Бришан простор

/, Блесок бр. 76/Бришан простор

Бришан простор

Автобиографија
Секое утро
Шумски јаготки
Изгубена слобода
Желна за дом
Меѓу две зла
Заборав: поетика на помнењето
Разбирање и вера

Од „Бришан простор“, Блесок, 2011

Друг ќе ја пишува твојата автобиографија.
Некој кој ќе симулира дека си ти.
Ќе ти влезе во свеста
ќе ти се пикне под кожа
ќе забега во зоната на интимата
и оп, еден ден ќе му појде од рака
да го состави она што ти си го скршила
да го препише она што ти си го избришала
да го ископа она што ти си го потиснала
длабоко во тебе, со луд ум на лавина
да го открие она што си го забранила
за јавна употреба;

ќе ги размрсува и повторно
ќе ги замрсува знаците-јазли
на твојот личен и на
македонскиот синдром
ќе си поигрува со преобразбите
од дамнини до иднини
од лично до колективно
ќе ги претвора софистицираните искази
и поетските евокации
во егзистенцијални слики
за да ја долови речито сочноста
на твоите исконски мори
на твоите детски занеси
на твоите судбински
застранувања;

можеби ќе те надмине
со помош на вродената
смисла да глуми
да ја игра улогата на другиот
да се губи во другиот
небаре голтнат од ништото.
Границата меѓу туѓиот и личниот свет
бледнее.
Шармот на невидливото ќе го опседне
и тука навистина ќе наликува на тебе;

ќе пребарува по писмата, песните, интервјуата
ќе разговара со современиците, преживеаните
ќе ги препрочитува нивните мемоари
и дневници
ќе гази по рабовите
ќе се загледува
де на лево – де на десно
одржувајќи рамнотежа
за да стигне до крајот

со непрестан зазор да не би да падне
некаде на полпат
како тебе.

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 76|