Осум прошетки низ наративните шуми

/, Литература, Блесок бр. 76/Осум прошетки низ наративните шуми

Осум прошетки низ наративните шуми

(Румена Бужаровска: Осмица, Блесок, Скопје, 2010)

#1 По извонредното сјајно деби – збирката раскази Чкртки1F – најновиот ракопис на Румена Бужаровска која ѝ припаѓа на помладата генерација македонски современи раскажувачи, донесува вкупно осум раскази. Оттаму, насловот на книгата – Осмица (преземен од истоимениот расказ во збирката кој се однесува на забот осмица или умникот) – има и симболичко значење: бројот осум упатува, меѓу другото, на централната космичка рамнотежа, што значи дека збирката има своја внатрешна логика и своја цврста архитектоника. Со својата книга, Бужаровска ни нуди осум „прошетки низ наративните шуми“ – да го парафразирам Умберто Еко и неговите „Шест прошетки“, шест Нортонски предавања одржани на Харвардскиот Универзитет во 1992-93 година. Се разбира, шумата е метафора за наративниот текст.

Прошетка бр. 1
„Откако го објавив романот Фукоовото нишало, – пишува Умберто Еко во споменатите предавања – еден мој другар од детството кого не сум го видел со години, ми напиша: ‘Драг Умберто, не се сеќавам дека сум ти ја раскажал патетичната приказна за чичко ми и тетка ми, но ми се чини дека е некоректно што си ја искористил во твојот роман.’ Имено, во романот раскажувам неколку епизоди поврзани со чичко Карло и тетка Катерина, во приказната, тие му се роднини на главниот лик Јакопо Белбо. Всушност, овие два лика навистина постоеја: но со неколку измени, јас раскажав една приказна од моето детство во врска со еден чичко и една тетка кои имаа други имиња. Му одговорив на мојот пријател дека чичко Карло и тетка Катерина се мои роднини, а не негови и дека имав право да ги споменам, јас дури и не знаев дека тој имал чичко и тетка. Пријателот ми се извини. Тој толку се поистоветил со приказната, така што се убедил дека ги препознава настаните кои им се случиле на чичко му и тетка му – тоа не е неможно затоа што за време на војната (оттогаш потекнуваат моите сеќавања) на многу чичковци и тетки им се случуваа слични нешта.“ (Еко, 2005: 15).
Нешто слично се случува и при средбата со збирката раскази Осмица: кога се движиме низ „наративната шума“ на нашата Румена, како да сме во нашата приватна градина. Нејзините раскази во толкава мера се натопени со „живиот живот“ (како што велеше Борис Пастернак), без трошка патетика, а ликовите се толку сугестивно профилирани „од крв и месо“,
што читателот, во чинот на рецепција, сосема спонтано и несвесно прави паралела со сопственото индивидуално животно искуство и ги препознава настаните и ликовите од своето лично сеќавање. Веројатно, и самата авторка во чинот на креација, како прототип/модел/естетски објект за својот наративен фикционален свет користела личности и случувања врзани за нејзината стварност, но потем, истите тие, преминувајќи од реалност во фикција, стекнале статус на самостојност, се трансформирале во свет кој ни припаѓа на сите нас… Прелевањето на стварноста во фикција и обратно, таа игра со наративната рамка како пропусна мембрана помеѓу реалното и фиктивното, го проблематизира прашањето за уметничката вистина.

Прошетка број 2
Ако го прифатиме ставот дека: „Книжевноста е секогаш, на некој начин, стварна, како што стварноста е секогаш, на некој начин, книжевна“ или: „Ако гледаме ‘одвнатре’ стварноста е ‘надвор’, ако гледаме ‘однадвор’, стварноста е ‘внатре’“ (Solar: 1980, 43), тогаш реалноста ќе ја читаме како фикција, а фикцијата како реалност.
На 4 октомври 1926 година Андре Бретон ја среќава вистинската Надја при една прошетка низ улиците на Париз, идната хероина на неговиот истоимен роман; денес е исто така, 4 октомври, но 2010 година2F, 84 години потоа, во Скопје сме, на промоција на книгата Осмица од Румена Бужаровска. Покрај случајното совпаѓање на нумерологијата, имајќи ја предвид исклучителната умешност на Румена да ги објазикува настаните и ликовите од своето непосредно опкружување, зошто да не претпоставиме дека оваа вечер и сите ние нема да се најдеме во некој нејзин иден расказ?! Нашата стварност можеби е исто толку измислена како и онаа на книжевните јунаци кои егзистираат во светот на Бужаровска. Преку дилемите од типот: Дали сме вистински личности или пак измислени?, Каде завршува реалноста, а каде започнува илузијата? и Каде престанува измисленото, а почнува стварното? – нашата авторка луцидно си поигрува со големата тајна на литературата.

Прошетка број 3
Главните јунаци во расказите на Румена Бужаровска се обични луѓе кои, главно, својата турнеја по егзистенцијалните патеки на живеењето ја реализираат на маргините од Ерик Фромовата прочуена синтагма: „да се има или да се биде.“ Тие се повеќе антихерои отколку херои на нашето време, еден вид аутсајдери кои не успевааат да воспостават комуникација во кругот на: семејството, пријателите, околината… Единката залудно сака да го разбере светот, но сака и разбирање од светот; во оваа смисла, особено парадигматичен е расказот „Проблемот на Тина“ кој донесува човечки топла приказна која трогнува и која, од една страна, ја проблематизира малограѓанската свест/менталитет, а од друга, дава суптилна критика на здравството како институција. Расказот претставува и вонреден пример за тажниот пораз на индивидуалните копнежи и соништа.
Најчесто, јунаците на Бужаровска ја следат сопствената, внатрешна логика која, по правило, е наспроти гротескната визура на светот на другите во која визура царува логиката на парите, но, парадоксално, тие допуштаат и самите да бидат понесени од истата таа извртена логика. Дали и колку живееме за себеси, а колку сме подредени на другите (туѓи) желби, потреби, очекувања? И колку се преземаме од погледот на Другите? Ова се клучни дилеми за Кети во насловниот расказ Осмица; таа, и покрај сопствената здраворазумската логика, упаѓа во замката на нормите на својата пријателка и се однесува потполно ирационално и против својата волја: полна со обѕири кон другите, оди против себеси; немоќна е да се спротивстави на насилничкиот механизам на светот на материјалните вредности.
Овој расказ буди далечни асоцијации на расказот „Ајкули“ од Митко Маџунков кој е уште подрастичен пример за релацијата: Јас наспроти Другите, бидејќи јунакот е ставен во ситуација да бира помеѓу смртта како „објективна опасност“ од една, и „ирационалната храброст на народот“, од друга страна, па сосема неочекувано и спротивно на својот рационален карактер, се определува за општата хистерија на масите и влегува во водата преполна со ајкули.

#b
1. Чкртки доби исклучително позитивни критики во книжевната јавност кај нас и влезе во најтесниот избор за националната награда „Балканика“ за 2007 година.
2. Текстот е прочитан на промоцијата на книгата одржана на 4.10.2010 година. Сосема случајно, но интересно совпаѓање е тоа што збирот на броевите од датумот на промоцијата изнесува осум.

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 76|