Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

/, Литература, Блесок бр. 74/Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

Еве Ви – му подаваше жената потполно поинакви ликови, – Повеќе немам.
Марош ги погледна двете банкноти од сто евра што му наликуваа на ждрепки, а во главата си спомена на вчерашниот курс. Повеќе од осум илјади словачки круни! Океееј… Длабоко воздивна и во делот од секундата прилично гладно ја испружи раката.
На ликот од жената се појави сомнеж, но свирењето на автомобилите што брзаа долу кон градот ја принуди да седне во црвената каросерија. Од забрзаниот чекор, сепак, можеше да се почувствува олеснувањето. Ја затвори вратата и уште еднаш погледна во Марош. Нему токму во моментот му испадна од раце неуништливиот советски велосипед, изворот на неговата исхрана. Увеличено тешко се подигна.
Хундаито тргна, а топлото ветре во августовското утро го растера облакот од чад испуштен од ауспухот. Оловните талози благодарно заседнаа врз малите кисели јаболка, опшиени со гранките од искривената јаболкница. Некогаш одамна ја беше посадил покрај патот некој доверлив човек, можеби далечен роднина на Марош, среќен маж, кој во животот сретнал повеќе коњи отколку четиритактни мотори.

Земјата се нишаше. Некаде далеку кладивата со конци ја зашиваа Европа.
Како крпеница на кадифен капут се издвојуваа новите држави во Унијата, обидувајќи се да го зачуваат достоинството во новонастанатиот сојуз, чија единствена несомнено видлива идеја беше заедничкиот пазар. И неубедливо декларираната солидарност на силните кон слабите. Граѓаните на крпениците знаеја дека на почетокот – старата Европа ќе се обраќа кон светот само со онаа страна од капутот на која не се гледа нивната обоена флека што стрчи, па затоа и не се возбудуваа ништо повеќе од други пати.
Кој знае, дали со тоа не го испуштија историскиот момент на искрена радост поради обединувањето? Многумина и ја чувствуваа радоста, но ја преголтаа како илјада пати претходно, бидејќи искуството ги научи – со нас или без нас, тркалото на историјата се врти и понатаму.
Веројатно малку кој веруваше дека на европскиот континент може да се повтори чудото на парниот котел што пред неколку векови ги соедини доселените народи на северно-американската земја во компактна формација на едно тело и заедничка мисла, создавајќи ги така најмногу озборуваните букви од азбуката во историјата – дваесет и првата, деветнаесеттата и првата3F – значи USA.
Наспроти сомнежите, сепак, беше сигурно дека на малата Словачка не можеше да ѝ се случи ништо подобро од тоа што ја пришиваа кон другото парче на Европа, кое беше создало толку прекрасни нешта какви што се Храмот на Свети Петар, психоанализата и филмот Yellow Submarine. Колку подалеку од главниот град, толку помалку беа присутни потресите од нитните во секојдневниот живот на граѓаните.
А во епицентарот на нашата приказна, во гратчето со седум илјади жители – Вељке Роје, земјата не се нишаше воопшто. Последниот настан вреден да го носи тоа име се одигра пред петнаесет години и остана во градската хроника забележен како умерен земјотрес при што пукна асфалтираниот тротоар до градинката на улицата М. Р. Штефаник каде што штетата беше пресметана на 12.860 круни и каде што трагично загина еден граѓанин.
Веста за тоа дека граѓанинот не загина од обична смрт, дека го проголта пукнатината во земјата и дека телото досега не се најде, никој излишно не ја ширеше. Ниту веста за тоа дека тој беше до неодамна најпознатиот граѓанин за кого овде уште нешто ќе чуеме.
А фактот – зошто градот се викаше Вељке Роје не успеваше веќе да го објасни никој. Тука пчелите никогаш не се одгледуваа на големо, а податокот за нив не се најде ниту во хрониката. Појавата на лов во градините не ја надминуваше целодржавната средна мерка, но никој не протестираше кога во новопредложениот градски грб се појави пчела што седи врз дрвена лажица за готвење. Изработката на дрвените лажици-мешалки тука имаше стогодишна традиција и постепено од околните зафрлени колиби се пренесуваше во претпријатието Древочас, кое со добра умисла го прошири нејзиниот асортиман и со мебел што не беше наменет за продажба.
Вељке Роје беше град кому историјата му се беше измолкнала.
