ПЛУРАЛНОСТА НА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ПОЕТСКИОТ СВЕТ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

/, Литература, Блесок бр. 107/ПЛУРАЛНОСТА НА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ПОЕТСКИОТ СВЕТ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

ПЛУРАЛНОСТА НА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ПОЕТСКИОТ СВЕТ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

ПЛУРАЛНОСТА НА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ПОЕТСКИОТ СВЕТ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА


За родното место како центар на светот, и како таквото доживување на просторот се менува по заминувањето во егзил, пишува Чеслав Милош во Белешки за егзилот: „Имагинацијата, секогаш просторна, покажува север, југ, исток и запад, од некое централно, привилегирано место, кое е веројатно село од нечие детство или роден регион. Сè додека писателот живее во својата земја, привилегираното место, преку центрифугалното зголемување на самото себе, помалку или повеќе е идентификувано со неговата земја како целина. Егзилот го преместува тој центар, или поскоро создава два центра. Имагинацијата поврзува сè што е во нечие окружување со она таму – во мојот случај, некаде на Европскиот континент. Дури продолжува да ги определува четирите основни правци на светот, како јас и натаму да стојам таму. Во исто време северот, југот, истокот и западот се детерминирани од местото на кое ги пишувам овие зборови. Имагинацијата која се стреми кон далечните простори на детството е типична за литературата на носталгијата (дистанцата во просторот честопати служи како маска за прустовската дистанца во времето). Иако прилично вообичаена, литературата на носталгијата е само еден од многуте начини на справување со отуѓувањето од родната земја. Новата точка која го ориентира просторот во однос на себеси не може да биде елиминирана, т.е. Не можеме да се апстрахираме од сопственото физичко присуство на конкретна точка на Земјата. Затоа и се јавува овој необичен феномен: двата центри и двата простори распространети околу нив интерферираат еден со друг или – а ова е среќно решение – коализираат“ (Милош 2002, 16-17). Во ваквото толкување на тоа како егзилантот го доживува просторот, одново се појавува контрапунктната карактеристика на егзилот, низ постојаната свесност за два простора и за доживување не на еден простор, туку на два, како за центар на светот, што на мошне силен поетски начин е изразено преку стиховите на Димковска од песната „Преписка со светот“:

„Јас никогаш и не сакав да стигнам далеку,
туку близу,
Најблиску што е можно
до најдалечното“.

Низ ова тематизирање на Лидија Димковска за проникнувањето и обединувањето на најблиското и најдалечното, се отвора патот кон една впечатлива карактеристика присушта на нејзината поетика, а која може да биде согледана низ ставовите на Едвард Саид за контрапунктната свесност која ја овозможува егзилот. Во „Рефлексии за егзилот“ тој вели: „Да се гледа ‘целиот свет како туѓа земја’, овозможува оригиналност на перспективата. Најголемиот дел од луѓето вообичаено имаат свест за една култура, еден контекст, еден дом; егзилантите се свесни барем за две, и оваа плуралност на перспективи израснува до свесност за симултани димензии – свесност која, да позајмам еден поим од музиката – е контрапунктна.“ Таквата перспектива не е нешто кое е поставено за цел од страна на егзилантот, туку едноставно природно произлегува од живеењето во егзил, каде „животните навики, начините на изразување или активностите во новата средина неизбежно се поставуваат наспроти сеќавањето на овие нешта во другата средина. Така, и новата и старата средина се живи, конкретни, и постојат заедно контрапунктно. Постои едно особено задоволство во оваа форма на сфаќање, пред сè ако егзилантот е свесен за други контрапунктни јукстапозиции кои го намалуваат вообичаеното просудување и ја зголемуваат почитувачката сочувственост“. Заради таквиот специфичен однос кон просторот, времето и сеќавањата, „егзилот е живот кој се одвива надвор од вообичаениот ред. Тој е номадски, децентрализиран, контапунктен; но штом ќе се навикнете на него, неговата дестабилизирачка сила одново избувнува“ (Саид 2001, 186-187). Токму таа дестабилизирачка сила избувнува од поезијата на Димковска, обединета со свесноста за симултаните димензии на реалноста. Ваквата перспектива на доживување на светот се отвора токму преку неизлечливоста, преку раскршувањето на поетскиот субјект кој се стреми кон себе-вцеловување, кон обединување на јас-таму и јас-овде, на јас-некогаш и јас-сега. Токму таа неизлечлива пукнатина, таа поделеност на поетскиот субјект од „Црно на бело“ на сега и некогаш, на овде и таму, на јас-некогаш и јас-сега, и јас-таму и јас-овде, ја отвора пред читателите контрапунктната свесност за симултаните димензии, и и овозможува на Лидија Димковска да создаде моќна поезија низ која се открива плуралноста на перспективите на согледувањето на светот.

Цитирана литература:

Браидоти, Роси. 20 Номадски субјекти. Македонска книга: Скопје.
Димковска, Лидија. 20 Црно на бело. Или-Или: Скопје.
Кристева, Јулија. 20 Токати и фуги за другоста. Темплум: Скопје.
Milosz, Czeslaw. 20 “Notes on Exile”. In: To begin where I am: Selected Essays. Farrar, Strauss and Giroux: New York. Pp. 13-

2018-12-17T12:54:05+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 107|