Планот за испраќање

/, Литература, Блесок бр. 74/Планот за испраќање

Планот за испраќање

Калисто Танзи нема мобилен телефон ниту пак и-мејл адреса. Таквиот начин на комуникација го смета за прегорување. (Стариот англиски израз black mail означувал изискување на необразложените даноци. На непостоечките долгови, на недадените ветувања.)
Не постои едноставен начин за тоа како да му се вмешаш во животот, да му влезеш низ прозорец на екранот или на дисплејот, да му се отелотвориш директно пред очите. Елза не можеше да се потпре на електронското заведување. Иако имаше талент за тоа – за зборување и за слатко ломотење. Беше вешта дрдорка.
Но новите можности ја донесоа и посилната конкуренција. Беше толку лесно да се заплеткаш со некого, да исконтактираш. Сè беше наклонето кон заведувањето. Во прв ред времето заштедено со брзата комуникација.
Никој веќе не мораше да патролира во ноќта по темната улица, да патува со кочија, со автомобил, за време на бура. Да ги поправа тркалата, да ја менува зовриената вода во ладилникот, да се вртка околу куќите и кафетериите, безмоќно да ги обиколува улиците на градовите, каде што се наоѓа надежта за средба со љубената личност. Да се мапира можноста на нејзиното присуство. Да се следи, да се демне, да се сокрива, да се издржи неподвижно со години на едно место или да се патува без паузи.
Мејловите и СМС пораките беа прозорци и огледала што брзо се множеа во светот. Преку нив можеше да се влезе во собата, на стреата, во тоалетот, да се нурне под водата, да се полета. Каде било да се закачи сопствената примамлива слика – инсталацијата.
Елза: Во воздухот, на патот. Да Те изложувам на мојата слика.
Елза го започна утрото со пишување. Си пушти музика и половина час страсно продолжи да ја пишува книгата. Често за време на работата стануваше од столот, испотена, зашто при пишувањето пие по неколку литри чај и ја пушта музиката премногу гласно до ушите и пишува, пишува. Пишува, небаре трча од угорница надолу. Се поти и ја фаќаат трпки. Цел живот ѝ се движи телесната температура помеѓу 37, 1 и 37, 6 степени, а на неа се додаваат и лесната треска и слабите нерви. Освен тоа што температурата помага при пишувањето и при еротската жедба, таа му го овозможува на човекот и непречениот престој дома. Лекарите, главно, се плашат да го пратат пациентот со температура во вртлогот на работните денови.
Кога ќе допише, таа е гладна, жедна и вниманието ѝ е целосно исцрпено. На Елза ѝ недостасува способноста за постојано творештво – sitzfleisch. Нејзиниот работен ден трае три часа. Тогаш кога Елза станува од работниот стол, нејзиниот сопруг станува од постела. Седат заедно на канабето во кујната и размислуваат што ќе јадат и што ќе појде Елза да купи. Главно ручаат гарнирани отворени сендвичи и пијат џин и сок од грејпфрут. Елза беше читала дека за тоа како човекот се чувствува има осумдесетпроцентен удел неговиот желудник. Тоа во него. Гарнираните отворени сендвичи и џинот претставуваат исхрана поврзана со прославите. Затоа целите нејзини години во животот ѝ изгледаа како една непрестајна и чесна прослава. Ден по деновите. И како за време на секоја нефалсификувано преживувана – незанемарена прослава – приквечер или рано изутрината – кога светлоста е долго неопределена, а пејзажот наликува на пластично засветена сцена – некаде на коренот од јазикот и на небесниот свод се објавуваше децентниот горчлив вкус – вкусот на крајот од прославата. Ја имаше овошната миризба од виното, собната температура, полното тело и долгата опашка. Во ноќта ја разбудуваше сè почесто: вкусот на тажниот крај. Како кога за Нова година, неколку секунди по полноќ ќе отиде за миг Јан надвор со друга жена а на Елза на градите, на главата и на рамената ѝ чучнува зарастено џуџе: ноќната мора што ја моча нејзината горештина директно на површината од градите.
Изутрината, по патот за дома, Елза ќе се расплаче директно насреде улицата:
„Јас не сакам да марширам. Не сакам веќе натаму да марширам. Цел живот само марширам!“
„Тогаш не мора да одиме пешки. Ќе викнам такси“, ја смирува Јан.
„Ти не го разбираш тоа. Сеедно е. Пешки или со такси. Човек и така постојано само маршира“.
Елза: Но марширањето беше токму она што ме одржуваше будна. Некои ги решаваа проблемите во нашиот град со пешачење, други со пливање, со јавање коњи или со стрелаштво.
„Каде одиш, Елза? Аха. Се шеткаш, нели? Јас исто така. Но каде? Не сакаш да ми кажеш, нели? Имав таков другар, тој исто така никогаш не сакаше да каже. Еднаш само се поднаведна кон мене и ми прошепоти: знаеш, другар, јас токму сега одам на едно местенце. Така кажувај и ти, Елза. Дека одиш на едно такво местенце“.
Градот е мал. Само што ќе кинисате на пат, поголемиот дел од него веќе сте го поминале. Кој сака кај нас да се шетка, мора да оди во околината – како коњче, а на патот постојано среќава други коњчиња што се шеткаат.
Се шеткаме со намера да го избегнеме друштвото и трпеливо чекор по чекор да си го всадиме чувството на слободата. Во стварноста сме, сепак, само членови на коњската секта со тврди правила на кругот.
Попрво ќе скокнам во базенот. Рацете и нозете работат како две воденици. Здивот ќе се забрза, ќе се продлабочи и ќе се нормализира. Помалите и поголемите базени во главата постепено се наполнуваат со пливачи: периодично во нив се тркаат и се дават, нуркаат и се мешаат меѓусебно.
Денеска на базенот има премногу луѓе. Едвај ги избегнувам прегратките растворувајќи се под водената површина, а воедно и мрдајќи со нозете. На средината на кругот стојат деца и си ја подаваат топката полна со песок. Од ѕидовите на базенот во пресрет ме удираат дебелите нозе на една госпоѓа што тренира. Во соблекувалната, едно слепо девојче несигурно се преслекува во костим за капење. Ќе ми се здрват забите. Небаре некој ме удрил со палка по лицето.
Наспроти излезот од базенот е станот на Калисто Танзи. Не го испуштам од очите. Ова лето нема да отпатувам од градот. Не го менувам видикот. Не барам море. Ќе се залепам до прозорците од напуштениот стан.
Со Јан се сретнуваме случајно во градот. Пиеме вино во текот на целата долга летна вечер. Ми раскажува како некогаш си мислел дека цел живот ќе памти некако подетално. „Ми испаднаа цели делови, панели. А настаните не се оддалечуваат линеарно со времето што надоаѓа. Не е тоа отстапувачка линија, тоа се змијулести патчиња. Некои временски оддалечени делови се потфаќаат на кривините, свиоците се пресекуваат и блесокот се појавува над хоризонтот: раката згрчена во лактите, водена коса, покриен прозорец, устата како круг напнат во воздишката“. Му раскажувам на Јан што прочитав денес за една опасна болест. Избувнува во средниот век и се појавува со тоа што човекот почнува да танцува. „Па, за неа треба само да се најде некаква добра музика“, ќе рече Јан.

АвторЈана Бењова
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 74|