Планот за испраќање

/, Литература, Блесок бр. 74/Планот за испраќање

Планот за испраќање

Јан ја доведе Елза кон главното стојалиште на таксистите. Со желба да го избегне новото шише вино, како и марширањето по распалениот ноќен град. Ја седна на седиштето до возачот и го погледна него в лице. Самиот остана да стои на тротоарот. Ѝ ја затвори вратата на Елза, а рацете немоќно останаа да му висат по должината на телото, попусти и предолги. Мораше да внимава да не ги влече по земјата. Да не си ги прегази.
За момент таксито на крајот од улицата ќе застане и Елза ќе излезе. Ќе скокне како срна. Се упатува назад кон градот. Ја раширува прегратката, клоца со нозете. Мажот на тротоарот гледа од зад нејзиниот грб што се оддалечува и постепено почнува да танцува. Оркестарот не свири.
Калисто Танзи, си пее Елза. Така се вика малото прилепувачко животинче што во мене мрзеливо расте. Си пее Елза.
И жените сакале да им го купат на мажите, а мажите пак го фаќаат за окото. Гледаат во мене и го забележуваат, како седи во внатрешноста и дозрева. Си пее Елза. Веднаш зад вратата. А најрадо би ми го распарале стомакот и би ми го пресвиткале грбот на две половини. Само да го имаат тие. Си пее Елза. Најрадо би ми ја скинале главата и би пробуричкале во мене со рацете. Си пее Елза. Не обрнувајќи внимание на крвта: слободно и пред децата. Елза си пее.
Станот на Калисто Танзи остануваше, и по неговото враќање, празен. Поголемиот дел од времето го минуваше во колата. Како танчар на врвот од својата кариера не се движеше веќе никаде надвор од сцената. Возењето со колата му помага во надминувањето на недвижечката состојба. Пејзажот поминува подеднакво брзо како при танцувањето. Колата го создава долниот дел од телото на Калисто. Неговиот ΄рбет израснува од возачкото седиште. Калисто Танзи е минотаур. Кога Елза влегува, самата се нурнува во ентериерот од возилото како во тесна прегратка.
Кога со Калисто се прегрнуваат, таа си споменува на топлите гумени внатрешни органи кои кружеа меѓу децата, кога учеа за човечкото тело. Таа и Калисто се пулсирачките внатрешности на темното возило. Црниот дроб на колата. Органот за парење. Јајчниците. Работат по цели ноќи. Топло облечени во студената кола. Нивните движења го одржуваат возилото во живот.
Рано се враќаше по празните улици. Измиена во бело со бранот од плимата: ги оттргна сите куќи и градови. Потоа ги зграпчи и луѓето за нозете. И за два дена ги врати назад: лицата изладени од тврдиот песок, бисер во секој отвор на телото.
Дома си прилегна до заспаното лице на Јан. Откриваше цел синџир од облици низ кои беше поминала. Другарите од детството, бесконечното долго лето, родителите, тркалото од велосипедот што стрчеше под божиќната елка. Промените на подобро и назадувањето. Лицето на Јан немаше возраст. Тоа беше немирен рој што заседнал на едно место.
Кога го погледна в очи, ги здогледа сите нивни заеднички црти. Секој пар, што се.
Ја разбуди болката. Извртена од лактите до дланката и во обратната насока кон рамената. Елза ја возбудуваше. Ја предизвика неприродната положба во колата.
Калисто го завладеа нејзиниот живот. Кога одеше по улиците на градот, не гледаше веќе во лицата на минувачите, туку во внатрешноста на колите. Го бараше возачкото тело на Калисто Танзи. Наместо по тротоарот би одела попрво по средната линија меѓу возилата.
Раката на моменти целосно омлитаве. Не можеше со неа да работи. (Без паника, си помисли изгледа Елза, без паника.)
