Откопување на живото во поезијата

/, Литература, Блесок бр. 67-68/Откопување на живото во поезијата

Откопување на живото во поезијата

(Лидија Димковска: „pH неутрална за животот и смртта“, Блесок, 2009)

#1 „Би било бесмислено да се пишува за меланхолијата заради оние кои меланхолијата ги уништува, освен ако списот проистекува од меланхолијата,“ вели Јулија Кристева на самиот почеток од „Црно Сонце“. Верувам дека, ако биде запрашана за смислата на поетското создавање, Лидија Димковска би одговорила дека, да се пишува поезија има смисла само ако стиховите проистекуваат од животниот опит. Секоја нејзина песна го покажува и докажува тоа, а оние кои се арс поетички ја потенцираат ваквата констатација – во нив и самиот живот е достоен да се живее само доколку и самиот е – поезија. „Нашиот живот е in medias res – поезија“, гласи еден стих од песната „Lettre”, од стихозбирката „Изгризани нокти“ (1998). Денес, единаесет години подоцна, во својата нова збирка „pH неутрална за животот и смртта“, во „Арс-поетичка балада“, Димковска вели:
„За да го откопам живото во писмото
треба ли да ги закопам живите во светот,
најлошите мртовци се најдобри ликови,
но кога баба ми ми вели: „Не ставај не чедо, в книга,
за да не ни се смее народот“,
ме јаде таа јанѕа на дарба што раѓа единственост
и прстите ми трпнат пред погледот.“
Јанѕата да се пишува поезија која проистекува од животното искуство или не? е хамлетовски силна, затоа што, во рамките на поетиката на Димковска, тоа значи – дали воопшто да се пишува? Тоа е прашање кое, на поетичко рамниште, е исто што и изборот помеѓу животот и смртта на рамниште на егзистенцијата – избор помеѓу создавањето стихови од животот (односно, како што би гласел парафразиран еден нејзин стих: откопување на живото во поезијата), и творечко самоубиство. На самиот почеток од „Митот за Сизиф“ Албер Ками констатира дека „постои само еден филозофски проблем: самоубиството“ (Ками: 13), и на оваа своја констатација ќе и се навраќа повеќепати во своето дело. Оној кој се решава на самоубиство, според Ками, е оној кој драматично се соочил со бесмислата на постоењето при потрагата по неговата смисла, оној кој ги почувствувал „отсутноста на секаква подлабока причина за живот, бесмислената природа на секојдневното движење и бесполезноста на страдањето“ (15). Таа поврзаност на самоубиството и потрагата по смислата ја има својата поетска експресија во „Национална душа“ од Димковска:
„И јас како брат ми од раѓање барам влакно во јајцето,
откровение по секоја цена, разобличување на смислата.
А душите на луѓето кои бараат влакно во јајцето
завршуваат на три начини: обесени со телефонски кабел,
во тела на поети, или и едното и другото.“
Блискоста, изразена преку односот на поетскиот субјект со својот брат, ги поништува границите (и тоа поништување на границите, сфатени во нивното најшироко значење, е секако една од карактеристиките на поезијата на Димковска), помеѓу светот на живите и светот на мртвите, и овозможува отворена комуникација. Со еден поинаков вид на блискост се среќаваме во едно парче од „Огледи за распаѓањето“ на Сиоран, во говорот на јажето упатено до оној кој треба да го стави истото околу својот врат: „отсекогаш те чекам, сум присуствувало на твоите ужаснувања, на твојата потиштеност и на твојот бес, сум ги видело твоите стуткани ќебиња, перницата од која разбеснет гризеше, и сум ти ги слушнало клетвите кои во знак на почит им ги делеше на боговите. Милостиво, те жалам и се ставам во твоја служба. Зашто си се родил за да се обесиш, како сите оние кои што не сакаат одговор на нивните сомненија или бегство од нивниот безнадеж“ (Сиоран: 201). Допирната точка меѓу поетскиот исказ на Димковска и философскиот исказ на Сиоран е во тоа што во нивното средиште е апсурдот – големото искушение за постоењето, но воедно постоењата на тие искази се искушение за апсурдот. Како што Сиоран, во потрагата по смислата и борбата со бесмислата, оди до крајната точка на огорченоста, така Димковска, во истата таа потрага и борба, оди до крајната точка на иронијата.

2018-08-21T17:21:05+00:00 октомври 12th, 2009|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 67-68|