Патот на свилата

Патот на свилата

Во селото Лижу, во кинеската покраина Сечуан, живее Мао, ситно црнокосо девојче. Има седум години и е единственото дете во семејството Фанг. Покрај училишните обврски, Мао им помага на мајка си и татко си при склопувањето на пластични играчки. Секој ден напорно работи неколку часа. Рано станува и доцна легнува. Оваа седмица склопи повеќе од три илјади малечки шарени коњчиња и само еднаш се исече на остар раб од пластиката.
Хуанг Хао двапати неделно со своето комбе поминува низ околните села, ги собира играчките и се враќа во градот Ченгду, каде што живее и работи. Неговото семејство; сопругата, единаесетгодишниот син, чичкото и неговата жена, како и неговиот стар татко, ги сортираат и ги пакуваат играчките во големи пластични кошови. По нив кон крајот на неделата со голем камион доаѓа Жанг Жонгвеи и ја одвезува робата во складиштето на фирмата Шанту Шангај Ченгду Пластични играчки ДОО. Платата не е којзнае што, но тој е самец и задоволен е.

Триесетгодишната Џихан Јанли во голема фабричка хала, со уште триесет други жени, работи на контрола и доработување на робата. Мажена е, трудна е во трети месец. Не беше сосема сигурна, па среќната вест ја остави за следната недела, после лекарскиот преглед. Нејзината најдобра пријателка уште од школските денови, Зои Џијанху врз шарените кутии со спакуваните играчки лепи декларации и ги става на подвижната лента која ги пренесува во соседната хала. Таму Ксијао Ксуемеј, еден од десетината работници во одделот за пакување, вешто и бргу ги реди во големи кутии. Ги лепи со широка лента, ги обвива со пластична фолија и ги реди на дрвени палети. Пред да завршат во централниот склад, кутиите ги прегледува господинот Жифенг, главниот контролор. Врз секоја прегледана кутија го става својот личен печат. Многу е педантен и строг, до пензија има едвај седум месеци.

Су Ганџун е најмладиот од сите возачи на вилушкари, тукушто наполни деветнаесет години. И покрај товарот кој е многу висок и гломазен, тој со своето возило вешто маневрира низ лавиринтот од премини во главниот склад на фирмата. Ги реди палетите една врз друга во осум метри високи метални полици, по потреба ги сортира и ги товари во контејнери. Попладне, после работа, оди на предавања во вечерно школо кое сам го плаќа. Сака да стане информатички програмер.
Трипати во неделата, Лиу Донгсун со својот камион со приколка транспортира два контејнери полни играчки до царината во Шангај. Тие долги тури му се многу добро платени, па смета дека веќе за пет-шест години на банката би можел да ѝ го отплати кредитот за возилото.

Во огромното отворено складиште на царинарницата во шангајското пристаниште, Јуан Кун работи како возач на високата контејнерска дигалка во Црвениот сектор. Еден е од ретките кои во шумата од илјадници контејнери може да се снајде без проблем, со заврзани очи. Тој е во постојана радиска врска со цариниците Лан Јинг и Жу Лаижен. Тие го вршат завршното извозно царинење каде што, после деталниот преглед на робата заедно со шпедитерите, со пломби ги запечатуваат контејнерите, ги сортираат и ги подготвуваат за транспорт на брод.

Првиот офицер на палуба Јан Конрад, веќе две години, со мали паузи, плови на холандски контејнерски брод. Негова задача, меѓу другото, е да се грижи за товарот. Дури кога тој ќе даде зелено светло, контејнерите можат да се натоварат на бродот. Тука ги презема Филипинецот Џеки Лу Пинг со својата екипа кои товарот го местат според планот на сместување. Џеки е исклучително задоволен со работата и со својата плата. Посвршен е и планира голема свадба кога за година дена ќе се врати во Манила.
На бродот Емскариер му требаат точно дваесет и два дена за да пристане во амстердамското пристаниште каде што контејнерите со пластични играчки, заедно со другите, ги превзема влезната царина.

На дигалката за контејнери, слична на голем пајак и моќна исто толку колку и онаа во шангајското пристаниште, работи Ерхан Серхат. Неговите во далечната 1956 година емигрирале од Турција во Холандија, па тој е веќе третата генерација. Со уште неколку исти дигалки-возила, Ерхан и неговите колеги годишно, од бродовите кои доаѓаат од цел свет, истоваруваат околу шест илјати бруто тони разновиден товар.
Лиес Јансен, поморски агент, лично ги проверува контејнерите со играчки и ги пријавува на цариничката која е на смена, згодната, висока русокоса Мери Олман. Тие двајца соработуваат долга низа години, многу добро се познаваат и примопредавањето оди мазно, без застој. Помошникот на главниот магационер Јос Рикерс со цариничката ги прегледува пломбите на контејнерите, ги превзема и со шпедиција, веќе до пладне, ги поминува сите документи.

