Патот за Лос Ангелес

/, Литература, Блесок бр. 46/Патот за Лос Ангелес

Патот за Лос Ангелес

(извадок од романот)

1.

Работев многу работи на пристаништето во Лос Ангелес зашто нашата фамилија беше сиромашна а татко ми беше мртов. Првата работа ми беше копање канали, набргу откако матурирав. Секоја ноќ не можев да спијам од болките во грбот. Копавме на една празна парцела, никаде немаше сенка, сонцето удираше директно од небото без облаци, а јас бев долу во дупката копајќи заедно со двајца бабачковци кои копаа од љубов, секогаш се смееја и кажуваа шеги, се смееја и пушеа лут тутун.
Почнав бесно а тие се смееја и рекоа набрзо ќе сум научел по некое нешто. После копачот и лопатата станаа тешки. Ги цицав пукнатите плускавци и ги мразев тие двајца. Едно пладне бев уморен и седнав и си ги погледнав дланките. Си реков, што не се откажеш од работава пред да те убие?
Станав и ја збрцав лопатата в земја.
„Момци“, реков. „Јас завршив. Решив да ја прифатам работата во Пристанишната комисија“.
После бев мијач на садови. Секој ден гледав низ дупката во прозорецот, и низ неа гледав купишта ѓубре, ден за ден, со мувите кои зуеја, а јас бев како домаќинка врз куп садови, рацете ми се гадеа кога ќе ги погледнев како пливаат како мртви риби во синкавата вода. Дебелиот готвач беше шеф. Трескаше со тавите и ме тераше да работам. Се израдував кога една мува слета на неговиот голем образ и не сакаше да одлета. Таа работа ја имав четири недели. Артуро, си реков, иднината на оваа работа е многу ограничена; што не дадеш отказ уште вечерва? Што не му кажеш на готвачон да се ебе?
Не можев да дочека да дојде вечерта. Среде тоа августовско попладне, со планина неизмиени садови пред мене, ја симнав кецелата. Морав да се насмевнам.
„Ш’о е смешно?“, праша готвачот.
„Готов сум. Завршив. Тоа е смешно“.
Излегов низ задната врата, ѕвоното заѕвони. Тој стоеше и си ја чешкаше главата среде ѓубрето и валканите садови. Кога ќе помислев на сите тие садови, се смеев. Тоа секогаш ми беше смешно.
Станав товарач на камиони. Сè што правевме беше префрлување кутии со тоалетна хартија од складот до пилјарите во Сан Педро и Вилмингтон. Големи беа кутиите, метар на метар, и секоја тежеше по дваесетина кила. Ноќе лежев во креветот мислејќи на тоа и се превртував.
Мојот шеф го возеше камионот. Рацете му беа тетовирани. Носеше тесни жолти поло маички. Мускулите му пукаа. Ги галеше како да се коса на девојка. Ми доаѓаше да кажам нешто што ќе го шекне. Кутиите беа наредени во складот, цели петнаесет метри до таванот. Шефот ќе ги прекрстеше рацете додека јас ги носев кутиите во камионот. Тој ги местеше. Артуро, си реков, мораш да решиш; тој изгледа јако, ама што ти е гајле?
Тој ден паднав и една кутија ме тресна в стомак. Шефот промрче и заниша со главата. Ме потсети на играч на рагби, и додека лежев на земјата се прашував зошто не носи тимска ознака на маицата. Станав смешкајќи се. Напладне, полека си го јадев ручекот, со болка во местото каде кутијата ме столчи. Под приколката беше студено, таму лежев. Тој саат за ручек брзо помина. Шефот излезе од складот и ме виде со забите во сендвичот, праската за десерт беше крај мене, недопрена.
„Не те плаќам да седиш под сенка“, ми рече.
Исползев надвор и станав. Зборовите беа тука, подготвени. „Давам отказ“, реков. „Ти и твоите глупи мускули можете да одите по ѓаволите. Јас завршив“.
„Добро“, рече тој. „Се надевам“.
„Завршив“.
„Фала му на Бога за тоа“.
„И, уште нешто“.
„Што?“.
„Според мое мислење, ти си еден прераснат кучкин син“.
Не ме фати.
После тоа, се прашував што се случило со праската. Дали ја столчил со ногата. Поминаа три дена и отидов да видам. Праската лежеше недопрена крај патот, со неа се гостеа стотици мравки.
Потоа добив работа во пилјарница. Газдата на дуќанот беше Италијан со мев како кошница. Кога Тони Ромеро не беше зафатен, стоеше до кантата со сирење и со прстите кршеше мали парчиња. Добро му одеше работата. Луѓето од пристаништето купуваа во неговиот дуќан кога сакаа храна од увоз.
Едно утро влезе внатре и ме виде со лист и молив. Правев попис.
„Попис“, рече. „Што е тоа?“
Му кажав, ама не му се бендиса. Се загледа наоколу. „Иди да работиш“, ми рече. „Нели ти реков да го метеш подот секое сабајле?“.
„Значи, не сакате да направам попис?“.
„Не. Иди работи. Не попис“.
Секој ден во три имаше голема навалица купувачи. Тоа беше премногу работа за еден човек. Тони Ромеро работеше многу, но се мачеше, низ вратот му лиеше пот, а луѓето си одеа зашто не можеа предолго да чекаат. Тони не можеше да ме најде. Се стрча кон задниот дел од дуќанот и ја тресна вратата од тоалетот. Јас го читав Ниче, го учев долгиот пасус за сладострастието. Го слушав трескањето по вратата, но го игнорирав. Тони Ромеро стави празна кутија од јајца пред вратата и се качи на неа. Неговата голема вилица се појави над вратата и ме виде внатре.
„Манаџиа Џезу Кристи!“, врекна. „Излегуј!“.
Му реков дека веднаш ќе излезам. Тој замина пцуејќи. Ама, не ме отпушти поради тоа.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторЏон Фанте
2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 46|