Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

/, Литература, Блесок бр. 74/Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

Среда претпладне

На здравје, – промрмори Лудиот Шани.
Милка ги забриша солзите, кои ѝ протекоа по кивањето.
Малку се затетерави, погледнувајќи во сонцето несакајќи, и кивна уште еднаш.
Шани веќе не се притиснуваше во давањето ласкави одговори, па брзо исчезна во задниот двор. Нешто неподвижно скриваше под кошулата. Милка набрзина стави штипки врз остатокот од облеката на жицата и отиде кај свекорот.
Шани Кујан, таткото на Марош, го разубавуваше она што никому не му требаше и развиваше нешта што никој од него не ги бараше. Тој беше ренесансен човек, способен да изгради цевководна пошта, придвижувана од правосмукалката Ета со која на децата им ги испраќаше наредбите, но за да го поправи фенот или да го наточи ножот за сечење леб – не беше расположен.
Низок хоризонт, – велеше.
Милка бегло погледна накај отворениот прозорец од детската соба – Петко со исплазен јазик ги поврзуваше жолтата и црвената коцка од Лего-то. Претрча низ куќата и ја стисна кваката од задната врата. Беше затворена.
Тате, отворете! – викна Милка, – Знам дека сте таму.
Наместо одговор се слушна штракање од металите предизвикано од нивниот триеж. Шани довршуваше еден од своите уреди.
Тате! – викна Милка погласно.
Штракањето изразито се забрза.
Ако не ми отворите, ќе ја скршам вратата! – викна Милка налутено.
Штракањето од металите се смири. По кратка пауза се појави пак, овој пат со уште побрза фреквенција. Милка знаеше дека вратата не може да ја разбие.
Одам по секирата! – се развика.
Чкрипежот од обработуваниот метал се збогати со тивка смеа. Вратата беше градена така што беше невозможно некоја неповикана личност да влезе во полигонот на Шани. Сега се слушна шуштење. Шани испушташе гас од садот со притисок.
Исфрлете нè во воздух! Мене и детето! – хистерично врескаше Милка.
Шуштењето на гасот на моменти ја заглушуваше. Тој манијакот сигурно во својата преградена градина тестираше некој од своите пронајдоци. Последниот уред, џебен пиштол за ликвидација на осини гнезда, кој работи врз база на преработен бензин што Шани го дестилираше, не знаејќи дека со тоа направил нешто слично на напалм што му го одзеде полицијата откако го запали дрвениот плот каде што осите несреќно го градеа својот привремен дом. Со оглед на тоа што на другата страна од плотот живееше поранешната секретарка на градоначалникот на Вељке Роје, полициската акција беше брза, брутална и ефективна.
Полициска држава! – извикуваше столчениот Шани.
Патролата по протоколот тврдеше дека Шани ги нападнал со пиштолот, а сведоштвото на двајца полицајци против еден осамен сведок овде постојано ја одржуваше силата на законот. Сега евидентно немаше намера да го прекине експериментот, затоа што сопругата на синот беше на негов терен.
Милка се врати три чекори наназад мислејќи да го земе Петко во прегратката како и штедните книшки, но потоа во неа повторно се појави воинственоста.
Тате? – се јави навидум спокојно, – ако не ја отворите вратата, ќе го запрам експериментот во пералната.
Шуштењето на гасот стивна. Можеше да се слушне звукот на апаратите што ги оставаше, па за миг се отвори и металната врата.
Излезе разлутениот Шани, – уште ли трае тоа?!
Очите небезбедно му светеа.
Милка кимна со главата. Во подрумот каде што во посреќните времиња ги чуваа машината за перење, даската за пеглање, садот за цедење – сега се наоѓаше котелот со мешалката чие рамено деноноќно гнетеше некаква смеса, а за нејзиното значење Шани никому ништо не кажуваше. На хартија, домот му припаѓаше на свекорот, а Милка Кујанова живееше таму со Марош и со Петко само поради тоа што беше нереално да се најде стан во Вељке Роје.
