Плоштадот на космонаутите

/, Литература, Блесок бр. 74/Плоштадот на космонаутите

Плоштадот на космонаутите

(Viliam Klimaček: Námestie kozmonautov – Generácia Ю. Bratislava: Koloman Kertész Bagala – LCA Publishers Group, 2007)

#1 Освен тоа што Вилијам Климачек со својата книга Плоштадот на космонаутите (Námestie kozmonautov) беше победник на литературниот конкурс Роман 2006, а со својата псевдонимна мафијанска пародија English is easy, Csaba is dead стана еден од најуспешните постмодерни оживувачи на романескната питорескност, тој е и застапник на (денес веќе) книжевната школа, која своите писателски остриги ги коваше на сцените од алтернативните театри. Таквата долгорочна партиципација врз рушењето на традиционалната романескна митологија може да се почувствува и во неговите прозни творби: акцентот е тука ставен врз текот на дејството, врз комичноста и врз изразената јазична хиперболизација. А, кога главно овде станува збор за иронизација на сè со помош на секакви средства, романескната форма е, по правило, само комуникациско опредметување на разновидната содржина. Со таквата постапка постмодерните автори го решаваа „засекот“ во жанрот, што оперираше на поголема временска и просторна површина и користеше релативно позатворени системи на дејства, ликови и временски рамки, но со својот инструментариум не умееше да ја достигне плуралноста на човечката и на естетската автентичност, како и не-идеологизираната вистина за неа. Се чини, сепак, дека преместувањето низ световите на романескната отвореност и низ татнежот на виртуелноста престана да биде интересно и за Вилијам Климачек. Романот не може да се исцица од прстот, колку и да биде тој магичен, па затоа освен идејата си бара, пред сè, и малку концепциска идеологија, малку затвореност и потполно сигурно – и ризик на поедноставување. Значи, теза број еден: Плоштадот на космонаутите бара форма за романескниот израз.
Климачек ја измисли, пред сè, генарацијата Ю. Тоа е генерацијата родена околу 1958 година и израсната во подолг период првенствено под советска окупација, но и со восхит кон западниот стил симболизиран преку англискиот хомоним You. Постојат две околности, кои за Климачек се релевантни, а кои ја предизвикаа таа фамозна генерациска шизофренија, чии последици се полоши и од божјиот бич: тој бич можеби и не болел, но шизофренијата секогаш го пренесувала сето она што генерацијата го направила до нивото на апсурден хумор. Во романот на Климачек не станува збор толку многу за социјализмот, колку за неговата последица што живее во таа схизма. Се наоѓаме во пост-комунистичко време, во малото гратче Вељке Роје, кому „историјата му се измолкнала“, но кое секогаш ја држело раката врз пулсот на времето, без разлика на тоа дали произведувало оружје, дали ја помагало советската воена основица, дали подигнувало споменици на хероите, дали ги славело туѓите победи, а притоа вешто ги уништувала своите. По падот на режимот сè се превртува, од Калваријата на Христос преваросана во Калварија на космонаутиката повторно се раѓа Калваријата на Христос, скриените работници на скриената фабрика за оружје остануваат невработени, лојалните граѓани се менуваат во мафијаши, во чудни бизнисмени и во извидници, така што уништувањето на своето наспроти хипер-маркетите кои се наменети за сите, продолжува. Сите сакаат да живеат по ново, но калливите стапки на минатото не можат да се пребродат. Дејството во романот се случува во четири дена, кога во гратчето што ја прославува илјадагодишнината од постоењето се собираат еминенцијата и обичното граѓанство, а помеѓу завесите што настанале од различните племенити побуди и од деформираната реалност, сите ја покажуваат својата апсурдна човечка комедија. Ликовите мораат многу да се сеќаваат и повторно да ги превреднуваат своите животи: романот се полни со спомени и со напнати доживеалици на јунаците кои претставуваат продолжување на бесмислената историја што ги воздига ликовите во функција на актери на сцена што со своите пораки треба да го привлечат вниманието на гледачот. Ликовите на Климачек се, во суштина, трагични, а се разликуваат само според обемот на апсурдноста што е вметната до нивните гестови и акции. Авторот ги разбира и сочувствува со нив, но кога станува збор за мисловниот премин што на романот му е неспорно потребен, тогаш тој едноставно не се случил и останал на т. н. ниво на беспомошно разбирање. Тоа е данокот за смелоста да се подигне постмодерната отвореност во форма на романескен израз односно во форма на извештај за генерацијата во ситуација кога романот по проблематизирањето на неговата традиција повторно ја бара својата содржина и кога новите идеи уште не се на повидок. Авторот се обидел да го пресече болезливото слепо црево, но наишол патем на златната вена на инспирацијата. Сето тоа е забавно, но не престанува да боли, иако вената е можеби навистина златна. Климачек се труди да го урамнотежи дефицитот на духовност со помош на магичноста, која содржи комични или разговорни параметри.
Во секој случај, авторот создал романескна генерациска визија во која ги аплицирал достигнувањата на постмодерната поетика, која воедно пак во извесна мера и ја надминува. На почетокот од овој век ова дело е веројатно првиот вистински и релевантен обид да се понуди романескен израз за вечниот спор меѓу субјективноста и објективноста.

Превод од словачки: Звонко Танески

2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 74|