Поглед на современата единка

/, Литература, Блесок бр. 74/Поглед на современата единка

Поглед на современата единка

(Бала: Двосаменост; Љубљана, Друштво „Апокалипса“, 2005;
Избор и поговор: Станислава Хробакова-Репар
Превод: Шпела Шрамел во соработка со Станислава Хробакова-Репар)

#1 Оваа збирка раскази од Владимир Бала (1967) со концизен наслов Двосаменост (во оригинал на словачки Dvojsamelost, иако првиот расказ сепак го претпочита германскиот наслов „Die Zweisamkeit”) одлично ја доловува суштината на интензивното десетгодишно присуство на авторот во словачката книжевност – од своето првенче Leptokaria, односно Лептокарија (1996), до расказите во De la Cruz, или Де ла Круз (2005). Егзистенцијалниот немир и речиси параноичниот страв од животот во свет преплавен со ужаси и страдања, опустошен со апсурдност и полн со неразумна надворешна одбрана се позадина за погледот на Бала врз современата единка; освен тоа, критичарите сметаат дека неговите мотиви ги вклучуваат неспособноста за комуникација и осаменоста сфатена како единствениот простор за автентичност, во кој дури и една љубовна врска се сведува само на осаменост во двојка. Состојбата на ликовите на Бала, главно одредена од осаменоста и неможноста да се оствари врска со други луѓе, секогаш одново се формулира, божем недвосмислено, во јазик кој им дава нова перспектива на овие одамна познати проблеми. Истовремено, се развиваат интертекстуални врски, се зајми од други автори, се споменуваат други идеи и наративни стратегии од претпочитани или „докажани“ дела од страна на авторот или традицијата. Товарот ставен врз читателот (а не пак на преведувачот) во случајов е уште потежок.
Бала не се откажува од природната повеќезначност на изјава срочена во зборови; напротив, честопати ја користи за да го прошири спектарот можности, да ја претстави одвоеноста на субјектот од восприемената стварност – како на пример, досетливи игри на зборови, шеги, самопародирање, скептични заклучоци и резигниран поглед. Станислава Хробакова-Репар успеа на тешката и строга словенечка публика да ѝ понуди книга за книжевни сладокусци, како и нејзиниот дополнителен поговор, преработено поглавје од нејзиниот истражувачки проект Semantika molčanja, односно Семантика на тишината. Преведувачката Шпела Шрамел одлично си ја завршила работата во справување со суптилностите во минските полиња на текстовите на Бала, одлично ги совладала формално префинетите пасуси, специфичниот самопародирачки стил на авторот, како и референците на други автори. Да се надеваме дека продлабочувањето на заемните познавања на многу блиските средноевропски книжевности ќе продолжи понатаму – сигурен сум дека, по Виликовски и Бала, ќе следуваат уште многу други автори кои може да го докажат квалитетот и убавината на словачката литература.

Превод од англиски: Калина Јанева

АвторКарол Хмел
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 74|