Плетејќи се во сплетените нишки

/, Литература, Блесок бр. 63/Плетејќи се во сплетените нишки

Плетејќи се во сплетените нишки

Читајќи го „Ешерове петље“ од Зоран Живковиќ, Белград: Геопоетика, 2008

#1 Со нетрпение го очекував новиот роман на еден од моите омилени автори Зоран Живковиќ. Интуицијата (?) ме упатуваше дека ќе биде нешто ново и вообичаено. Не за друго, имав прилика да прочитам мал дел, а и насловот кој го знаев од претходно ветуваше добро патување. Морис Корнелис Ешер или M.C. Escher за оние што го познаваат така, е еден од графичарите, уметници кои светот на магичното и имагинарното го спојуваат во црното и белото, а со тоа директно влијае на моето консумирање на уметноста воопшто. Неговите невозможни структури, како што ги нарекуваат, се одлична подлога за креирање. Земајќи ги неговите графики како инспирација, како шема низ која ќе ја гради структурата на својот нов роман, Зоран Живковиќ директно ја надградува и својата лична поетика. Ако претходно играњето и загатнувањето беа основата на неговата литерарна матрица, сега навлегува во уште позагадочен дел, во кој загатките се испреплетени како некоја фина текстура на скапоцен материјал. Директно наведувајќи го изворот на конструкцијата во насловот на романот, и притоа вешто, како и секој успешен мајстор, заведувајќи нè во неколку правци, Живковиќ ни дава невообичаена можност сами да придонесеме во креирањето на романот, во можноста сами да ги отплетуваме нишките или пак уште повеќе да ги заплетуваме.
На повеќе од триста страници се плетат четирите големи нишки, секоја со сопствените ликови кои, не случајно, се ликови од претходната нишка, ликови и настани кои биле споменати и се поврзани меѓусебно. Во првата нишка поврзаноста е преку несекојдневното сеќавање, и тоа од каде почнува едното, продолжува другото, кое е дел на третото и така натаму сè додека не се врати на првото, а во втората е раскажувањето приказни, и тоа исто така поврзани, односно секоја приказна е приказна во приказна, и така до следната нишка. Третата нишка е директно поврзана со самоубиствата, поточно приказните за тоа и со старата госпоѓа во зелено, која исто како господинот во бело ќе бидат клучот за одгатнување на загатката, што ќе се навести во четвртата нишка, целосно водена од соништата. Имајќи ги предвид сите овие четири елементи – сеќавање, приказни, самоубиства, соништа, и ликовите на госпоѓата во зелено и господинот во бело ја имаме можноста само да го почнеме ткаењето, затоа што некаде на крајот од романот Зоран Живковиќ пак нè враќа на почетокот, не давајќи ни можност да се осигуриме дали правилно сме се отплеткале или не. Или можеби не е важно како и дали сме се отплеткале. Можеби повеќе е важно да ја прифатиме играта и, слично како во графиките на Ешер, една нишка да води кон друга, а таа пак кон некоја нова и непозната.
Секој од ликовите има своја приказна, во која нераскинливо е поврзана со онаа на другиот лик, а сите се водени од едно посебно својство. Дури и во последната нишка, кога секој лик го раскажува сонот, а другите ликови директно некое нереално искуство и тоа во критични точки – болница, затвор, стрелачки вод, …, ликовите не само што не се спојуваат во претходните приказни, што би било некое банално и просто решение, туку уште повеќе загатнуваат – што е тоа што треба да го остават во ковчегот на господинот во бело и госпоѓата во зелено, кои мене директно ме асоцираа на некои од ликовите на една од моите омилени книги „Алиса во земјата на чудата“.
Играта со уметноста, играта со загатките и фантастиката се основната матрица во прозата на Живковиќ. Тоа е исклучително важен податок затоа што на едно место имаме можност да си играме со сите уметности и тоа споени со една единствена цел – важно е да се игра!!!
Начинот на кој го води раскажувањето покажува како од потребата да се поставуваат фантастични координати, па преку начинот на синестезија кој го следи во претходните дела, се станува комплексен автор целосно фокусиран на книжевноста сама по себе.
Имам уште многу да пишувам за книгава, да раскажувам за неа, ама ќе оставам секој читател сам да ги отплетка нишките и уште еднаш ќе посочам, штета што македонската книжевна јавност не сака во превод да го запознае комплексниот имагинарен начин на раскажување на Живковиќ, кој наликува на Вавилонската библиотека на Борхес, меѓутоа побогато зачинета со нешто многу важно – сознанието на тајните поврзани со книжевноста, слично на големите езотерични мудрости чувани со векови. Искрено ви ја препорачувам книгава за читање!

2018-08-21T17:21:09+00:00 декември 29th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 63|