Во пристаништето од утрината чека Младен Баќе, претставник на фирмата Гранд ДОО од Хрватска. Ден претходно, тој со авион допатува во Амстердам и тука го пречека Нусрет Фехировиќ кој од Загреб допатува со камион на фирмата. Тие двајца ги проверија царинските декларации и го натоварија контејнерот во камионот. Младен поради некакви обврски остана во Амстердам, а Нусрет уште еднаш го провери товарот, седна во камионот и тргна кон Хрватска.
Преноќи кај брата си кој со семејството веќе петнаесет години, од војната, живее во Розенхајм, мало место кај Минхен. Свеж и одморен, другиот ден веќе околу пладне е на граничниот премин Сежана, а два часа потоа во царинската подружница на загрепски Јанкомир. Таму на шпедитерот му ги предаде документите и малку подоцна, заедно со цариникот Марко Богдановиќ го прегледаа товарот. Во кругот на складиштето на фирмата, на периферијата од градот, камионот го внесе и го паркира дури пред вечер. Петок е и, освен портирот на влезот, во фирмата нема никого. Го заклучи камионот и врз вратата од контејнерот стави катанец.

Во понеделник, магационерот Фрањо Рачки заедно со Нусрет внимателно и педантно ја прегледа донесената роба со придружната документација. Сè беше в ред и тој на Младен Грдовиќ, возачот на вилушкарот, му објасни на кое место во складиштето да ја смести робата. Еден, поголем дел од палетите, според спецификацијата беше нареден на високи метални полици длабоко во складиштето, додека оној другиот, помалиот дел, беше оставен пред влезот во складиштето. Тој веднаш ќе биде дистрибуиран низ неколку продавници во градот. Откако ги усклади магацинските документи, му покажа на младиот возач Стјепан Гргец кои кутии се за достава веднаш, испиша испратници, го заклучи складиштето и во друштво со Фрањо отиде на пауза за ручек.

Стјепан натовари дваесетина кутии со играчки во големо бело комбе и возеше до градот. И тој беше гладен, па паркираше во близина на центарот Каптол и јадеше донер. Добро го залути со чили. Еден час подоцна, истовари осум кутии во продавница на Илица, а остатокот на Кватерниковиот плоштад. Таму како шефица, заедно со уште две девојки на смена, работеше Марина Ивковиќ, разведена средовечна жена. Со по некоја шега, ја прими робата од Стјепан. Нејзе ѝ беше искрено жал што Стјепан не е малку постар, а нему што таа не е малку помлада. Таа ги повика девојките одзади во складиштето и им објасни каде да ја редат робата. На помладата од нив, Леа Иванчан, ѝ наложи еден дел од играчките да стави на полиците. Требаше врз кинеските декларации да се залепат поголеми, хрватски, и на секоја кутија да се стави бар-код лепенка.

Леа сето тоа го направи за нешто повеќе од саат време. Откако на полиците уредно ги нареди кутиите со шарените пластични коњчиња, излезе во дворот зад продавницата за да запали цигара. Има завршено новинарство и тука работи само привремено, додека не се ослободи некое место во една новинска куќа.

Власта Јуриќ застана пред излогот на продавницата на Илица. Цело утро бараше роденденски подарок за својата седумгодишна ќерка и веќе по малку ѝ отекуваа нозете. Ѝ купи некои лентички за коса, шнолички, чорапчиња и маица во Бенетон, но тоа ѝ се виде недоволно. Влезе внатре и прошета околу полиците. Избра кукла Барби. Габи ги имаше веќе десетина, можеби и повеќе, но оваа беше посебна и прилично поскапа од другите. Така беше зашто со неа одеше и комплетен фризерски прибор; мал фен, ситно фигаро, комплет четки и чешлиња, виклери, мала хауба за сушење коса и уште некои ситници. Погледот ѝ го привлече шареното црно-бело коњче на соседната полица. Габи многу сакаше животни, па Власта го зеде и него.

Габи е единственото дете на семејството Јуриќ. Убаво русокосо и синооко девојче, оди во прво одделение и е многу добра ученичка. Тој ден беше посебно среќна и весела зашто тоа попладне во Мекдоналдс со целото одделение го прослави својот седми роденден. Собра многу подароци и не можеше да дочека да дојде дома и да прегледа што сè добила. Освен неколку споменари и фотоалбуми, како и две книги, имаше и многу тетратки и училиштен прибор и ситни играчки. Нејзината најдобра другарка Ана Сабол ѝ ја купи игрицата Гејмбол. Баба и дедо ѝ дадоа сто евра, па во сабота ќе оди со мама во град да си купи што ќе посака. Од татко ѝ доби убава розова Нокија, мобилен дизајниран баш за деца, а од мама прекрасна Барбика, фризерка.

– Мамо, дојди! Мамо! Мамо! – довикуваше Габи од својата соба. По гласот, Власта знаеше дека нешто не е в ред. Загрижена, побрза кај неа.
Габи седеше на креветот, а поред неа имаше тукушто распакувана кутија.
– Гледај!
Со луто стиснати усни, со очи полни солзи, покажуваше со прстот кон подот. Таму, под нејзините нозе, фрлена, лежеше играчка.
– Го нејќам тој коњ, мамо! Нечист е! Фуј!
Власта го крена и внимателно го разгледа. Навистина, на вратот од шарената пластична играчка забележа темна дамка од исушена крв.

Превод од хрватски: И. Исаковски

2018-08-21T17:20:49+00:00 јуни 30th, 2013|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 90|