Балкан

Балкан

Балкан
Читање
Завера
Меѓу два света
Буништа на убавите уметности
Пак(с…о себе ј.ј.и.о.у.
Опстанок
Песна ди морте во три измешани делови
… Анте портас

2. Грев (со функција на рефрен)

Да се убиеш себеси
може да значи
да си отсвириш еден посебен звучен ефект
низ главата.

(затворете ја портата од рајот
до крај и цврсто…

3. Соништа (како лирско интермецо)

Соништата безглаво бегаат од мојот кревет
старо-семе(ен) блудник
и пренесувач
на наследни слабости
па затоа
оние што преостануваат
треба корисно да се употребат:
– да се облечат во бело а потоа да се силуваат
– да се претворат во зборови еднаш
те / сакам двапати
– да се претворат во песни трипати
ох, колку те сакам …
– да се осудат на вечност
– да се затворат во кафез
– да се обесат
– да се секцираат
– да се анализираат
– да се канализираат
– да се облечат повторно во бело
и повторно да се силуваат
– да се закопаат
длабоко…
подлабоко…
најдлабоко…

Не знам зошто
но соништата
избезумено бегаат од мене

2а. Генеза на гревот (приложени факти кон тврдењето 2. со функција на рефрен)

1. Човекот се самоубива откако постои
2. Човекот се самоубива откако се спознава себеси
„Спознај се самиот себеси!“
3. Човекот се самоубива бидејќи премногу сака
4. а малку постигнува
(клучот на прогресот е тука!?)
5. Човекот се самоубива бидејќи се разочарува
– од себеси
– од другите
– од животот
– од ЈСП
– од автомобилот
– од домашната атмосфера
(предлог по фактот: бидејќи домашната атмосфера е ужасна
децата треба да се ослободат од домашни
работи и да се занимаваат со нешто
надворешно што треба да се измисли)
6. Човекот се самоубива бидејќи живее
– еднолично
– в град
– на село
7. Човекот се самоубива бидејќи некогаш посакува да умре
8. но и од страв да не го убијат
„Да се надвјаса непријателот“
9. Човекот се самоубива заради машините
(каде е прогресот тука?)
„Добредојде сине, добредојде во машината“
10. Човекот се самоубива од љубов и од не-знам-што-друго

Човекот е мртов
Мртвите пеат:
да живее човекот!

3. Зборови (што останува како такво)

Зборовите почнуваат да се размножуваат наутро
во неопределено време и број
или кога заѕвонува будилникот

Зборовите и лицето се оние што оставаат впечаток
кај другите. Затоа треба не само лице туку и збор
„да спремиш за средба со сите што ги среќаваш лица“

Наталитетот кај зборовите се зголемува околу пладне
во неопределено време и број
и тоа пред поширок аудиториум во сообраќајната гужва

Морталитетот кај зборовите се зголемува околу полноќ
во неопределено време и број
и тоа пред поголемо непознато како што е сонот

3а. Какофонија (девијација на дел 3.)

Понекогаш
зборовите стануваат вечни, се снимаат на плочи, преживуваат музичка тортура (зборовите ги напишал Д. М. – на пример), на магнетофонски четириканални ленти, хром-диоксидни касети и компакт дискови кои по неколкугодишна употреба се фрлаат на најблиските ѓубришта. Колку тешко се сонува кога од некое градско или приградско ѓубриште ќе чуеш рикање на некоја поп или рок ѕвезда (од која дури и твојата ѕвезда затреперува) или кога мораш да го слушаш Ј.С. Бах во патетична или депресивна состојба, па по првите акорди на „Токатата и фугата во Д-мол“ веќе си мртов, убиен од сопствена рака, застрелан, задавен, заклан, обесен, отруен, харикиран…

Понекогаш
зборовите се закон и заедно со лицата се први шо ќе те обвинат: „Го знам јас него, тој уште од детство си беше суициден тип, па камоли сега!“

Но не мора да си законодавец (како Соломон или Парламент, да речеме) за да изречуваш закони. Може да си

крадец Дон Жуан висок
коцкар Дон Корлеоне среден или
професор нежен или низок („ниските луѓе
доктор груб немаат причина за живот“)

Не мора да си ни сето тоа
но важно е да си свој човек
да припаѓаш некому
да го сакаш
„Сакај го блискиот свој!“
да те сакаат
да имаш домашна атмосфера
да имаш леворвер или друго оружје
(може и студено) за секој случај
зашто повеќе не можеме и не смееме
ни себеси да си веруваме

2. Грев (со функција на рефрен)

Да се убиеш себеси
може да значи
да си отсвириш еден посебен звучен ефект
низ главата

(затворена е портата од рајот
до крај и цврсто…

(еден глупав Август, 1977 /1993)

АвторЗоран Анчевски
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 08|