Ореови дворци

Ореови дворци

(извадок од романот)

Во следните месеци ја градеше куќата од ореовина од утро до мрак, а грбот никогаш не го болеше, и зглобовите никогаш не му попуштија; во рацете и во дланките ја почувствува истата сила која ја чувстуваше еднаш одамна, во Босна, кога од земјата ќе кренеше сандак од стогодишен орев. Брзо ја заврши градбата, за седум или осум дена. Не му требаше повеќе време ни за собните прегради и за внатрешните скалила, но вистинската работа започна со собните врати, со мебелот и со куќните уреди. Прво мораше да употреби шпенадли, жилети и ножички за нокти за да ги направи алатите кои ќе ги користи. На пример, да издлаби када не поголема од палец или одвод помал од нокт. На одводот работеше два дена и тој му зададе повеќе мака отколку десетте глави на Крале Марко. Но, на крајот личеа како да се вистински. Уште потешко беше да се изведат орнаментите врз мебелот, да се стават рачки на вратите, да се изработи комплет минијатурни кујнски ножеви. Колку подолго работеше, толку повеќе забележуваше дека му недостасуваат нешта неопходни за секое домаќинство. Одеше според правилото дека ништо не би можело да биде толку дробно за да не може да се изработи. Направи кујнски чаршафи од парчиња свила и платно од поранешниот венчален фустан на Матилда. Секоја сабота го посетуваше идниот дедо, седнуваше со него пред куќата и го чекаше зајдисонцето. Гледаше како стомакот и лицето на Ката раснат и слушаше како прстите на идниот татко крцкаат додека се обидуваше да каже којзнае што. Со овие луѓе споделуваше мир кој никогаш порано го немаше искусено. Изјави дека играчката е тајна која ќе биде изненадување и дека по никоја цена нема да и открие што прави. Ката го задеваше и му додеваше да им ја открие тајната; му дрдореше и му го тегнеше палтото. Таа го допираше Август, а ако постоеше нешто кое не можеше да го поднесе, тоа беше луѓето да го допираат, да му ги тргаат невидливите влакна од рамениците, да го тупкаат по грбот или да му ја зграпчуваат раката кога сакаат да му кажат нешто важно… Но, таа не му пречеше. Тој се смееше, ѝ одмавнуваше со раката и велеше дека е старец и кој ужива што толку млада и убава жена бара нешто од него. Ката ќе вцрвеше и ќе се стрчаше во кујната; дедото ќе го подбуцнеше во ребрата, ќе ги кренеше веѓите и ќе светнеше со очите. Токму како што чувар на бордел би сторил додека ги нуди своите девојки наоколу! Но, немаше ништо непристојно или намерно во тоа. Едноставно, тоа беше детско уживање на старецот кој, ете, станал малку будалест додека го очекува доаѓањето на новиот живот.
Еден месец пред Ката да се породи, Август почна да се трка со бебето кое требаше да дојде на свет. Две од собите сè уште не беа опремени а требаше да се направат и идните жители на куќата: маж, жена, три деца и куче. И куќарка за кучето. И станарите требаше да бидат направени од ореовина. Никогаш не ги сакал куклите од партали, а и не би биле соодветни ако се роди момче. Момчињата никогаш не си играат со кукли од партали, но луѓе и куче од ореовина се соодветни и за момчиња и за девојчиња. Секој зглоб од фигурата требаше да биде подвижен, луѓето ќе можат да седат, да стојат и да чекорат, да ги вртат главите и да мрдаат со прстите, а кучето ќе има подвижни вилици – така што лаењето ќе биде јасно видливо. Тој дури им ги замисли и лицата. Отпрвин, сакаше возрасните да личат на Ката и на нејзиниот маж. Но, зошто детето би сакало играчки со ликовите на својата мајка и татко? Ја отфрли таа идеја. Како воопшто можел да помисли на таква глупост!
Во последните денови работеше и ноќе. Само за да биде сигурен дека ќе ја заврши куќата на време. Потоа мораше да се откаже од кучето и реши дека во куќата ќе има само две деца. Последната сабота пристигна и бабицата рече дека Ката ќе се породи следната седмица. Август ја завршуваше куќната порта до мугрите и потоа прилегна еден саат пред Анте кожарот да дојде и со неговата кола да ги однесе него и играчката во Дубровник. Сè беше подготвено: мажот и жената седеа во фотелјите и гледаа еден во друг, децата трчаа пред куќата, чистата бела кујна сјаеше, чиниите беа поставени за појадок. Чиниите ги направи од гипс, наместо од ореовина. Зошто? Некако почувствува дека не прилега да се прават чинии од благородно дрво. Чиниите треба лесно да се кршат при семејни кавги и во моменти на очај. Сега, кога сè е наместено, чиниите на масата личат на времиња. Едната поставена за појадок, другата за ручек, третата за вечера. А потоа, од почеток. Во малиот свет на ореовата куќа, времето побргу минува. Пет минути детска игра се доволни за цел ден, а цела година минува во половина час. Во една вистинска година минува цел еден дрвен век. Во ореовиот свет човекот живее подолго. Живее онолку векови колку што имал детства.
Единственото нешто кое остана недовршено на куќата беше знакот над портата. Долго мислеше на него; на памет му паѓаа разни имиња, но ниедно не беше доволно добро. Можеби на детето тоа нема да му биде важно, но Август сакаше да смисли име за своето дело, најубавото нешто кое неговите раце го направиле, нешто кое вредеше за сиот труд во изминатите месеци и кое ќе ги оправда годините од неговиот живот. Можеби не е голем уметник, можеби само си замислува дека е исклучок меѓу дилетантите во столарството, но ова е нешто кое никој не може да го надмине. Никој на светот. А создадено е за само едно дете. Тоа го исполни со радост. Фактот што најважното дело изработено од ореовина му е наменето на само едно дете.

Од англискиот превод на Дарија Торе, превел Игор Исаковски

АвторМиљенко Јерговиќ
2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 46|