Осум прошетки низ наративните шуми

/, Литература, Блесок бр. 76/Осум прошетки низ наративните шуми

Осум прошетки низ наративните шуми

Прошетка број 4
Заеднички именител на расказите поместени во книгата Осмица е вкусот за бизарното, необичното, чудното… Оваа книга, свесно и со предумисла, сака да биде наспроти востановениот ред на нештата, да го промовира начелото на абнормалното наместо нормалното, на дисхармоничното наместо хармоничното, на бизарното наместо возвишеното… Целта при тоа, не е таа да биде апологија на некакви негативни естетски категории и критериуми, туку, со многу сенс да ги детектира аномалиите, апсурдот, каприцот, кичот и културата на лицемерно и секој друг вид атипично однесување, од една страна, а од друга, да го провоцира вкусот на потенцијалниот читател, истиот да го шокира и да го поттикне на полемика со изместените вредности на нималку розовата реалност на нашето контаминирано банално секојдневие кое остава траги врз нашите малечки животи.
Во оваа смисла, Бужаровска се надоврзува на традицијата на својот далечен книжевен предок – Едгар Алан По – чиишто раскази „претставуваат школски пример на само привидно асимилирана ‘бизарност’, којашто и денес предизвикува реакции“ (Татјана Росиќ). Промовираниот вкус за бизарното како етички и естетски принцип остварува и една автоимаголошка функција: во понудената невообичаена слика/перспектива на другоста/инаквоста, ќе се препознаеме себеси и нашето бизарно совремие.

Прошетка бр. 5
Наспроти доминацијата на бизарното, во расказите на Бужаровска се среќаваат и одделни лирски проблесоци. Таа умее да го поетизира или да го естетизира секојдневното, обичното, миговното… Такви лирски пасажи има во изобилство во расказот „Бранови“. Еве еден пасус за илустрација: „Низ замаглените стакла светлата на градот минуваа врз мене и полека ми се претвораа во млечни дамки меѓу трепките. Не можев убаво да ѝ го видам лицето на мајка ми бидејќи гледаше низ прозорецот без да ја избрише влагата од него. Потоа со показалецот се обиде да нацрта едно женско око, но несакајќи го размачка на десниот агол. Го избриша со дланката и до него нацрта две планини со сонце помеѓу нив. Полека автомобилот се затопли и сонцето и планините почнаа да течат по стаклото од прозорецот. Одеднаш ми стана меко и топличко и одново цврсто заспав…“
Прозата овде прозвучува како вистинска поезија…

Прошетка број 6
Далеку од некаква утилитарно-дидактичка тенденција и црно-бело сликање на стварноста, Бужаровска заговара еден динамичен (не статичен) концепт на реалноста; не догматски сфатена, туку критички интонирана и иронизирана реалност. Иронијата (некаде дури и гротеската) прераснува во своевидна филозофија која живот значи, зашто таа е единственото човеково моќно оружје во грчевитиот напор да се опстои и покрај сè… Хуморот е коректив на стварноста, тоа мошне добро го знае Румена и затоа со многу сенс го вплетува во расказното ткиво. Но, исто така, таа добро знае дека „Не постои комично надвор од она што во вистинска смисла е човечко“ – како што вели Анри Бергсон во својот есеј „За смеата.“ „Еден пејзаж може да биде убав, грациозен, возвишен, безначаен или неубав; но, никогаш нема да предизвикува смеа. Ќе се смееме на некое животно, но само ако кај него откриеме нешто слично на човечкото однесување. (…) Ќе се смееме на некоја шапка; меѓутоа, тоа што нè засмејува не е парчето чоја или купот слама, туку формата што ѝ ја дале луѓето, човечкиот каприц (6) за токму таков калап“ (Бергсон, 2009: 6-7)
Особено корозивен е хуморот кој ја бои релацијата помеѓу двете сестри во расказот „Прибор за гости“ кој вклучува цртежи-карикатури на главните протагонистки од Јана Јакимовска. Портретите мошне успешно кореспондираат со содржината на расказот, а будат и далечни алузии на култниот роман на Оскар Вајлд Сликата на Доријан Греј, бидејќи ја визуелизираат/отсликуваат вистинската внатрешна природа на карактерите, наспроти маските на лицата; иронијата се рефлектира/проектира како на платно и просто се читаме себеси. Хуморот, во крајна инстанца, е во функција на лудистичкиот принцип и има за цел да ја покаже, во стилот на Бахтин, релативната веселост дури и на најсериозните нешта.

