Откопување на живото во поезијата

/, Литература, Блесок бр. 67-68/Откопување на живото во поезијата

Откопување на живото во поезијата

Дваесет и трите песни и трите балади од „рН неутрална за животот и смртта“ се раздробување на баналноста на секојдневието и потрага по смислата на постоењето. Димковска тоа го прави со помош на една поинаква перцепција на реалноста, откривајќи ни еден свет идентичен со оној кој секојдневно го имаме пред нашите очи, но овој пат виден низ визурата на номадскиот субјект. Тоа не е форма на бегство од реалноста со наметнување на нова форма на ескапизам, туку е соочување со сопствениот раздор и со раздорот на светот во кој постоиме, со особена храброст при давањето на поетски облик на актуелностите на нашето време, а воедно е и тематизирање на односот помеѓу Јас и Другиот и Јас и Светот. Во овие песни и балади, кога го тематизираат егзилот, како во „Балада за бегалците на тетка Елзе“, овој однос доведува до свесност за контрапунктна реалност, свесност која, според тезите на Едвард Саид изнесени во „Рефлексии за егзилот“, му е присушта на секој кој се наоѓа во егзил, сеедно дали принуден или доброволен.
И во „рН неутрална за животот и смртта“, како и во претходните стихозбирки на Димковска, отворено се тематизираат телото и телесноста, и оние нивни манифестации кои некои поети ги премолчуваат во своите стихови. Во „Грицкалка за нокти“ поетскиот субјект и нејзините ближни ги надминуваат просторите кои ги делат преку предметот кој служи за отстранување на непотребните рожнати израстоци, и грицкалката за нокти се претвора во точка – спојувалка на оние кои живеат во различни земји, во единствен мотив за разговор и кавга. Во „рН неутрална за рбетот“ утробата се скиселува, а рбетот „отскокнува како пружина“. Во „Роденденска“ телото е она по кое поетскиот субјект ја препознава својата сродност со Бог: „И во стомакот на Бог тапа болка вие како мојата / кога носачот на звук се откажува од гласот на својата утроба“. Таквото ослободено тело, таквиот говор ослободен во телото, ги обединува географските простори: „Јас сум повеќе од жена / со Њујорк под левиот јајник, со Букурешт под десната леќа“ („Роденденска“). Во песните и баладите на Димковска нема место за зазор и бегство од телото и телесноста. „Среќниот човек се полни надвор, а се празни дома / (џебови, желудник, ум, сперма)“, вели во „Клуч“, а во „Балада за царскиот рез на животот“: „На авенијата Лексингтон / проливот што го прокриумчари од Џерба / се слеваше во чевлите на неоженети Misters’ World.” За категориите зазор и зазорност (абјект и абјектност) и нивната врска со нечистото за првпат говори Мери Даглас во своето дело „Чистото и опасното“. Во него таа ќе тргне во разобличување на предрасудата на науката на деветнаесеттиот век – дека во основата на тнр. примитивни религии лежи стравот на луѓето кој потекнува од верувањето ако „премине некоја забранета линија или на некој начин станат нечисти“ ќе бидат казнети со голема несреќа (Даглас: 9). Таа кај одредени племиња традицијата на практикување на ритуално валкање на телото ја поврзува со односот кон чистото и нечистото, кој, според Даглас, не се разликува многу од оној на тнр. цивилизиран свет. Жигосувањето на нечистото Даглас го согледува како карактеристика на секое општествено уредување – тоа не е само грижа за хигиената, туку и почитување на конвенциите. Поезијата на Димковска е поезија отаде „примитивното“ и „цивилизираното“, поништувајќи ја границата која тие ја поставуваат помеѓу чистото и нечистото, таа ги надминува и конвенциите, општествените и поетичките. Поништувањето на зазорот е и знак за победата над смртта – со подеднаква иронија Димковска говори и за овој и за оној свет, а смртта ја карактеризира само како „неутрализација на животот, / (…) / мамка за црвот што ќе ме јаде само недела-две“ („рН неутрална за рбетот“).
„рН неутрална за животот и смртта“, петтата збирка поезија на Лидија Димковска, ја потврдува својата авторка како несомнено најсилниот творечки глас од генерацијата македонски писатели родени во седумдесеттите. Со овие дваесет и три песни и три балади, таа останува доследна на својата арс поетика, зацртана во претходните објави, а воедно оди во натамошно истражување на светот отворен пред поетскиот субјект, соочувајќи го со Другиот, со сето она што го окружува, и со релациите кои се јавуваат при таквите соочувања. Неодамна доделеното европско признание за поезија „Хуберт Бурда“, уште еднаш го докажува значењето на творештвото на Лидија Димковска во современите глобални поетски текови.

Цитирана библиографија:
Daglas, Meri. Čisto i opasno. Biblioteka XX vek: Beograd, 2001.
Димковска, Лидија. Изгризани нокти. Култура: Скопје, 1998.
Димковска, Лидија. pH неутрална за животот и смртта. Блесок: Скопје, 2009.
Ками, Албер. Митот за Сизиф. Култура: Скопје, 1997.
Кристева, Јулија. Црно Сунце. Светови: Нови Сад, 1994.
Сиоран, Емил. Оглед за распаѓањето. Култура: Скопје, 1996.

2018-08-21T17:21:05+00:00 октомври 12th, 2009|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 67-68|