачениот ум реже
заслепен од белината
на светлината
од себеси, Боже
суетата е клопка
осуети ја
избегни го последниот чин
на македонската
мелодрама
смени го жанрот
направи нешто!

Целото е минато
делот е невидлив со голо око
се гледа само внатре, необичен
прелив меѓу некогашното и сегашното
иднината е уште помала
аш, ја нема
иш, нека ја снема!

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 76|