ПОЕЗИЈА – Тихомир Јанчовски

/, Литература, Блесок бр. 119/ПОЕЗИЈА – Тихомир Јанчовски

ПОЕЗИЈА – Тихомир Јанчовски

Калта е од земја и вода
Игла и конец
Убавината ќе го спаси светот
Писмо
Недвижнина
Троножец


НЕДВИЖНИНА

Неподвижен човек сум, недвижнина.
Дофаќам, со левата рака еден метар лево
со десната еден метар десно,
и полa метар надолу, и толку
(сите мерки важат од рабовите на креветот)

Во висина, дофаќам една рачка
и така го подисправам трупот
да ме поткренат и ми подместат перница…
„гуска“ ми е двор ми е, „лопата“ чаршија,
раце да си измијам –влажни марамчиња
очи да си истријам – памуче со алкохол
Кој не сетил на своја кожа, не знае како е,
и поарно да не знае… што ќе му е?

Грбот ми е залепен за душекот со пружини
веќе со денови и чеша, склетисува
нозете седат мадро, левата сосема
десната ја виткам во колено…
но умот ми е бистар, а тоа е најважно.

Баш сум како дрво, пресадено
од широк двор во саксија
кревет ми е земја ми е, грбот – корења
рацете се гранките, торзото стеблото…

Ова дрво веќе не може да расте, освен
можеби да трупа годови во широчина…
Мислите ми се токму како лисја:
доаѓаат, зреат, постојат, отпаѓаат
и потоа пак нови, и по нив други
и така во недоглед, така во неизброј
единствено што не скапуваат
не паѓаат на постелата и не гнијат…
го полнат невидливиот простор
во собата, градот, планетата, Вселената…
некои се навраќаат, некои одат неврат…
така постојам (што би рекол Декарт)

Неподвижен човек сум, недвижнина
Божјо создание, со тело и душа,
и со еден нов дел, заменет
(протеза од титаниум)
изработен од човечка рака

Св. Еразмо, Охрид, 30 јануари 2013

АвторТихомир Јанчовски
ПреводТихомир Јанчовски
ПреводДијана Комленац
2018-09-25T09:23:50+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 119|Tags: |