Ништо во дланката не задржуваше. Прстите се здрвуваа. Раката отрпнуваше и висеше по должината на телото како знак на вечното присуство – Калисто Танзи беше секогаш од страната: кога не можеше да пишува со неа, кога од прстите ѝ испадна лончето. Ако ѝ беше потребна раката, а не можеше да ја искористи, се занишуваше со раскошноста.
Престана да јаде гарнирани отворени сендвичи – остана само грејпфрутот и џинот, јаболкото и јаболковицата, вискито и мразот. Ѝ се чинеше невкусно јадењето. Да имаш в уста изџвакана храна. Сакаше да ја има устата празна и восхитена – подготвена да прима. Неговата уста.
Со џинот се дезинфицираше, но тој најпосле и придаваше и смелост и безочност да се сретне со некој што толку многу ѝ се допаѓаше. Да гледа во лицето кое ѝ се закануваше со тоа по што таа копнееше. Џинот го правеше тоа поднесувачко и вредно за живеење. Беше дури и одговор на тоа што да се прави со слободното време. Со неподвижноста на ноќта пред мугрите.
Кога Елза беше очајна, ѝ падна криво тоа што никогаш не се научи да прави воденички тркала. На пример со нив можеше да го исполни времето, додека чекаше на Калисто Танзи. Кога би можела во реонот на паркингот да направи неколку воденички тркала, сигурно денот би ѝ врвел побрзо. Вака само кружеше наоколу во ординирани осмици.
Но веќе ја виде неговата кола. Стоеше сосема на крајот од паркингот, затоа веднаш и не ја забележа. Ја отвори вратата и седна врз седиштето. Лицето, сепак, го сврти кон туѓиот маж. „Злато, не можам сега. Гледаш, одзади е ќерка ми“. Елза ја сврти главата наназад и го здогледа девојчето кое седеше таму. „Можеби следниот пат“, ја симна мажот од колата.
Мораше некому да му го раскаже тоа.
Вечерта му ја опиша случката на Јан, како приказна која ѝ се случила на нејзината Другарка. Ликот на Другарката си го зачува како резерва. Сигурно уште ќе ѝ се најде. Подоцна прочита дека имагинарните другари често си ги измислуваат осамените деца на кои им недостасува брат или сестричка.
Другарката за која на Јан често му раскажуваше со текот на времето почна да се однесува во целост како Калисто Танзи, имаа заеднички ставови, пријатели, минато. Одеа во исти училишта и ресторани. Читаа исти книги.
Елза така му прераскажа на Јан, со текот на времето, речиси сè.
Ребека имаше имагинарна пријателка само во детството. Се изгуби со првата менструација. Се викаше Јуп. А освен неа, Ребека одгледуваше и измислени животинки – едно многу мало и брзо куче, две бубамари и златен коњ што беше целиот бел.
Волфганг Елфман, братот на Лукас Елфман, ги имаше своите животинки во шумата. Беа диви. Затоа не можеше да ги одгледува во станот. Секогаш по нив одеше во шумата. Им се јавуваше и тие доаѓаа. Потоа заедно си играа и разговараа, сè додека не паднеше мракот.
Кога Лукас беше младо момче, исто така сакаше да си игра со нив. Но, Волфганг никогаш не го зеде со себе кај животните. Секој пат само по вечерите му раскажуваше што сè правеле во текот на денот. Беше налутен, а очите му светеа во темната соба. Лукас Елфман се одлучи да ги најде животните сам.
„Животни на Вооолфгаааанг! – викаше кон нив среде шумата. „Животни на Вооолфгаааанг!“ – врескаше и се нурнуваше во шумата сè подлабоко.
Елза се нурнуваше во шумата. По краток период застана и го сврти лицето кон крошните на дрвјата. „Кааалииистооо Тааанзиии“, викаше. „Кааалииистооо Тааанзиии“, врескаше и се упатуваше сè подлабоко. Крошните од дрвјата сјаеја на површината. Водата ги голташе и движењата и зборовите. Со отворена уста го досегна дното на езерото.

Превод од словачки јазик: Звонко Танески

АвторЈана Бењова
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 74|