Царската кочија помина низ општината само еднаш и само благодарение на тоа што ѝ се скрши тркалото, па градскиот музеј можеше да се гордее со покриениот плех и со уделот во неговото ковање. Турците тука не дошле, Хусите4F ја избегнале долината, а Хурбановците5F тука не наполниле ниту вода во бардињата. За време на Првата светска војна одвеле само десетмина мажи од кои шестмина се вратиле, а на останатите четворица градот им постави споменик на мермерен војник со мермерна пушка кому му се восхитуваа најмногу децата што вечно се обидуваа да се искачат на подлогата и да го отворат поклопецот од оружјето.
Партизаните војуваа само во соседниот атар, но за среќа си беа издлабиле земјанки и во градскиот катастар, па така Вељке Роје можеа да се прогласат за општина на востаниците за што подоцна го добија и статутот на градот. Токму во август 1968 година имало групен одмор во целиот завод, па така Древочас како единствено претпријатие во округот не штрајкувало против инвазијата на сојузничките војски со што си ја беше заслужило титулата Претпријатие – носител на Редот на Црвената ѕвезда, па до буквите во својот натпис гордо излеа уште и метални ѕвездички. До ноември 1989 година емигрираа од градот само тројца млади луѓе и никој повеќе не слушна за нив, така што не можат да се побијат фамите дека тие стапиле во странската легија, како што доверливо се зборуваше во ресторанот на хотелот Хорец на масите со фернет и тоник.
Кадифето исто така помина без какви било шлаканици и закани кон членовите на комунистичката партија, затоа што секој трет граѓанин членуваше во таа партија („го правев тоа поради децата“!), секој втор имаше роднини во партијата („Боже, па не можам да се поставам против брат ми!) и секој имаше барем по еден добар другар комунист („знаеш, што тој ти изнакажа кога седевте на пиво?!“). Единствениот вистински градски дисидент Владо Јураш се врати тивко од затвор и чесно си ја градеше живеачката со автомеханичарска дејност.
Над градот вишнееше врвот Јаворове со телевизискиот предавател, а длабоко во гората се наоѓаше торзото на советската воена основица што за среќа не стигнаа да ја довршат.
Деновите на градот минуваа без потреси и занишувања, земјата под нозете беше цврста сè до тој четврток, но да не брзаме, уште е среда, во моментов веќе е доцно утро во кое Марош постојано наоколу ги гледа банкнотите од 100 евра и се радува. Августовскиот воздух над полињата се загрева сè повеќе, а воздушните струи ги подигнуваат полетувачките нанозрна полен, поткревани од триежот на банкнотите, зачудувачки високо.
Едно поленово зрно ја зафати вистинската струја, па оџакот од жешкиот воздух го носи стрмоглаво нагоре, каде што ќе се смеша со студената маса на ветрот и по лудата пируета несигурно ќе се упати во насока кон градот. Од перспективата на поленот јасно може да се види геометриската чистота на улиците што како зраци се рашируваат од плоштадот, опколен со стари куќи, каде што доминира една специфична градба, која од височина наликува на ракета подготвена за старт, но зрното нема време да му се восхитува на градското јадро околу кое во пристојна оддалеченост ротираат бетонските сателити, бидејќи ладната струја го насочува сè до спротивниот рид каде што се извива редот од потполно еднакви куќи со предворја, со два прозорци, со натстрешници под кои може да се седи; таму веќе и гледа еден детаљ на жица со пружени алишта на штипки каде што токму сега една жена со темна коса закачува мокри гаќички, а неконтролирачкото нанозрно без какви било наночувства паѓа токму врз лицето на таа жена, заседнува врз огромните отвори на нејзината носна празнина за да ги погоди со голема брзина вибрирачките влакна во топлата розова слузница, која веднаш ги поврзува наследените одбранбени механизми, издавајќи им наредба на белите дробови да го задржат воздухот, да ја повлечат дијафрагмата и одеднаш со силниот воздушен столб да го истераат нанопровалникот од телото.

#b
3. Редоследот на буквите е предаден според словачката азбука (Заб. на преведувачот).
4. Приврзаници на движењето на средновековниот чешки теолог и религиозен реформатор – Јан Хус (1371-1415). Заб. на преведувачот.
5. Приврзаници на политиката на програматорот и организаторот на словачкото буржоаско движење – Јозеф Милослав Хурбан (1817-1888). Заб. на преведувачот.

АвторВилијам Климачек
2018-08-21T17:21:00+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 74|