Прошетка број 7
„Читањето раскази е еден вид игра низ која се учи да ѝ се даде смисла на бескрајноста на нештата што се случиле, што се случуваат и што ќе се случуваат во реалниот свет“ – пишува Еко во своите Шест прошетки… и продолжува: „Тоа е терапевтската функција на нарацијата и причина зошто луѓето уште од почеток на човештвото раскажуваат приказни“ (Еко, 2005: 107-108). Се разбира, „приказната не може да каже сè за тој свет, туку само го навестува и бара соработка од читателот да ги пополни празнините. (…) Ако текстот го содржи сето она што читателот треба да го разбере – тој тогаш никогаш нема да го дочита“ – заклучува Еко (исто, 7).
Бужаровска ја претпочита формулата на насетување наспроти директното опишување и тоа е уште еден квалитет на нејзината наративна постапка кој оди во прилог на „отворениот крај“ или „отвореното дело“. Оттаму, нејзините раскази се двосмислени и повеќесмислени, оттаму не ретко, финалето алудира на некаква драматичност која се одвива зад сцената, оттаму и една аура на загатка која останува да лебди во воздухот и по формалниот крај на приказната. Таков е на пример, расказот „Не плачи тато“ или „Смртта на наставничката Станка“.
Човекот како битие нужно е осуден на дијалог, на комуникација и соживот со Другите. Комуникацијата, пак, од своја страна, по правило, е нарушена, подразбира состојба на исклученост (или-или), расчекор во дијалогот/средбата, оттаму имплицира драматичност и тензичност во наративната ситуација и отвора суштински дилеми и размисли кои продолжуваат да одѕвонуваат во нас уште долго, долго по читањето. Нема конечни вистини за смислата на нашиот живот, животот е стапица – како да сака да каже авторката со своите раскази.

Прошетка број 8
Осумте прошетки низ „наративните шуми“ ќе ги завршам онака како што ги започнав: со приказна. Овој пат, со приказна на еден друг голем мајстор на нарацијата – Итало Калвино. Во едно од своите неодржани американски предавања, Калвино говори за непријатноста што се чувствува кога некој сака да раскаже шега а не е вешт во тоа и се повикува на една новела на Бокачо (VI, 1) посветена токму на вештината на усното раскажување:
„Една весела дружина од дами и рицари, гости на една фирентинска госпоѓа во нејзината вила на село, по појадокот одат пеш на прошетка до едно убаво место во близина. За патувањето да им биде попријатно, еден од мажите се нуди да раскаже приказна:
‘Госпоѓо Орета, ако вие сакате, голем дел од патот што треба да го поминеме ќе ве носам на коњот од една од најубавите приказни на светот’“ (Калвино, 2006: 54). Госпоѓата прифаќа и рицарот ја започнува својата приказна, која сама по себе била прекрасна, но тој „три или четири, дури и шест пати го повторуваше истиот збор, па се враќаше назад и се поправаше велејќи ‘Не се изразив добро’, и често ги грешеше имињата, ги мешаше ликовите (…): сè на сè лошо раскажуваше. (…)
Госпоѓа Орета, кога го слушаше, често ја облеваше пот и ѝ беше мака на срцето, како да ќе се разболи ако не прекине; така што на крај веќе не можеше да издржи, кога виде дека рицарот се заплеткал и не успева да се извлече, љубезно му рече: ‘Господине, овој ваш коњ има многу тврд од, затоа ве молам да ме симнете од него.’“
„Новелата е коњ“ – коментира Калвино и продолжува: „превозно средство со сопствен од, чекор или галоп, во зависност од патот што треба да го помине, но брзината за која зборуваме е ментална брзина. Маните на невештиот раскажувач што ги набројува Бокачо се однесуваат пред сè на нарушувањето на ритамот;… на вештината на изразот и на мислата (исто, 55).
За среќа, Румена Бужаровска е мошне вешт раскажувач: таа умее да раскажува, таа е „Шехерезада“ во македонската литература; со својата приказна просто го фаќа читателот во својата пајакова мрежа, но тоа се случува доброволно, па штом ќе стигнете до крајот на една, посакувате одново да влезете во некоја друга приказна во која се раскажува приказна во која се раскажува приказна во која се раскажува приказна…

Референции:
• Бергсон, Анри (2009): Смеата, Микена, Битола.
• Калвино, Итало (2006): Американски предавања, Темплум, Скопје.
• Росиќ, Татјана (2002): Бизарни раскази, Магор, Скопје.
• Solar, Milivoj (1980): Ideja I priča, Zagreb.

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 76|