Ќе ви го исклучам тоа, ако не ми покажете што правите! – беше настојчива младата жена.
Независно од тоа, кога ќе се налутеше, многу мажи со задоволство се сложуваа во тоа дека таа е прекрасна. Кога небесата ја создавале им снемало бои освен црната, но темната коса и темните очи пак ѝ додале егзотични црти на овалното лице. Кога ја сретнувавте, имавте чувство дека на некого ви наликува, но го испуштавте таквото чувство од главата. Освен Марош, кој одамна заклучи дека неговата жена личи на илустрација од книгата The Egyptian Sinuhet, една од малкуте што ги беше прочитал до крај. Затоа ја сакаше уште повеќе.
Ќе го исклучам! – навалуваше Милка.
Низок хоризонт, – промрмори свекорот и се тргна од вратата.
Во средината на малата градина, добро сокриена пред љубопитните зраци зад високиот лимен плот, стоеше една речиси двометарска ракета. До неа водеа цевки од заварени шишиња, па затоа на Милка ѝ се смачи. Доволни беа неколку мигови и можеа да летнат во воздух.
Шпицот на ракетата беше отклопен небаре како со отворач за пиво. На округлата површина со пречник од дваесет сантиметри нешто се движеше. Милка се наведна над трупот со портокалов натпис СОЈУЗ 333. Стутулена во кабината на вселенскиот кораб преташе перуанската мисирка.
Вие сте го украле Хабакук? – почна да се дере со глас на античка божица.
Почна да ги отстранува решетките, но мисирката се наоѓаше во перфектна стапица.
Сите ќе нè убиете! – викаше.
Мисирката, окуражена од гласот на својата господарка, помогна во ослободувањето барем со пискот. А само пред петнаесетина минути удобно си дремеше во кафезот, сè додека старечките раце на пронаоѓачот не ја извадија од топлото и не ја сокрија под кошулата.
Минатиот пат усмртивте пустински глодач! – беснееше Милка.
Мртвиот глодач стана жртва на експериментот при кој тој недоброволно ја тестираше центрифугата за астронаутите, преправена од машината за цедење. Пустинскиот глодач не ја преживеа претовареноста од многуте Г, па Милка и Петко го закопаа во кутија од бонбониера, завиткан во алуминиумска фолија.
Сега се грижев! – се огради прозваниот Шани.
Покрај растргнатата леплива лента лежеа на подот – очистениот морков и едната половина од јаболкото, храната на идниот космонаут.
Кога ние веќе не сме ти важни, не му ги земајте барем животинките на малечкиот! – заврши Милка.
СОЈУЗ 333 стоеше напуштено среде градината како огромно шише пиво, чија судбина е да ветрее засекогаш.
Гледај, Хабакук бил на прошетка, – го излажа детето и ја стави стресената мисирка во кафезот.
Веднаш влезе во пластичната куќичка во облик на мало бубреже и остана во него два дена. Милка набрзина го облече момчето и излегоа во дворот.
Уште клучот од продавницата, – му дофрли на синот и се врати во собата.
Делот од домот во кој живееја имаше од разбирливи причини прозорци со поглед кон улицата, а не со поглед кон градината на експериментите.
Се задржа само една минута, но на Петко му беше доволно да претрча до подотворената врата од каде со светкави очи ја гледаше ракетата на дедо му.
Бууууум – рече момчето.
Би сакал малку да леташ? Некогаш ќе ти направам таква, – му зашепка Шани, зашто веќе се наближуваше неговата мајка со злокобно затворени усни.
Ајде! – го оттргна синот што се противеше и го одвлече кон градинката.
Низок хоризонт, – заклучи пронаоѓачот и се врати назад кон вселенската рампа.
Недалеку од неа, работливите пчели собираа со ножните четкички наноалергени од цвеќињата, кои потоа со таен процес ги претвораа во популарен мед.

Превод од словачки јазик: Звонко Танески

АвторВилијам Климачек
2018-08-21T17:21:00+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 74|